Достапни линкови

Ескобар за РСЕ: САД категорично го отфрлаат враќањето на српските сили на Косово


Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар

САД категорично се противат на можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово. Ова го изјави Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД, во интервју за РСЕ на вториот ден од неговата посета на Косово. Со него разговараше Амра Зејнели.

Запрашан да ја коментира изјавата на Александар Вучиќ, претседателот на Србија, кој најави дека на 15 декември Белград ќе побара од КФОР да ги врати силите на Косово, Ескобар одговори:

„Ние категорично се спротивставуваме, категорично го отфрламе, воопшто не го поддржуваме. Исто така, сакам да кажам дека Косово има многу солидни безбедносни гаранции од САД“.

На прашањето пак каква ќе биде реакцијата на САД доколку се случи такво нешто, Ескобар истакна:

„Прво, не очекувам такво нешто. Но, второ, Косово има цврсти гаранции од САД, манифестирани преку учество во КФОР“, додаде тој.

Габриел Ескобар пристигна во Косово во време на зголемени тензии поради повторените блокади на патиштата на патните правци на северот на земјата, кој е претежно населена со Срби. Блокадата ја ужива и поддршката на „Српска листа“, водечката партија на косовските Срби.

Во овој разговор, Ескобар дава и своја оценка за несогласувањата на САД, како со Приштина, така и со Белград, но на самиот почеток подвлекува дека ставот на Вашингтон за прашањето за Косово не е променет.

„Сметаме дека Косово и Западен Балкан се дел од трансатлантската заедница, само не дел од формалната структура. Но, во секој случај, ве сметаме за важни партнери и продуктивни членови на заедницата. Секогаш кога доаѓам овде, јас имам средби со бизнис лидери, граѓански сектор, влијателни луѓе и исто и овој пат. И тие навистина го зајакнаа моето мислење и мислењето на нашата влада дека Западен Балкан за Европа и САД претставува повеќе можност отколку ризик. И ние треба да ја претвориме таа аспирација во реалност“, вели Ескобар.

Господине Ескобар кого сметате за одговорен за барикадите на северот на Косово и актуелната криза што ја имаме овде?

Она што сакам да го кажам е помалку за барање виновник, а повеќе за тоа како да се оди напред. Во реалноста, сите треба да придонесеме во процесот и сите да придонесат за решавање на оваа криза. Јас навистина верувам дека барикадите треба да се отстранат од луѓето што ги поставија. Но, треба да им дадеме и политички пат за да можат да разговараат за своите незадоволства преку политички и дипломатски канали. Така ја гледам актуелната криза. И покрај кризата, треба да почнеме да размислуваме за поодржлива рамка за заеднички да работат заедниците во оваа земја.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека барикадите на север се под влијание на Белград, дали го делите тоа мислење?

Споделувам дел од тоа мислење. Меѓутоа, во моите разговори со тамошната заедница тие имаат поплаки кои треба да се слушнат. Мислам дека бојкотите и барикадите не се начин да се направи тоа, но мислам дека отворената комуникација, дијалогот и вистинското прифаќање дека постои недостиг на доверба меѓу двете заедници е важно за нас да можеме успешно да напредуваме.

Дали мислите дека нема доволно дијалог меѓу Приштина и локалната заедница?

Тоа е она што го слушнав од нив, како и од претставници на граѓанскиот сектор, и од други луѓе кои не се политички поврзани, дека во многу случаи се чувствуваат изолирани од централната власт. Во овој поглед, во некои случаи се чувствуваат и заплашени од некои луѓе кои се поврзани со Белград. Затоа, треба да најдеме излез од оваа замка, а патот напред е внимателна координација, отворен дијалог и целосно вклучување во дијалогот со посредство на ЕУ.


За улогата на Белград во барикадите

Дали Белград ги користи барикадите како изговор за да ја подобри својата преговарачка позиција во дијалогот?

Тоа останува да се види. Но, морам да кажам дека сè уште има елементи на недоверба меѓу таа заедница и централната власт. И што и да се случи, што и да правиме, мора да има доверба меѓу заедницата пред да имаме успешно решение.

Ако локалното население не ги отстрани барикадите, премиерот рече дека тоа треба да го направи КФОР и дека ќе го чека тоа. Дали мислите дека КФОР треба да ги отстрани?

Очекуваме да бидат отстранети од луѓето кои ги поставиле. Но, исто така, очекуваме да им се даде пат напред каде што би можеле да решат некои од прашањата. Има некои прашања каде што треба да бидеме цврсти. Некои прашања поврзани со владеењето на правото, легитимните потерници, тие прашања треба да се решаваат на суд, а не на улица. Меѓутоа, прашањата за управните процедури за табличките - тука треба да се слушне нивниот глас. Ја охрабруваме Владата да го слушне нивниот глас по ова прашање. Ќе продолжиме да работиме да ги зближиме двете страни и да го фокусираме нивното внимание на дијалогот преку ЕУ.

Протест на националисти во Белград за подршка на Србите на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

За улогата на САД

Како може САД и вие лично да придонесете за намалување на сегашните тензии?

И кажав на заедницата дека сум отворен да ги слушнам нивните грижи, доколку има легитимни грижи. Исто така, бараме начини да и помогнеме на оваа Влада да ги зајакне своите позиции за многу прашања. Но, најважното нешто што САД би сакале да го направат е да го видиме исполнувањето на Заедницата на српските општини. Им кажав на луѓето дека САД ќе ги водат напорите за оваа Влада да ги имплементира. Од наша позиција, тоа е правна меѓународна обврска, обврска за Србија и Косово, обврска ЕУ да помогне во тие преговори и бидејќи го поддржуваме дијалогот, тоа е наша обврска. Ниту еден политичар или политичка партија не може едноставно да отстапи од таа обврска. Ќе работиме на заедницата (на српски општини) тоа ќе биде наш придонес во процесот на дијалог.

Дали овие заедници треба да се реализираат пред конечниот договор?

Мислам дека, искрено, треба веднаш да се работи на заедниците, тие да бидат на дневен ред на следните разговори и да почнеме да размислуваме како тоа да го искористиме за да создадеме доверба меѓу Владата и малцинската влада. Не станува збор за Србија, туку за односот меѓу Владата и малцинската заедница, во границите на Косово, под структурите на уставното Косово и целосно во рамките на законите на Косово. Тоа го гледам како можност за подобрување на односите меѓу групите, а не како можност друга земја да се меша во внатрешните работи на Косово.

Косовскиот премиер Курти смета дека тоа треба да биде дел од конечниот договор и дека за него не треба да се разговара пред конечниот договор?

Тоа е веќе постоечка обврска. Сметаме дека сите постоечки обврски мора да се спроведат што поскоро.

Дали ги споделувате стравувањата на косовските лидери дека заедницата би можела да биде копија на Република Српска (ентитет во Босна и Херцеговина)?

Не, апсолутно не. Тоа не е механизам што ќе му се наметне на Косово, туку Владата на Косово ќе може да работи на тоа со меѓународната заедница и инволвираната заедница, со цел да се добие вин-вин решение. Со што се овозможува заштита на колективните права притоа овозможувајќи ја функционалноста и уставноста на независните суверени држави.

За француско-германскиот предлог за Косово и Србија

Ајде да зборуваме за француско-германскиот предлог, план во кој не се споменува меѓусебно признавање, членството на Косово во ОН. Дали тоа може да биде ниво на консензус за двете страни за конечен договор?

Разговорите за предлогот, кој силно го поддржуваме, се во многу чувствителна фаза. Сè уште е во многу рана фаза на разговорите, Мирослав Лајчак (претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија) ќе биде денеска овде, да ги започне разговорите и да продолжи напред. Ние го поддржуваме, мислиме дека е вин вин за двете земји и им создава можности да зборуваат за резолуцијата, заштитата на малцинствата, заштитата на културните и верските објекти и многу, многу други работи. Што ќе им помогне на двете страни да ја продлабочат европската интеграција.

Косовската влада не го прифати целосно планот, но рече дека тој е добра основа за преговори, велат дека фокусот им е на меѓусебното признавање, кое треба да биде центар на конечниот договор, додека за Србија тоа е заедницата. Што треба да биде во центарот?

Центарот треба да биде европската интеграција за сите земји од Западен Балкан. Во тој контекст, добар однос, одржлив однос на сите земји од регионот меѓу себе. И конечно, признавање на сите земји, нивното право на постоење, независност и суверенитет. Нашиот став никогаш не е променет во тоа дека признание треба да има. Сепак, редоследот на чекорите и како да се стигне до таму е прашање на дијалог. Но, нашиот став останува, дека земјите од овој регион, од целиот регион, за да одат напред, сите земји треба да имаат еднаков, почитуван и мирен однос меѓу себе.

И меѓусебно?

Да, апсолутно.

Очекувања од изборите на северот на Косово

Косово ги одложи изборите за април, што очекувате да се промени?

Видете, она што јас очекувам да се смени е, пред сè, итно да иницираме разговори за нормализација. Па се надевам дека тоа ќе започне. Второ, ќе започнеме дискусии за спојување до април. Мора да бидам јасен, ќе имаме спојување. Ние ќе бидеме дел од тој процес. А тој процес треба да ја вклучи и Владата на Косово. Ако не, можеме да ја водиме таа дискусија со алтернативни партнери. Со граѓанското општество, со младинските групи, со бизнис заедницата. Сите тие би сакале Србија и Косово да излезат од овој циклус на нестабилност. Тоа му штети на бизнисот, ја повредува иднината на младите. Сите сакаат да ги видат овие две земји како напредуваат.

XS
SM
MD
LG