Достапни линкови

Експлозии на чувства на изложбата на Лина Дамјан во галерија МКЦ


Лина Дамјан
Лина Дамјан

„Небото е сино“ е насловена третата самостојна изложба на македонската уметница Лина Дамјан што од 21 април до 10 мај ќе се одржи во Белата галерија на Младински културен центар – Скопје. Поставката е од амбиентален карактер и го претставува небото во апстрактна форма

Во годината кога Младински културен центар – Скопје го одбележува својот голем јубилеј – 50 години од формирањето и исто толку од заложбата да го промовира и афирмира творештвото на генерациите кои допрва доаѓаат на македонската културна сцена уште една изложба што несомнено ќе го предизвика вниманието на публиката.

Од 21 април до 10 мај во Белата галерија ќе се случи третата самостојна изложба на Лина Дамјан насловена како „Небото е сино“ (The sky is blue). Станува збор за поставка од амбиентален карактер и на неа таа го претставува небото во апстрактна форма. Од таму во каталогот ќе биде забележано дека „восхитувајќи се кон убавината и моќта на небото, делата на младата уметница се обидуваат да го фатат секој негов миг, секој атом и движење во него“. Дека на нив „преовладуваат сини тонови, од најтемни до најсветли, чиста бела и чиста црна боја (симболи за светлината и темнината во небото) преземена од поп-артот, а форматите се искористени во максималистички стил“.

Впрочем, не случајно, Горанчо Ѓорѓиевски, кустос во Национална галерија, во својот текст по овој повод пишува дека „оваа сликовност која ги оживува духовната состојба на исконската човекова загледаност во себе и сопственото место во космичкото беспатие и прикриената драматичност, својствена за авторовата креативна личност која го чувствува пулсирањето и промените во природата а индиректно и во општеството, нé враќа на праизворот на создавањето“.

Дека „суштински, принципите на светлината и нејзината пробивност во стварната, или симболичката визуелна семантика на темнината се спротиставени или соединети во целина која во својата единственост и силна енергија го привлекува вниманието на авторот и повикува на преиспитување на сопствените визии за светот“.

Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува единствен ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот кој ја опкружува преплетено со нејзината имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави. Овие сликовити претстави создаваат портал кој води до авторовите емоции и творечки сензибилитет. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните приказ(н)и кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Од тука се поставуваат и прашања: Што претставува небото во делата на Лина Дамјан?, Дали навистина небото е сино???... вели Ѓорѓиевски.

Тој е убеден дека: „Лина Дамјан со оваа изложба создава ново НЕБО на македонската ликовна сцена со своето творештво и со идните нејзини проекти очекуваме одговори на прашањата - Дали небото е сино?..., Што претставува небото и каде е неговиот лимит?...‘‘.

Лина Дамјан
Лина Дамјан

Но која е младата уметница Лина Дамјан?

Родена 1997 година во Скопје, Лина во 2020 година дипломирала а на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на катедрада за сликарство кај професорот Антони Мазневски. Досега има реализирано две самостојни изложби, ,, Пиктографија‘‘ во домот на културата ,,Илинден‘‘ во Демир Хисар, 2021 и ,,Renaissance fragments‘‘ истата година, како дел од проектот ,,Триаксијална полицентричност‘‘, преку кој млади уметници самостојно изложуваа во јавен простор на територија на град Скопје.

Инаку, за време на студиите била учесник на Фестивалот на уметноста на младите ,,Via Pontica“ во Балчик, соседна Бугарија, а нејзините тогаш изработени дела биле изложени во тамошната уметничката галерија. Покрај ова учствувала и на повеќе групни изложби во Македонија и во земјите од регионов.

И, кога ова е веќе познато, Лина Дамјан говорејќи за насловот на својата актуелна поставка ќе рече дека „небото е еден замислен поим, именка, всушност тоа е човечката интерпретација за просторот во универзумот кој е видлив за нас“. Па така, како што појаснува, „небото е сино за нас, од овоземна перспектива и време, но кој би знаел какво е од некоја друга незамислива позиција“.
Во небото е слободата, во небото се мечтите и трансцедентните доживувања. Така и оваа изложба е составена од дела слободни сами по себе. Во тоа подразбирам: големите формати, фантастичните, а луцидни форми, репетитивност, експериментирање со медиумите, па така и звучните и светлосните стимулации за време на поставката, смета уметницата.

Плакатот за изложбата на Лина Дамјан
Плакатот за изложбата на Лина Дамјан

Таа и со појаснување дека всушност „глобалното третирање на социјалните и општествените теми, како мода во уметноста беа инспирација и мотив за овие творби“.

Јас движам дијагонално од тие теми бидејќи оваа изложба е создадена од експлозии на чувства, рефлексија на моето размислување и естетика. Фокус на игра со тонови од една боја и светлина е она што ја карактеризираат оваа изложба. Таа се состои од седум дела, видеопроекција, три дигитални слики, принтови и три платна од кои едното е диптих. Пластично и надреалистично претставување на небото во секое дело, со посебна синтетичност во дигиталните слики, но сепак со органски линии. Видеото, анимацијата е движење низ просторот, исполнето со амбиентална музика, со вибрирачки звуци и ангелски гласови, вели Лина Дамјан.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG