Достапни линкови

Државата наплаќа симболично за експлоатацијата на природните ресурси


Архива - Ископ (каменолом) на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа. Околу 50 видови минерални суровини експлоатираат фирмите кои за тоа добиле концесии од државата, објави Центарот за граѓански комуникации.
Архива - Ископ (каменолом) на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа. Околу 50 видови минерални суровини експлоатираат фирмите кои за тоа добиле концесии од државата, објави Центарот за граѓански комуникации.

Граѓански организации објавија колкав надоместок плаќаат фирмите за експлоатацијата на минералните суровини. Но, во јавноста се отвори прашањето дали сумите се соодветни на влијанието врз животнта средина, со оглед дека е опфатена површина од 1,4 проценти од територијата на Македонија.

Стотици концесии за користење на минерални суровини и води издала државата пред две години, на фирми кои прават ископ на руди, песок или други суровини.

Вакви податоци овој месец објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) - здружение на граѓани кое својата работа, меѓу другото, ја фокусира врз мониторинг на државните институции.

Според ЦГК, во 2019 година вкупно 264 фирми добиле концесии за користење на минерални суровини, а државата издала 358 концесии кои опфаќаат површина од 349 километри квадратни, што е 1,4 проценти од вкупната територија на Македонија. Од друга страна, според истражувањето, за експлоатацијата на минералните суровини државата наплатува околу 8,2 милиони евра.

Но, дали добиената сума на пари од концесиите е соодветна во однос на влијанието и создадените штети врз животната средина и врз биодиверзитетот при процесот на вадењето на минералните суровини?

Побаравме став од Министерството за животна средина и просторно планирање. Одговор не добивме до објавувањето на текстот.

Концесиите се само еден аспект од влијанието врз животната средина. Но, зошто е важно на кој начин државите менаџираат со природните ресурси и како ја заштитуваат природата и живиот свет? Живееме во време кога светот на глобално ниво се соочува со последици од создадените огромни штети врз природата од влијанието на човекот и неговата деструкција, поради што се случува драматично исчезнување на милиони видови животни. За помалку од половина век, популацијата на дивите животни е намалена за две третини, според Светскиот фонд за заштита на природата (WWF Adria). Тука е вклучено уништување на шумите, неодржливото земјоделство, нелегална трговија со диви животни...

Македонија е мала земја во споредба со големите индустриски развиени земји. Но, според Лилјана Поповска од Зелениот Институт, која е поранешна пратеничка од партијата ДОМ, овој број на концесии не е одржлив, како што вели, токму поради малата површина која ја има Македонија. Таа посочува дека со овие концесии се прави узурпација во природата и врз живеалиштата на луѓето и на биолошкиот диверзитет.

„Неодржливо голем е бројот и навистина зачудува тој број. Од друга страна, второто прашање е како може за толку смешно мали суми да бидат издавани концесии“, вели Поповска.

Инаку, за добиените концесии компаниите плаќаат надомест по две основи, наведува ЦГК во истражувањето: првата основа е за користење на површината, а втората за експлоатираните количини.

„По првата основа годишно се прибираат само околу 800 илјади евра, додека по втората основа, за количината на експлоатираната суровина се прибираат 7,4 милиони евра. Или вкупно по двете основи се прибираат околу 8,2 милиони евра“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Најголем надомест од 2,2 милиони евра годишно за експлоатација на руда плаќа рудникот САСА, а потоа следува рудникот Бучим со 1,2 милиони евра, што заедно плаќаат 43 отсто од вкупните средства за експлоатација на суровините, според ЦГК. Трети се Електрани на Северна Македонија со надомест од 872 илајди евра.

Висините и процените на надоместоците се определени во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини.

Поповска вели дека врз овие тарифници јавноста нема увид, туку дека тие ги прават министерствата врз кои одредуваат надоместок којшто е „симболичен“ за направените штети, вели таа.

„Еден заклучок е дека надоместоците треба да бидат многукратно поголеми, а второ е дека мора да се намали и бројот на концесиите, местото каде што се издаваат и строго да се ограничи каде воопшто може да се издаде концесија за користење на природни ресурси“, вели Поповска.

Во однос на територијата, најмногу концесии за експлоатација на суровини се издадени во општина Прилеп - 32, а потоа следат Гостивар со 21, Струга со 18 и Сопиште со 15, според податоците на ЦГК.

Исто така во истражувањето на ЦКГ е наведено дека фирмите експлоатираат околу 50 видови минерални суровини, а најмногу концесии се издадени за варовник 110, за вода 47, за песок и чакал 43, за мермер 33, за кварц 30 и за глина 15 концесии. Најмогу концесии, по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје. Шест концесии има МИСА-МГ од Скопје, пет концесии има Кнауф Радика од Дебар.

Инаку, во моментов е формирана работна група во рамки на алијансата „Разбистри се!“ која работи на предлози кои сметаат дека треба да бидат дел од новиот Предлог-закон за минерални суровини. Некои од предлозите се строго дефинирање на места и региони каде не смее да се издаваат концесии за минерални суровини, како на пример во близина на населени места, плодни ниви, туристички места, археолошки наоѓалишта...

Во изминатиов период од неколку години беа формирани повеќе граѓански иницијативи поради тоа што државата издаде десетици нови концесии за експлоатација за минерални суровини, меѓу нив и за рудници за бакар и злато поради што во неколку општини во источниот дел на Македонија беа организирани референдуми за спречување на овие проекти. Некои од наведените агрументи на граѓанските здруженија кои се противеа, покрај заканите за животната средина и природата, беше токму и нискиот надоместок што државата го зема од концесиите.

Поповска се согласува дека во новиот закон ова прашање треба да биде регулирано, со тоа што сумите, како што вели, треба да бидат неколкукратно зголемени, бидејќи земјата „трпи штети врз животната средина“, а за тоа не добива соодветен надомест.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG