Достапни линкови

Неуспехот - тема на проектот на Драгичевиќ и Локомотива


„Неуспехот како пракса“ - проект на уметникот Дарко Драгичевиќ, Локомотива и Гете институт Скопје

Во периодот од 29 декември до 15 јануари, Локомотива – центарот за нови иницијативи во уметноста и културата онлајн ќе ги презентира видео интервенциите од проектот „Неуспехoт како пракса“ на уметникот Дарко Драгичевиќ остварен со соработници од повеќе европски земји.

„Неуспехот како пракса“ е тринеделен проект на Локомотива – центарот за нови иницијативи во уметноста и културата остварен во соработка на Гете-Институтот Скопје и Дарко Драгичевиќ на која шесте поканети уметници од пет различни европски земји соработуваа и размислуваа за општото разбирање на Неуспехот во различни социо-политички контексти.

За таа цел авторот и Рут-Јохана Андерсон од Стокхолм, Шведска, Кристина Цупке од Берлин, Германија, Нина Мешко од Љубљана, Словенија, Зорица Милисављевиќ од Белград, Србија и македонските творци Владимир Јанчевски и Зорица Зафировска, се служеа со серија на аналитички и практични задачи како средства за набљудување и алатки на дискурс за понатамошна интерпретација на потенцијалите на глобалното разбирање на Неуспехот и неговите трансформативни моќи во продуцирање на новостекнати знаења.

Во текот на работните онлајн сесии се размислувало за темите наколективитетот, телото/телата во приватниот и јавниот простор и соработките споделени низ призмата на културната и колективната меморија на секој учесник.

Проектот и уметничката насока се засноваат на концептот на Неуспехот и односот спрема него. Неуспехот е нешто од што се срамиме, сакаме да го скриеме, да го направиме незабележлив. Успехот нè интегрира, додека неуспехот значи да бидеме отфрлени од општеството. Но, што се случува кога не-нормативни тела стапуваат на сцена, отворајќи нови простори на контрахегемонски можности? Овие нови можности би можеле да ги означат поместувањата на постојните конфигурации со преуредување на хегемонистичката доминација на државата, институциите и нормативните политики како алтернативни етички погледи, ќе забележат од Локомотива во пресрет на онлајн претставувањето на видео интервенциите.

Дарко Драгичевиќ

Проектот „Неуспехот како пракса“ започнал во мај 2017 година како серија работилници предводени од Дарко Драгичевиќ, изведбен и визуелен уметник.

Учесниците на работилницата биле членови на „Градска герила“ - група млади уметници и активисти. Проектот е реализиран во Белград, со поддршка од Гете-институт Србија. Две години подоцна Гете институтот ја објавува книгата/каталог со истиот наслов и проектот - „Неуспехот како пракса“ е презентиран меѓународно на различни фестивали, универзитети и на други курирани платформи.

Роден во Белград, Драгичевиќ во последниве неколку години живее и твори генерално во Берлин. Работи на интердисциплинарни проекти и на крос-медиумски соработки како проширени практики во областа на визуелните уметности, перформансот, кореографијата и филмот.

Неговите најнови проекти се кореографиите „Јас сум сега ... бесконечност“ со Ј. Заложник (премиерно прикажана во јануари 2020 година во Кино Шишка, Љубљана), „Прегратка“ со J. Еврард (премиерно прикажана во февруари 2019 година на Open Spaces Sommer Tanz Festival Berlin), просторно специфичните интервенции „Неуспехот како пракса“ (претставени во ноември 2019 година и на КоФестивал Љубљана, јули 2019 година, Open Spaces Sommer Tanz Festival Berlin) и двете книги: „Неуспехот како пракса“ (објавена во март 2019 година од Гете-Институтот Србија) и „The Readymades“ со J. Холтен (реобјавена во септември 2019 година од Broken Dimanche Press).

Оваа година Драгичевиќ соработувал на различни проекти со уметници како Кристина Цупке, Јасна Лејес Виновршки, Мартин Сондеркамп, Јасмина Заложник, Сири Јентветд, Маргрет Сара Гудјонсдотир и други. Тој е уметнички директор и уредник на проектот „Лагата и грабежот како пракса“ направен во соработка со Гете-Институтот во Белград.

Драгичевиќ предава на неколку високошколски институции DOCH - Школа за танц и циркус на Универзитетот за уметности во Стокхолм, Шведска, Центар за современ танц ZZT и на HfMT во Келн, Германија, и на Универзитет Tanzquartier и Y-Institut/ Hochschule der Künste во Берн, Швајцарија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG