Достапни линкови

„Драга Републико“ - есеј во движење што ја довикува слободата


Дел од уништената зграда на Пошта Фотографии: Драгица Николовска

Со идеја да предупреди на вечниот дух на фашизмот, од 26 септември до 2 октомври, во зградата на Централната пошта Скопје, се одвива „Драга Републико“, перформанс што како автори го потпишуваат Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева во соработка со кореографката Викторија Илиоска.

По две години од овенчаниот со „Златна трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор „Оваа зграда зборува (на)вистина“ и потем неговиот следбеник „Универзална во пламен“, уметниците и општествено-културни соборци Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева еве ги со „Драга Републико“, како завршница на трилогијата посветена на модернистички згради во македонската метропола.

Станува збор за перформанс-есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од репрезентативните модернистички објекти во земјава. И, во најавата за овој проект, каде од голема помош им била соработката со кореографката Викторија Илиоска, ќе биде забележано дека тие „преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформи комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик кој се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми. Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено-политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој“.

И, кога ова е веќе познато, не случајно во своето обраќање до јавноста пред премиерното претставување што се случи во неделата на 26 септември годинава, авторите откако ќе потсетат на настанот што во јануари 2013 година уништи дел од зградата на главната пошта во Скопје меѓу другото ќе забележат:

Драга Републико, Духот на Вечниот фашизам секогаш е тука! Еве го дува, како ветрот на гробиштата! Еве го на плоштадот, меѓу толпата мускулести мажи, воини од гипс и железо, по гаќи, со пламен в рака, ене го во тупаниците што ги удираат различните со крстот високо угоре, ене го зад булдожерите кои врз парковите градат приватни палати, ене го искри во пламените што ги голтаат нашите шуми, нашите згради, нашите тела.

Мораме да бидеме во состојба на постојано внимание за да не биде заборавена неговата тенденција на ирационалност, култ кон традиција и одбивање на што било прогресивно, различно и со тоа несогласливо, кое ја зголемува фрустрацијата и создава безброј идеи за заговори и непријатели, а со тоа и перманентно војување за да се докаже својата непобитност, својата величина и херојство, мачизмот и народството...

Наша должност е да го откриеме и да впериме прст во неговите појави! Секој ден, во сите делови на светот! Затоа правиме една приказна во движење, еден перформанс-есеј што треба да потсети на она на што ти нè потсетуваш – на антифашизмот, на заедништвото, на борбата за слобода!

Драга наша Републико, можеме ли повторно да те замислиме? И дали, ако доволно силно те замислиме, ако истегнеме грб и ги отвориме градите широко, засукаме ракави и силно работиме, дали може нашата замисла да стане реална во своите последици?

S
S

А, по неколкуте изведби кои несомнено предизвикаат интерес во јавноста и реакции од типот „фала им на Филип, Кристина, Ивана и екипата што не потсетија на некои многу важни нешта и тоа на толку инвентивен начин!“ или „ "Драга Републико", ништо полесно не ни е ни денес кога секој ден на опстој е борба на живот или смрт. Кога знаеме кој се учествувал во твоето градење и подигање, на Скопје по земјотресот, 1963, а не знаеме уште кој и уште што катадневно ќе те разградува“, ги бележиме и размислите на авторите.

Визуелниот уметник Филип Јовановски истакнува дека во овој перформанс есеј се бават со РЕПУБЛИКАТА, со јавната работа и на тој начин објектот го читаат од неколку гледни точки, во контекстот на општеството тогаш пред 50-тина години кога е изграден како врвно архитектонско и уметничко ремек дело каде врската и соработката на Борко Лазески и Јанко Константинов, кои биле колеги од уметничката група ДЕНЕС, се одразува и во самата приказна/концепт за зградата, а тоа се начинот како се инкорпорирани фреските во просторот кои носат порака за антифашизмот.

Ние, денес, сега, се бавиме со остатоците од тоа општеството(зграда) кое навистина, буквално изгоре до темел. Се прашуваме можно ли е одново да ја изградиме републиката, да го изградиме општеството врз пепелта што остана? Можно ли е одново да го откриеме антифашизмот кој и тоа како е денес потребен, кога духот на вечниот фашизам владее со светот и Европа? Еве го тука, па само на 100 метри од објектот на Пошта сеуште имаме плоштад полн со голи бели мажи САМО Македонци, Прометеј во гаќи со пламенот кој едвај чека некој повторно да го разгори ако не разбереме колку е важна таа нова антифашистичка борба, вели Јовановски.

Тој и со дополна дека за него важен аспект во постапката што ја употребуваат во перформансот, е начинот како го „користат" театарот како алатка („го цитираме театарот“) за да произведат уметничка, интередисциплинарна современа форма, која ќе одговори на конкретниот контекст, во случајот изгорениот објект на Пошта.

Во овој контекст Кристина Леловац истакнува: ​

Театарот, како и во досегашните проекти, и во „Драга Републико“, го користиме исклучиво како средство. Тој и досега не ни бил, а и во случајот на овој перформанс не ни е цел, ами средство за привлекување, задржување, про прашување и предизвикување на вниманието, а особено на очекувањата на публиката.

Не „играме“, ами се залагаме.

Не говориме, ами застапуваме.

Праксата што ја развиваме, на наша среќа во заедницата/аедништво со екипата посветени ,лади акѕтери и пејачи - од кои најголем дел во овој проект влегоа со искуството од „Универзална во пламен“ е втемелена во општествениот контекст и одговара на ресурсите што ги имаме/ немаме на располагање. Ако воопшто треба да го дефинирам она што го создадовме заедно во однос на театарот, „Драга Републико“ е единствената претстава што во општествениот момент во кој живееме, може да се одигрува во архитектонско ремек дело, лоцирано во главниот град на светската солидарност, уништено до не препознавање од негрижа, игнорирање и корупција.

Кураторката Ивана Васева, пак, потсетува дека „Драга Републико“ се надоврзува на неколку претходни уметнички обиди, процеси и дела и дека ним драго им е што стигнале до една прочистена линија, на политичко и уметничко критичко ниво, која говори за постојаната тенденција на рушење, деградирање и силување на се што е хуманистичко и вредно за сите нас, тенденција која не запира и покрај сите колективни обиди.

Би ја трасирала линијата уште и пред ,,Кога зградите зборуваат", односно проектите за Железничка зграда и Универзална сала во Скопје или нешто што го нарекуваме трилогија за (пред)модернистички згради. Односно, овој израз го ,,тестираме" и во предлогот за опера во три чина ,,Три лесни парчиња" која во 2012 година ја работевме со Филип Јовановски или перформанс – есејот „Предлог за споменик на комунистичката курва“ со Филип и Кристина Леловац во 2017 година.

Овој одличен тим се надгради и преку соработката со Викторија Илиоска чиј изведбен сензибилитет се почувствува во ова ново дело.

Драго ми е и дека воведуваме една нова интердисциплинарна линија на уметнички израз во нашата уметничка средина и се надевам дека ќе имаме се повеќе можности да ја продлабочуваме и градиме, смета Васева.

А, во однос на нејзиниот ангажман како кореографка и за развојот на перформансот Викторија Илиоска појаснува дека „движењето ја истражува близината и оддалеченоста на субјектот во една поголема формација на група, народ“. Дека публиката од самиот почеток е поставена во заедништво, но дека кон крајот на претставата секој успева да го добие својот индивидуален простор за прифаќање на вистината“.

Така и целокупниот процес беше зависен од заедништвото и мобилизација на капацитетите. Познавајќи ја работата на Кристина, Ивана и Филип, ми претставува особено задоволство што успеавме да ги "спрегнеме снагите" за една посилна мисла, со надеж дека истата ќе потсети на борбата која е темел на ова општество, антифашистичката. Како што тимот секогаш потсетува со секоја нивна работа "Ова општество е во изградба!" а изградба е глагол, процес и работа, ќе рече Илиоска.


И кон нивните изјави уште информацијата дека Проектот е реализиран со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години независностна Република Македонија. Во реализацијата на проектот учествуваат и Емилија Чочкова, Дениз Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Симона Димковска, Нина Елзесер, Изабела Јакимова, Нела Павловска, Сандра Танчева, Дамјана Апостоловски, Мартин Блажевски, Мариана Бошковска, Шинаси Рамадан, Дино Хрџиќ, Иванчо Велков, Миле Крстевски, Владо Димоски, Александар Јовановски и Миа Николоска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG