Достапни линкови

Доаѓа жешко лето - колку службите се подготвени да гасат пожари?


Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на прес-конференција

Ќе имаме 2 авиони на Дирекцијата за заштита и спасување и 3 хеликоптери вкупно за гасење на пожари, вели во разговор за РСЕ, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Тој посочува и дека бројот 112 за пријавување на итни случаи функционира успешно.

Господине Ангелов температурите ќе растат, а со тоа и ризиците од пожари. Колку надлежните институции се подготвени соодветно да одговорат?

Па, би рекол дека се подготвени. Малку повеќе од минатата година. Се разбира имаме доста слабости, особено околу човечкиот фактор. Бројот на вработени пожарникари, но и бројот на други лица во другите служби кои што се надлежни за гаснење на пожари како што се условно да ги наречам противпожарните служби на национални шуми. Но и на другите национални паркови и други субјекти кои што се должни да имаат ваква противпожарна служба. Воедно и опремата знаете дека имаме недостаток особено на покрупната опрема, како што се цистерните и бројот на хеликоптери и итн. Можам да кажам дека за разлика од минатата година, оваа година ќе имаме еден хеликопетр повеќе. Тоа е хеликоптер на МВР, кој што е оспособен со соодветна опрема за гаснење на пожари и посадата на хеликоптерот има завршено соодветна обука. Воедно и еден од авионите на Дирекцијата за заштита и спасување се врати и е функционален, а вториот треба да се врати во следниот период, односно го очекуваме благовремено пред појавата на сезоната на пожари. Значи ќе имаме 2 авиони на Дирекцијата за заштита и спасување и 3 хеликоптери вкупно за гасење на пожари. Два на АРМ и 1 на МВР.

По една деценија најави, европскиот број 112 е ставен во функција. Какво е искуството досега?

Секторот и покрај сите тешкотии со кои што се соочивме функционира успешно. Ние како Центар за управување со кризи сме горди на овој сектор, каде што работат врвни професионалци кои што поминаа соодветна обука. Дневно во последниот период имаме по околу 1500. Со тоа што од околу овие 1500 повици, оправдани се околу 30 проценти. Околу 22 проценти се напуштени повици. Но, најголем број се така да кажам условно неоправдани или лажни повици и тоа се

околу 47 проценти. Притоа дел од овие неоправдани повици се злонамерни. Кога некој злонамерно се јавува за да ја држи линијата зафатена, да ги нвредува примателите на повици и итн. Но, дел од нив се ненамерни кога луѓе од незнаење вртат на 112 да добијат информација, која што не е во надлежност на службите 112. Но, ние сме максимално љубезни и се обидуваме да ги упатиме граѓаните на вистинската адреса каде што може да добијат потребната информација. Се разбира имаме одредени повици кои се целосно ненамерни. Значајно е да напоменам дека сите разговори се снимаат и сите злоупотреби може да бидат процесуирани доколку јавното обвинителство процени дека има основ за покренување на процедура.

Лани беше најавено дека работна група на Владата ќе треба да ја согледа состојбата со ситемите за управување со кризи. До какви сознанија дојде оваа работна група и имате ли некаков извештај добиено?

Во суштина и оваа и претходната Влада беа свесни и се свесни за слабостите на системот за управување со кризи. Јас сум веќе една и пол година директор и можам да кажам дека системот за управување со кризи е функционален онолку колку што ние функционална целата држава. Значи имаме одредени слабости.

Свесни за слабостите во целиот систем за управување со кризи почнувајќи од највисоко ниво, Советот за безбедност одржа седница на која што се расправаше за системот со управување со кризи. На таа седница учествував јас и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Заклучок на Советот за безбедност беше да препорача на Владата итно да се формира работно тело кое што ќе понуди нов систем за управување со кризи. Зборуваме за хируршки промени, не за козметички прoмени како што се правело во последниот период. Од страна на Владата потоа на наредната седница беше донесена ваква одлука и Центрот за управување со кризи и јас како директор бевме задолжени да формираме работна група составена и од професионалци кои што работат во сферата на кризниот менаџмент, но и од луѓе од науката и во одреден рок да понудиме решенија. Но, оваа одлука на Владата беше променета и веднаш потоа се случија локалните избори. Оставката на поранешниот премиер и едноставно работата има одреден застој и во овој момент повеќе информации не би можел да ви кажам.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG