Достапни линкови

Дино Имери солист со Филхармонија на концертот „И тело и душа“


Дино Имери

Бетовеновите Концерт за пијано и оркестар бр.5 и Симфонијата бр.7 ја чинат програмата на претстојниот концерт на Филхармонија „И тело и душа“, кој ќе се одржи в четврток на 12 ноември од 20 часот. Солист ќе биде македонскиот пијанист Дино Имери, а ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел.

Долга и природна е врската пијанистот Дино Имери со Филхармонија. Впрочем како на секој врвен македонски уметник со оваа национална установа. Само во изминативе неколку години, од 2017 до денес, бележити се концертите „Поезија и драма“, „Нов почеток“, самостојниот и рециталите со виолинистите Мартин Димитров и Бојан Илковски, концертот на Музичка младина посветен на маестро Саша Николовски Ѓумар... И, така полека доаѓаме до актуелниот „ И тело и душа“ закажан за овој четврток, на 12 ноември во 20 часот.

На него Имери ќе биде солист на пијано во изведбата на Концертот за пијано и оркестар бр.5 во Ес-дур, а истата вечер на програмата е уште едно дело на класикот Лудвиг ван Бетовен - Симфонијата бр.7 во А-дур, оп.92. Со Оркестарот ќе диригира нам добро познатиот маестро Јерухам Шаровски од Израел.

И, кога сме веќе тука чисто како потсетување. Во литературата стои дека Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур од Лудвиг ван Бетовен е еден од најсовршените и најчесто изведувани дела на светската музичката сцена. Создаден е во периодот меѓу 1809 и 1811 година во Виена, и претставува соврешен премин од класицизам во романтизам, сублимирајќи ги придобивките од двете музички епохи. Оркестарот во ова дело не е само симфониска, туку совршена придружба на пијаното. Во него Бетовен создава етерични ефекти кои презентираат поинаква категорија од стандардната оркестарација типична за времето во кое бил создаден овој концерт. Соло пијаното ја следи и развива техниката на инструментот со чувство на слобода и брилијантност.

Дино Имери
Дино Имери

И, кон ова еве што вели пијанистот во пресрет на неговата изведба во Филхармонија.

Ме радува новата соработка со Филхармонијата, како и со маестралниот диригент Јерухам Шаровски чија работа ја следам со голем интерес низ годините, а во оваа пригода ќе ја оствариме нашата прва соработка.

Особено ми е драго што сум вклучен во големата музичка прослава кон јубилејот на генијалниот композитор. Бетовен го пишувал својот петти клавирски концерт во засолништа и подруми кога врз Виена, армијата на Наполеон пукала со топови.

Самиот ќе каже, „бев опкружен со беда и мизерија, страв и неизвесност“. Но, од целата таа ситуација тој успеал да ги пронајде најубавите, највистинитите звуци. Звуците на триумфот на човекот над сопственото страдање.

Мислам дека денес, иако не сме опкружени со топови, се наоѓаме во слична ситуација, во војна со вирусот. Се надевам дека примерот на Бетовен ќе не' поттикне сите, а воедно и ќе не' потсети на нашата човечност и љубов кон животот, вели Дино Имери.

Инаку, роден 1990 година Дино Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија...

Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на Третиот Европски Пијано Натпревар одржан во Нормандија, Франција. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма - проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска...

Дино Имери
Дино Имери

Во 2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање на филмска музика. Редовно одржува рецитали, а активен е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли, а деновиве за PMG Jazz излезе неговиот нов албум „Reflections“ чија промоција треба допрва да се одржи.

Кон ова само уште неколку реченици за маестро Шаровски.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина Јерухам рано започнува да изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град.

Јерухам Шаровски
Јерухам Шаровски

Во раните 1970-ти имигрира во Израел каде што дипломира на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалимз аедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG