Достапни линкови

Дигитализацијата во пракса-печатени учебници, недостиг на таблети, збунети ученици


Родители на четвртоодделенци се жалат дека во училиштата нема доволно таблети за реализација на новата реформа. Од МОН велат дека распределбата на таблетите се врши согласно информациите кои ги добиваат од училиштата и додаваат дека дигиталниот учебник или уред не се користат интензивно во наставата

Таблети има, ама нема доволно во училиштата. Печатени учебници има, ама и тие не се доволно за сите ученици во четврто одделение. Уште на самиот почеток од учебната година, новата образовна реформа за четвртоодделенците предизвика нервоза кај родителите. Повеќето од нив велат дека дигиталното образование не функционира како што беше замислено и најавувано, бидејќи дел од училиштата или немаат смарт табли, или недостигаат таблети, па родителите на свој трошок печатат учебници, а учениците домашните ги пишуваат во тетратка или наставни ливчиња.

„Министерката вика да бараме таблети од училиштата. Како да го направиме тоа кога во училиштето на моето дете има само 25 таблети, а над 100 ученици во четврто одделение. Смарт табла нема. Дигиталните учебници ги симнавме на компјутер, но наставниците не можат да ги проверат домашните кои се решени онлајн. Ова е се, само не дигитално образование“, вели мајка на четвртоодделенец која сакаше да остане анонимна.

Слични искуства има и во училиштата во другите градови.

„Во одделението кај син ми на пример, од еден таблет гледаат тројца ученици. Од училиштето добивме само една книга во печатена форма, а домашни не пишуваат електронски, туку само во тетратка“, вели Александар од Тетово.

Министерката за образование Мила Царовска деновиве изјави дека дека родителите се тие кои треба да си побараат таблет од наставниците или од училиштата. Но, претседателот на СОНК, Јаким Неделков истакнува дека во голем број од училиштата нема електронски уреди за реализација на наставата за четврто одделение.

„Таблети дефинитивно нема секаде и дефинитивно не се сите училишта опремени со смарт табли и други дигитални помагала. Од таа причина мора пореално да се пристапи кон овој проблем. МОН излегува со информации дека обезбедиле 10 000 таблети кои ќе бидат поделени по училиштата. Информација имаме дека 1/3 се поделени, а 2/3 не се. Прашањето е зошто не се делат имајќи предвид дека според нашите информации во најголем од училиштата каде дигитализацијата е почната, учениците од четврто одделение, немаат добиено таблети и прашањето е дали податоците од МОН се вистинити“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во неделното интервју на радио Слободна Европа.

Од Министерството за образование и наука појаснуваат дека од набавените 10 000 таблети, над 3000 се распределени по училиштата на оние ученици кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, а распределбата се вршела согласно информациите кои ги добиваат од училиштата за овие ученици.

„За сите ученици за кои досега ни се доставени податоци, извршена е испорака на таблет уреди, а секако доколку општините се обратат за обезбедување на дополнителни уреди, МОН може да излезе во пресрет и да распредели од преостанатиот фонд кој не е распределен. По однос на интерактивните табли, истите општините и училиштата ги набавуваат индивидуално, со поддршка од МОН преку блок дотациите кои им се префрлаат на месечно ниво, а воедно и како министерство набавивме 40 смарт табли за дел од училиштата кои немаа доволно средства“, велат во одговорот од МОН.

Од ресорното министерство додаваат дека дигиталниот учебник или пак, електронскиот уред не се користат интензивно во наставата и дека во училницата и понатаму главна алатка за совладување на наставната материјал е интеракцијата наставник – ученик.

Во оваа насока Неделков ги охрабрува родителите на учениците кои имаат проблеми со дигиталните учебници да не ги печатат истите на своја рака.

„Согласно законите за основно и средно образование, државата е должна да обезбеди бесплатни услови за учење на децата. Од таа причина училиштето преку општината и МОН се должни на секој ученик да му обезбедат средства и помагала за учење. Од таа причина родителите преку родителските одборите треба многу сериозно да реагираат ако немаат обезбедено бесплатно образование. Ако реформата почнала со дигитализација, тоа е проблем на МОН и локалните самоуправи ако не обезбеди услови а реформата отпочнала предвреме, “ вели Неделков.

И од МОН потврдуваат дека нема потреба од индивидуално печатење на учебниците.

„Доколку одреден ученик има потреба од печатени материјали и тоа е во интерес на стекнување подобри резултати при учењето, секако дека на истиот ќе му се овозможи тоа. МОН испечати тираж за 20% од бројот на ученици во генерацијата која е сега четврто одделение. Така што, нема потреба од индивидуално печатење на учебниците, додека пак, печатењето заради бизнис цели подразбира повреда на авторски права“, истакнуваат од Министерството за образование и наука.

Министерката за образование Мила Царовска останува на ставот дека ученикот треба да се мотивира да го користи дигиталниот учебник, затоа што таму, како што додава, има содржина која што ќе му даде можност да истражува.

„Но главно, дигиталните учебници треба да се користат како дигитални секаде каде што има можност затоа што квалитетот на учебник кој е дигитален и целта што треба да ја постигне никако не може да се постигне со печатен учебник“, изјави Царовска во интервју за тв Сител.

Иако воведувањето на новите дигитални учебници предизвика доста реакции во јавноста, па дури и протести на група граѓани кои се организираа преку социјалните мрежи, но од МОН останаа на ставот дека одлуката за дигитални учебници е исправна.

Од оваа учебна година, новата концепција за основно образование се спроведува во прво и четврто одделение, додека наредната година, по неа да учат и учениците од шесто одделение. Етапно потоа, концепцијата треба да „влезе“ и во образовниот процес на седмооделенците, година потоа таа ќе „стигне“ до учениците во осмо одделение, па потоа и до учениците од деветто одделение.

Според учесниците во изготвувањето на новата концепција, придобивки се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG