Достапни линкови

Борба против дигитализацијата или судир на идеологии?


Ученик и наставничка со заштитни маски на час во време на пандемија, Скопје 2020

Судир околу дигитализацијата на образованието или судир на идеолошки концепти е дилемата што се отвори откако групата родители кои се против дигитализацијата побараа и исклучување на сеопфатното родово сензитивното образование.

Осум конкретни точки поднесе иницијативата „Учебници и настава мора да има“ до Министерството за образование минатата недела, а бидејќи од министерството немалe слух за нивните барања најавија протест.

„Следен чекор кој ќе го преземеме е организирање на протестни маршови во сите градови ширум земјава. Па така, во сабота во 12 часот започнуваат протестите како во главниот град, така и во сите други“, рече Драгана Спасевска, претставник на иницијативата и најави дека ќе поднесат и барање за задолжителен референдум за измените на законот за учебници.

Спасевска: родово сензитивното образование ќе го зголеми булингот
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:59 0:00
Директен линк

Дигитализацијата е почетната точка околу која се собраа овие родители во групата на Фејсбук. Нивната позиција е дека тие не се против дигитализацијата на образованието, но дека хартиените учебници мора да останат во основното и средното образование, а дигиталните да бидат дополнителна алатка. Планот на министерството, пак, е хартиените учебници да ги има од прво до трето одделение, а од четврто нагоре да учат од дигитални.

Конкретно осумте барања на иницијативата се - хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование за основците, етика на регилигиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, да се аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети, да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост, да се креираат протоколи за настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот.

Втората точка- исклучување на родово сензитивно образование од реформите поттикна дебата дали покрај за спротиставување на дигитализацијата се работи и за судир на идеологии.

Спасевска- со родово сензитивното образование се прекршуваат детските права

Професорката Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки во ова препознава токму судир на идеологии.

„Целата агенда звучи конзервативно затоа што никаде во светот никој не протестира против дигитализација, напротив дигитализација уште од самитот во Давос пред ковид кризата, па и претходно кажаа дека е една од главните алатки против климатското затоплување. И со појавата на Грета Тунберг и се што преставува таа никој, апсолутно никој, не протестира против такво нешто“, вели Колозова.

Радио Слободна Европа ја праша Спасевска од иницијатива „Учебници и настава мора да има“, зошто сакаат да се исфрли родово сензитивното образование од најавените реформи.

„Ние како родителите сметаме дека со тоа се прекршени детските права и не соодветсвува на возрастите кај кои сакаат да го имплементираат и мислам дека тоа треба да се имплементира кај возраст на деца кои ќе го разберат. Ова родово сензитивно образование е наметнато. Дел од работите што ги кажаа на средбата во МОН се неприфатливи на пример дека со ова ќе се исфрли булингот, дека со ова ќе се прифатат општо сите, ќе биде за добро на сите, а јас мислам дека со ова напротив ќе се зголеми булингот“, вели Спасевска.

Таа на прашањето зошто мисли дека ќе се зголеми булингот вели дека децата ги разбираат работите на поинаков начин.

„И не е само булингот проблем, туку имаме и многу дискриминација, се поставува слика на родителите како родител еден и родител два“.

Спасевска вели дека воведувањето на родител еден и родител два, наместо мајка и татко им го кажале и на средбата со претставници на МОН минатата недела, но за повеќе детали вели да се почекало да го добијат прирачникот.

Од Министерството за образование и наука на прашањaта на РСЕ дали се планира замена на термините и дали тоа им било кажано на родителите на средбата велат дека целосно се невистинити и измислени информациите дека е планирано какво било бришење на термините родители/ старатели мајка и татко во новата Концепција за основно образование и во новите наставни програми за прво и четврто одделение.

„Воедно, ве известуваме дека од страна на претставници на МОН не била соопштена ваква информација за време на состанокот со иницијативата за поттикнување на учениците да ја бојкотираат наставата“, велат од МОН.

Што ќе содржи родово сензитивното образование?

И професорката од правниот факултет Тања Каракамишева на социјалните мрежи деновиве објави фотографија од електронски дневник на која пишува родител 1 и родител 2. Министерката за образование Мила Царовска реагираше за фотографијата потврдувајќи дека таа е од електронски дневник но воспоставен во 2010 година.

Инаку, во концепцијата за основното образование која ја објави Министерството за образование и наука се наведува дека „содржините кои ја промовираат родовата рамноправност сугерираат дека полот и родот не смее да биде основа за различно вреднување и моќ, истовремено придонесувајќи кон тоа да се разберат негативните последици од крутото придржување кон родовите норми, очекувања и улоги.

Во концепцијата се дава и пример како би учеле децата за родовата сензитивните прашања преку нудење мотивации за учество во активности кои се „полово/родово нетипични“ (на пример, за момчињата изборниот предмет Готвење) или преку паралелно формирање на женски и машки групи за иста активност (како, на пример, спортски тимови).

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG