Достапни линкови

Десницата во Србија со „национален собир“ против европскиот план за Косово


Протест на десничарски активисти во центарот на Белград на 12 декември 2022 година, за поддршка на косовските Срби
Протест на десничарски активисти во центарот на Белград на 12 декември 2022 година, за поддршка на косовските Срби

Почеток на „голем народен“ собир. Вака десничарските партии и движења во Србија ги опишаа своите идни акции насочени против француско-германскиот предлог за решавање на односите со Косово. Аналитичари во Србија велат дека тие нема да се проблем за претседателот Александар Вучиќ.

Потпретседателката на српското движење Двери и пратеничка во српскиот парламент Тамара Миленковиќ Керковиќ за РСЕ изјави дека националниот собир значи лансирање на политички и патриотски сили кои ги претставуваат граѓаните кои се против „предавање“ на Косово.

„За тие граѓани за време на изборната кампања, политичката понуда на партиите на власт и прозападната опозиција не понуди можност за капитулација, воведување санкции против Русија и потпишување на актот за признавање на суверенитетот на лажна држава Косово“, вели Миленковиќ Керковиќ.

САД воведоа санкции за радикалите Радета и Јојиќ

По парламентарните избори во април 2022 година, десницата доби парламентарна сила во Србија, со што стана значаен противник на европските и американските напори за решавање на односите со поранешната покраина Косово.

Со тоа и српскиот претседател Александар Вучиќ би можел да се соочи со улични протести, а потенцијалот на вакви настани се виде во 2020 година, кога десничари, спротивставувајќи се на мерките за Ковид-19, упаднаа во Собранието на Србија, а полицијата мораше да употреби солзавец.

Француско-германскиот план е предлог за договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кој се уште не е јавен. Претседателот на Србија најави подготвеност да работи на неговото спроведување. За предлогот на западните дипломати наскоро ќе се расправа на специјална парламентарна седница.

Договор против планот

Претставници на неколку десничарски групи на 28 јануари пред Претседателството на Србија порачаа дека француско-германскиот план треба да се отфрли и оценија дека тоа е план „за капитулација на Србија“.

Одбивање на француско-германскиот предлог за Косово побара коалицијата НАДА, чиј столб е Новата демократска партија на Србија, потоа српското движење Двери, Заветници, Движењето за одбрана на Косово и Метохија и Српската младина за Космет.

Освен уникатниот став кој силно се противи на независноста на Косово, овие партии го делат истиот став за потребата од блиски односи меѓу Србија и Русија. Русија исто така не ја признава независноста на Косово.

На прашањето дали групите од десничарскиот спектар кои го најавуваат националниот собир очекуваат поддршка од Русија, потпретседателката на Двери Тамара Керковиќ не даде конкретен одговор.

„Нашиот став е дека решението за кризата на Косово и Метохија и никакви договори не може да се постигнат до крајот на војната што ја води ЕУ и НАТО пактот во Украина со Русија“, рече таа. Русија започна инвазија врз соседна Украина на 24 февруари 2022 година.

И покрај повиците од Западот, официјален Белград одбива да воведе санкции кон Москва поради нејзината агресија врз Украина. Србија поддржа неколку резолуции во ОН за осуда на инвазијата.

Вучиќ најави учество на седницата на Собранието на Србија за Косово

Александар Попов од невладиниот Центар за регионализам за РСЕ оцени дека Русија може да се обиде да влијае врз десничарските партии во Србија.

„Но, мислам дека (тие партии) немаат моќ да соберат таква толпа и да направат нешто што би било посериозно предупредување за властите и би ја дестабилизирало ситуацијата“, рече Попов.

На заедничката прес-конференција на 28 јануари, претставниците на група десничарски партии најавија нови акции во врска со француско-германскиот предлог за Косово. Сепак, не сакаа да прецизираат за какви дејствија се работи.

Која е силата на десницата во Србија?

Гласовите на десницата против француско-германскиот предлог и какви било преговори за Косово беа очекувани за аналитичарот Александар Попов. Сепак, тој смета дека владата генерално може да ги држи под контрола тие гласови.

„Овие другите можат да направат протест, но не верувам дека можат да создадат критична маса која би довела до посериозна состојба“, рече Попов.

Во движењето Двери, партијата која на минатогодишните избори освои шест од 250 пратенички места во Собранието, велат дека гласовите што ги добиле на изборите биле „оригинално и јасно дефинирани опозициски гласови“.

„На режимот му е јасно дека сега има блок од искрени и решителни патриоти и државотворна опозиција со капацитет да биде втора по големина политичка сила во државата која ќе застане против лажниот патриотизам на СНС“, рече Тамара Миленковиќ Керковиќ.

И политикологот Душко Радосављевиќ за РСЕ оценува дека десницата во Србија најмногу ја контролира власта. Тој е убеден дека прашањето за француско-германскиот план за Косово не е прашање за кое Александар Вучиќ треба да бега од десничарското движење.

„Мислам дека ништо нема да излезе од ова, тоа не значи дека во Белград не може да има тепање, хулиганство, пиротехника. Но, тоа е се за да се каже со жалење пред Западот, „види што прават за мене“, изјави Радосављевиќ.

Митингот поврзан со Косово кој прерасна во насилство се одржа во февруари 2008 година во Белград кога беше прогласена независноста во Приштина.

Екстремна десница со руски врски

Блиските врски на одредени екстремни десничари во Србија со опасните елементи во Русија не претставуваат проблем за официјален Белград. И додека САД во јануари одлучија да ја стават на црната листа на руската воена единица Вагнер, Србија не го стори тоа.

Официјални лица јавно не ги објавија врските на неформалната екстремно десничарска организација „Народна патрола“ со Вагнер.

Лидерот на десничарската организација „Народна патрола“ од Србија, Дамјан Кнежевиќ, во ноември 2022 година го посети Воениот технолошки центар Вагнер во Русија. „Многу мои пријатели ќе се гордеат што имав чест да го посетам Вагнер центарот“, изјави тогаш Кнежевиќ во видеото за руските медиуми.

На прашањето за неговите врски со Вагнер, Кнежевиќ во интервју за РСЕ негираше дека некогаш работел или бил на кој било начин поврзан со единицата. Сепак, тој рече дека познава „некои Срби кои биле таму“.

„Народни патроли“, организацијата со која тој раководи, на пошироката јавност и е позната по антиимигрантските акции и организирањето протести за поддршка на Русија во Белград, откако Кремљ започна инвазија на Украина.

Дачиќ: Србија е подготвена да работи на имплементација на француско-германскиот предлог

Во декември, припадниците на „Народни патроли“ организираа протест на границата со Косово, а се судрија со полицијата, која не им дозволи да се доближат до границата. Насобраните пред полицискиот кордон свиреа националистички песни за Косово и Србија и извикуваа пароли, меѓу кои и „Косово е срцето на Србија“.

„Народни патроли“ на нивниот канал Телеграм, кој го следат над 8,5 илјади луѓе, редовно ги промовираат своите ставови за Косово, меѓу кои е и оној за властите кои „продаваат национални интереси“.


Улогата на црквата

На 29 јануари колона со порака „Косово е срцето на Србија“ прошета низ улиците на Белград. Поканата дојде од социјалните мрежи. Иако Српската православна црква (СПЦ) официјално не го организира собирот, на него доминираа верски симболи - бројни икони.

СПЦ и нејзините претставници, исто така, ја негираат независноста на Косово, а црквата традиционално е генератор на десничарски собири. Таа, исто така, одржува блиски односи со Руската православна црква. Вучиќ му рекол на патријархот дека западните сили забрзано работат на решавање на „Косовскиот јазол“.

Потпретседателката на Двери Тамара Миленковиќ Керковиќ рече дека СПЦ веќе изразила јасен став дека „не може да стане збор за предавање на Косово“. „Како и секогаш, СПЦ ќе биде најважната институција за зачувување на виталните интереси на српскиот народ и неговата вековна државност“, рече таа на прашањето дали очекуваат поддршка од Српската православна црква.

Александар Попов од Центарот за регионализам оцени дека единствениот фактор што може да направи нешто што ќе ја загрози власта е црквата. „Бидејќи таа би организирала митинзи, како во Црна Гора и тогаш би била опасна ситуација“, смета Попов.

СПЦ имаше големо влијание врз замената на триесетгодишното владеење на социјалистите на Ѓукановиќ, чие владеење беше разнишано откако во декември 2019 година усвои верски закон кој се однесуваше на прашањето на црковниот имот. СПЦ одговори со протести, наречени литии, поддржани од опозицијата, кои добија масовен облик.

Опозицијата победи на изборите во Црна Гора, а СПЦ ја доби можноста значително да влијае на кадровските одлуки во земјата. Законот беше повлечен по смената на власта.

Попов истакна дека црквата во Србија досега обично „ја следела државата во повеќето работи што ги правела“. „Се добива впечаток дека има некаков договор или некаква хармонија“, рече Попов.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, редовно го информира патријархот на СПЦ, Порфириј, за напредокот на дијалогот за нормализација на односите со Косово.

Во март 2022 година, Европскиот парламент во резолуција ги осуди напорите на Русија да ги искористи етничките тензии на Западен Балкан „со цел да се разгорат конфликти и да се подели заедниците“.

Меѓу елементите на Резолуцијата е и загриженоста на европските пратеници поради „обидите на Православната црква во земји како Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, особено во ентитетот Република Српска, да ја промовира Русија како заштитник на традиционалните семејните вредности и зајакнување на односите меѓу државата и Црквата“. СПЦ ги отфрли ваквите наводи.

XS
SM
MD
LG