Достапни линкови

Ден на победата: Путин ја брани руската инвазија, Зеленски најави втора победа на Украина


Претседателот  на Русија, Владимир Путин на традиционалната воена парада за Денот на победата
Претседателот  на Русија, Владимир Путин на традиционалната воена парада за Денот на победата

Русија ја бележи победата во Втората светска војна во сенка на Украина. Путин на воената парада во Москва ја бранеше руската инвазија врз Украина, каде нападите се интензивираат во источкиот регион. Зеленски пак, најави втора победа.

Претседателот на Русија Владимир Путин ја оправда неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина како неопходен потег за „одбрана на татковината“. Тој се обрати на традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва за да ја одбележи улогата на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија во 1945 година каде го повтори обвинувањето дека НАТО создава закани веднаш до своите граници и дека инвазијата на Украина е неопходна превентивна акција.

На Денот на победата над фашизмот, Путин на парада, Зеленски во празен град
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Говорејќи на Црвениот плоштад рускиот претседател повлече паралела меѓу борбите на Црвената армија против нацистичките трупи и акцијата на руските сили во Украина.

Додека го критикуваше Западот, Путин не даде никакви индикации за промена на стратегиите ниту пак даде индикации дека ќе прогласи широка мобилизација, за што постоеја одредени стравувања во Украина и на Западот.

„Опасноста растеше од ден на ден“, рече тој, додавајќи дека „Русија даде превентивен одговор на агресијата“ во, како што рече, „присилна, навремена и единствена правилна одлука на суверена, моќна и независна земја. ”

Рускиот лидер постојано ја обвинуваше Украина дека има агресивни намери, со поддршка од САД и нивните сојузници - тврдења што украинските и западните власти ги негираа.

Во својот говор на парадата, Путин повторно го прекори Западот дека не ги послушал руските барања за безбедносни гаранции и враќање на проширувањето на НАТО, тврдејќи дека тоа не и остава на Москва друг избор освен да започне акција во Украина.

„НАТО работи со украинските нацисти, Украина го доби најмодерното оружје. Одлуката за специјална воена операција беше единствената правилна“, рече Путин во обраќањето.

Тој додаде дека трупите во Украина „се борат за татковината, за никој да не ги заборави лекциите од Втората светска војна и да нема место во светот за казнувачи, џелати и нацисти“.

Тој, исто така, им се обрати на војниците кои се борат во регионот Донбас во источна Украина, кој Русија вети дека ќе го „ослободи“ од Киев.

„Одбраната на татковината кога се одлучува за нејзината судбина отсекогаш била света“, рече тој.

Членот на украинскиот преговарачки тим Михаил Подољак пак, осврнувајќи се на говорот на рускиот претседател порача дека земјите од НАТО не сакаат да ја нападнат Русија.

„Украина не планираше да го нападне Крим. Руските војници умираат, не ја бранат својата земја, туку се обидуваат да окупираат друга. Од почетокот на војната, немаше други рационални причини за нејзино започнување, освен болните империјалистички амбиции на Руска Федерација“, напиша Подољак на Твитер.

Зеленски: Наскоро ќе има два „Денови на победата“ во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак, претпладнево во видео обраќање до нацијата опустошена од војната, а во знак на одбележување на поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, вети дека Украина наскоро ќе има „два денови на победата“.

„Никогаш нема да заборавиме што направија нашите предци во Втората светска војна. Каде што загинаа повеќе од 8 милиони Украинци. И секој петти Украинец не се врати дома. Севкупно, војната однесе најмалку 50 милиони животи“, рече Зеленски.

Зеленски истакна дека Украина ќе победи.

„Оној, кој веќе ги повторува ужасните злосторства на целиот режим на Хитлер и копира сè што направија, тој е осуден на пропаст. Затоа што бил проколнат од милиони предци кога почнал да го имитира нивниот убиец. И затоа изгубил сè. И многу наскоро ќе има два Дена на победата во Украина. И некој ќе остане без ниеден. Победивме тогаш. Ќе победиме сега“, истакна Зеленски.

Валас: Путин и неговиот потесен круг на генерали сега прикажуваат фашизам и тиранија

Рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали го прикажуваат фашизмот и тиранијата пред 77 години, а нивната инвазија на Украина го срамни нивното воено минато, истакна британскиот министер за одбрана Бен Валас. Тој смета дека руските генерали се соучесници, како и нивниот претседател, и дека треба да се соочат со воен суд.

„Со инвазијата на Украина, Путин и неговиот потесен круг на генерали сега прикажуваат фашизам и тиранија од пред 77 години, повторувајќи ги грешките на тоталитарниот режим од минатиот век“, рече Валас.

„Сите професионални војници треба да бидат згрозени од однесувањето на руската армија“, бидејќи тие не само што „се вклучија во нелегална инвазија и воени злосторства, туку и нивните највисоки раководители ги пропуштија сопствените чинови и досие до степен до кој треба да бидат изведени на воен суд“, рече тој во говорот во Музејот на британската национална армија.

И денеска борби во Украина

Украинските власти денеска информираа за жестоки борби во источна Украина и ги предупредија луѓето да се седат во засолништата поради најави за ракетни напади додека Москва го одбележува Денот на победата.

Четири високопрецизни ракети „Оникс“, истрелани од полуостровот Крим, кој е под контрола на Русија,го погодија регионот Одеса во јужна Украина, соопшти украинската армија, без да даде дополнителни детали.

Инаку Денот на победата што Русија го одбележува на 9 мај е најважниот празник во земјата, кој се слави со воени паради и огномет низ целата област. Советскиот Сојуз изгуби неверојатни 27 милиони луѓе во Втората светска војна, која ја нарекува Голема патриотска војна.

Во воената парада во Москва, на црвениот плоштад учествуваа околу 11.000 војници, а беа изложени тенкови и друга воена опрема. Сепак беше изоставен воздушниот дел кој традиционално се одржува како дел од традиционалната парада.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG