Достапни линкови

Демаршот на Грција до Србија фрла нови сомнежи во трговијата со оружје


остатоци на местото на несреќата на товарниот авион Антонов Ан-12 во сопственост на украинска компанија, во близина на Кавала, Грција

Грција побара дополнителни објаснувања. Демаршот до Белград од Атина по авионската несреќа на северот на таа земја, кој превезуваше мини од Србија, дополнително го искомплицира случајот. Зоран Главоњчиќ

Српските власти презентираа податоци за товарот и дестинацијата на украинскиот авион што се урна кај Кавала на 16 јули. Сепак, повикувајќи се на извор од владата, атинските медиуми објавија дека Грција бара одговор од Србија зошто не била навремено информирана што се превезува со тој авион.


Грчки демарш за Украина за авионот кој се урна кај Кавала

Грчкиот весник „Катимерини“ наведува дека Грција со истото барање се обратила до властите на Украина. „Тоа може да значи дека нешто не е во ред, дека може да има нешто сомнително во тој транспорт“, изјави Никос Пелпас, дописник на грчкиот јавен сервис ЕРТ од Белград, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Вучиќ: Се е чисто како солза


Претседателот Александар Вучиќ изјави дека Србија нема што да крие. „Се е чисто како солза. Сите процедури беа испочитувани. Тој авион носеше маневарски мини за Бангладеш, што беше потврдено од нивната влада. За жал, се случи трагична несреќа“, изјави Вучиќ на 18 јули.

Вучиќ: Сите процедури беа испочитувани
Вучиќ: Сите процедури беа испочитувани

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ на 17 јули објави дека авионот Ан-12 од Ниш во Бангладеш превезувал 11,5 тони школски и осветлувачки гранати за минофрлачи. Тој изјави дека станува збор за стоката од белградската компанија „Валир“ и дека се превезувала со авион во сопственост на украинската карго компанија „Меридијан“.

Новинарот на грчкиот јавен сервис Никос Пелпас верува во можноста Атина по грешка да не била информирана за таков товар.

„Може да се работи и за посериозни работи. Да речеме дека стоката оди во Бангладеш, а крајниот корисник е некој друг. Или дека нешто друго се транспортирало покрај маневарските мини. Многу прашања се појавуваат ако се обидете „тајно да префрлите стока низ некоја земја“, вели Пелпас.

Тој додава дека индикативно е што случајот со падот на Ан-12, во кој загинаа сите осум членови на екипажот, го води обвинител на Врховниот суд на Грција. Тој тврди дека и тоа говори за сериозноста на ситуацијата, бидејќи вообичаена месна јурисдикција би била Кавала или Солун.

Официјални информации од Министерството за одбрана на Србија се дека летот на релација Ниш-Аман-Ријад-Ахмедабад-Дака имал соодветни дозволи.


Стефановиќ: Поддршка за Грција за истрагата


Министерот Стефановиќ ги демантираше шпекулациите на некои медиуми дека авионот превезувал оружје за Украина. „Од 2016 година не е издадена дозвола за транспорт на оружје од Србија во Украина или Русија“, изјави Стефановиќ.

Небојша Стефановиќ
Небојша Стефановиќ

Тој додаде дека и во овој случај Србија доследно го почитувала меѓународното право и ги исполнувала сите меѓународни обврски. Претседателот Вучиќ претходно изјави дека Србија нема да испраќа оружје во Украина и дека нема да дозволи во таа земја да се транспортира оружје преку територијата на Србија.

Србија, која е кандидат за членство во Европската унија, не им се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија поради инвазијата на Украина и одржува традиционално блиски односи со Москва. Министерството за трговија на Србија, одговорно за издавање дозволи за извоз на оружје и воена опрема, претходно за РСЕ изјави дека од 2014 година Србија не извезува оружје во Украина.

Ан-12 носел пари до Сараево

Украинскиот Ан-12 кој се урна минатата сабота во Грција неколку дена претходно на лет за Сараево превезувал пари за Централната банка на Босна и Херцеговина. Како што е забележано на специјализираните веб-страници за воздушен сообраќај, тој авион деновите пред несреќата летал од Париз за Сараево, од Сараево до Белград, а потоа од Белград за Анкара.

Киевската авиопревозна компанија Меридијан (Meridian Air Cargo) не одговори на барањето на РСЕ за повеќе детали за падот на нејзиниот авион во северна Грција. Истрагата на грчките власти е во тек. Локалните медиуми јавија дека на местото на несреќата одекнале експлозии од товарот што го превезувал. Тие, исто така, шпекулираа дека еден од четирите негови турбо-мотори откажал.

остатоците од авионот А-12
остатоците од авионот А-12

Никос Пелпас потсетува дека веста за демаршот од Атина кон Србија дојде два дена по несреќата, откако опозициските партии во Грција ја обвинија власта дека не дава доволно информации за соборениот Ан-12. „Не верувам дека јавноста ќе ги дознае сите детали. Во игра се и политиката и меѓудржавните односи, но најдобро е да се чека објаснување од Белград“, заклучува Пелпас.

Дали однесувањето на Лукашенко ќе го погоди богатството на српските браќа Кариќ?

Компанијата Валир, чија стока, според зборовите на министерот Небојша Стефановиќ, била во авионот што се урна на пат кон крајниот корисник, односно Министерството за одбрана на Бангладеш, не одговори на прашањето на РСЕ за овој транспорт.

Валир, како што се гледа во државниот деловен регистар, е основана на крајот на 2019 година, со основачки придонес од 0,85 евра. Во 2020 година, како што може да се види од финансиските извештаи, компанијата имала приход од околу 55 милиони евра. Самата компанија не и е позната на јавноста во Србија.

По несреќата, медиумите во Србија и Црна Гора почнаа да шпекулираат за поврзаноста на компанијата „Валир“ со српскиот трговец со оружје на црната листа на САД, Слободан Тешиќ. Официјалните податоци покажуваат дека директор на компанијата „Валир“ е Младен Богдановиќ. Во периодот до јуни 2020 година, пак, таа позиција во компанијата ја извршуваше Стефан Чупковиќ.

Податоците покажуваат и дека Чупковиќ е или бил застапник во уште неколку фирми. Една од нив се вика Лусор, каде што Чупковиќ беше директор до 2021 година. Сопственик на таа фирма, која е регистрирана за неспецијализирана трговија на големо, е Калед Хамед. Компанијата нема сопствена веб-страница.

Слободан Тешиќ
Слободан Тешиќ

Истражувачките медиуми OCCRP и KRIK веќе пишуваа за Хамед, нарекувајќи го партнер на Слободан Тешиќ од Јемен, кој има добиено српско државјанство во 2016 година. Хамед потоа му одговори на новинарот на OCCRP/KRIK преку е-пошта: „Губи се“.

Адвокатите на Тешиќ им одговорија на новинарите дека тој „никогаш на кој било начин не учествувал во какви било коруптивни активности“. РСЕ не можеше да открие никакви директни или индиректни врски меѓу компанијата Валир и Слободан Тешиќ, ниту неговите врски со Калед Хамед или Стефан Чупковиќ.

Компанијата Валир е основана на 23 декември 2019 година. Две недели претходно, американското Министерство за финансии ги додаде, како што се наведува во соопштението, „соработниците на трговецот со оружје Слободан Тешиќ“, кој е под американски санкции од 2017 година, на списокот на компании и поединци кои се санкционирани поради корупција.

Белград: Во Украина нема оружје од Србија

Во изминатите неколку години Србија во неколку наврати беше поврзувана со извоз на оружје во Украина, последен пат во март, кога на социјалните мрежи и во некои руски медиуми се појавија фотографии кои наводно покажуваат дека оружјето произведено во Србија се користи во актуелниот конфликт во Украина.

Белград ги негираше тие наводи, а Амбасадата на Украина во Белград не сакаше да коментира. Прашањето за извозот во Украина го покрена во ноември 2019 година потпретседателката на опозициската Партија за слобода и правда, Мариника Тепиќ.

Таа тогаш на своите профили на социјалните мрежи објави дека државното претпријатие Крушик од Ваљево преговара за продажба на оружје на странски партнер од Украина. Таа изјави и дека мини од српско производство завршиле во Украина преку фирма од Полска. Претседателот Александар Вучиќ ги негираше тие наводи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG