Достапни линкови

Две децении по Спогодбата за стабилизација и асоцијација се уште далеку од ЕУ


Архивска фотографија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел на средба со еврокомесарот Жозеп Борел
Архивска фотографија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел на средба со еврокомесарот Жозеп Борел

Во Скопје денеска се оддржува состанокот за Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ова е 16-ти состанок по ред за договор кој земјава го потпиша прва во регионот во 2001-вата година.

Изминаа 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Оваа спогодба која ќе биде главна тема на денешниот состанок во Скопје, на кој се и еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел и премиерот Димитар Ковачевски, е основната правна рамка која ги уредува односите меѓу Македонија и земјите членки на ЕУ се до нејзино пристапување во Унијата.

На 16-тиот состанок за Спогодбата што ќе се одржи во Скопје, а на кој ќе присуствуваа и државниот врв, копретседавач ќе биде и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј. Борел и Вархеј во Скопје допатуваа од Тирана каде што со албанскиот премиер Еди Рама вчера го оддржаа 12- тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија.

Пораките што ги испратија оттаму се дека втората половина од годинава ќе има „големи случувања во патувањето на Албанија кон Европската унија“, но и за забрзување на реформскиот процес.

ЕУ и Албанија одржаа Совет за стабилизација и асоцијација

Во Скопје се очекува да се зборува за напредокот на земјава кон европскиот пат, за исполнетите задача од Спогодбата, како и за следните чекори кои земјава треба да ги преземе за исполнување на условите за отворање на поглавјата од преговорите, велат аналитичарите.

Спогодбата е клучниот правен инструмент кој засега ни нуди континуитет во следење на областите на кои им се потребни реформи преку неговите тела како комитетот и поткомитети.

Но, земјава честопати досега го занемаруваше овој инструмент и обврските кон него, и тоа во име на пристапниот процес, вели директорката на Институтот за Европска политика Симонида Кацарска. Според неа Македонија мора да научи повеќе да ги користи можностите што ги нуди оваа Спогодба за стабилизација и асоцијација за да креира притисок врз земјите членки на ЕУ со цел искористување на правата кои се регулирани со самата Спогодба.

„Оваа спогодба добива и обновено односно зголемено значење со новата методологија на ЕУ бидејќи, кластерскиот пристап до некаде ги следи поткомитетите на процесот на пристапување, односно на процесот на стабилизација и асоцијација, и не тера да се вратиме на поврзување на двата процеси“ вели Кацарска.

Македонската Спогодба со ЕУ во Луксембург во 2001 година ја потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Во тоа време очекувањата беа дека патот до членството ќе биде покус и економските промени побрзо видливи.

Дваесетина години подоцна сѐ уште е неизвесен текот на преговорите за членство во Унијата, затоа што не се исполнети последните наметнати услови за отварање на кластерите и поглавјата. Без уставните измени со кои во Премабулата ќе бидат внесени Бугарите-по барање на источниот сосед, земјава не може да премине од скрининг процесот во отварање на поглавјата.

Прифатената преговарачка рамка од таканаречениот „француски предлог“ во јуни 2022 година, покрај Копенхагенските критериуми и критериумите на процесот на стабилизација и асоцијација, го подигнува барањето за спроведување на Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија и протоколите за неговото спроведувње на ново рамниште, барајќи „видливи резултати“ и „спроведување во добра волја“.

И додека тече европскиот скрининг во земјавата, паралелно со обидите да се постигне двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на уставните измени, се отвора темата што доби и што прошушти да искористи како шанса земјава од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Спогодбата е составена од три фази. Првата, подготвителна траеше најдолго, од 2004-тата до 2018 година. Со неа се трасираше патот за потребните реформи, каде што клучно беше усогласување со европското законодавство во делот на внатрешниот пазар, конкуренцијата, јавните набавки, интелектуалната сопственост, стандардизацијата и акредитацијата, заштитата на личните податоци.

Усогласувањето во другите области на внатрешниот пазар продолжи со почетокот на втората фаза која стартуваше на 4 декември 2018 година по „Преспанскиот договор“ во секторот на услуги и слободно движење на капиталот.

Според анализата на Институтот за европски политики проблемот со доцнењето на стартот од втората фаза бил делумно и во тоа што македонското досие се до 2018 година стагнирало на нивото од 2011 година, а дополнително отсуството на преговори заедно со сите политички превирања во администрацијата го осипаа капацитетот и знаењето кај институционалните структури.

„Нашето доцнење со втората фаза од процесот на Стабилизација и асоцијација веројатно креираше простор во кој можеше многу повеќе нашите бизниси и нашата економија да има бенефит од ЕУ. Но, сега мора да се навратиме на тоа, да направиме стратегиска проценка за да видиме каде и во кои области ќе бараме рано да се усогласиме, нешто што го нуди новата методологија, за пристапување, што не е досега направено,“ вели Кацарска.

Интересен е фактот дека во Спогодбата во главата општи начела е предвидено дека транзицискиот период за асоцијација се дефинира на максимум 10 години.

Состаноците на Советот за Спогодбата за стабилизација и асоцијација до сега еднаш годишно се оддржуваа во Брисел заедно со земјите кои сакаат да пристапат во ЕУ. Но, годинава се организираат во Скопје и Тирана во пресрет на средбата на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Алекансадар Вучиќ во Охрид каде ќе се разговара за начинот на кој ќе се спроведе договорот за нормализирање на односите на овие две земји.

„Мислам дека локацијата е пред се симболична, во контекст на давање на значење на регионот, не мислам дека тоа е некоја револуција, за нас е поважно да се навратиме на заклучоците и она што ќе биде договрено и да го спроведеме, иако симболиката секако стои вели директорката на Институтот за европски прашања Симонида Кацарска.

За граѓанските организации кои го следат процесот на евроинтеграции дводецениското искуство со спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација треба да биде клучно кога земјата ќе ги отвори кластерите и поглавјата од преговорите според новата методологија која во основа ги приближува институционалните структури за преговорите согласно ССА.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG