Достапни линкови

ДА Лори: Фаќањето бран за мене е симбол на промена, обновување, повторно раѓање


Во очекување на бранот Д.А. Лори

„Ќе фатит бран“ е насловена четвртата поетска збирка на Долорес Атанасова-Лори што излезе од печат неодамна под покровителство на Наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Во четири ѕида

Позајмувам време,

ќе ти дадам од моето лето,

ќе ми вратиш од твојата пролет,

после дојди ми како снег во август,

јас ќе се чудам и ќе се повлекувам,

ти врати ме од пола пат,

ќе живееме на клупата сред соба,

ќе отвориме прозори

за да му пркосиме на ѕидот,

ќе му дадеме на ветрот

да нѐ покрие со бадемов цут,

да ни шепоти за Африка и Тоскана,

да тече животот во нас зад затворени очи;

ред желби, ред љубов,

ред копнеж по слобода.

Ова е една од песните поместени во четвртата поетска збирка „Ќе фатит бран“ на актуелниот лауреат на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година Долорес Атанасова Лори, која како издание на Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ се појави неодамна.

Во рецензијата за книгата Билјана Стојановска, писателката и добитничка на истата оваа награда за 2017 – 2018 година, меѓу другото, ќе забележи: Самиот наслов „Ќе фатит бран“ упатува за каква авторка станува збор. Авторка што ненаметливо настапува на книжевната сцена и не сака по секоја цена да се допадне секому. Со охридскиот дијалект во насловот Долорес Атанасова-Лори храбро ѝ пркоси на стандардната јазична форма и „ризикува“ да создаде отпор кај таканаречената книжевна елитистичка публика (која во суштина и не постои). Мотивот на бранот, кој се провлекува низ целата книга, колку и да звучи апокалиптично и да навестува големи краеви, уништувања, масовни и лични хистерии и нови себепронаоѓања, во суштина алудира на новите создавања, на новите светови и реалности со кои (не) мораме да живееме. Езерото, и водата, генерално, како мотив често се дел од нејзината поетика.

А, Долорес Атанасова Лори знае да каже дека „Ќе фатит бран“ за неа како авторка е особено важна книга од неколку причини. Прво, почнала да ја пишува и да ги собира песните во истиот момент кога ја заклучила „Небо во кафез“, нешто што досега и се нема случено. Како што вели, „вообичаено по завршувањето на книгите ми треба време за рефлексија, време да се вратам назад и да се опседнувам со корицата, рецензијата, забелешките на оние кои ги читале песните, па расправии со сопствента суета зошто некои не ја читале“. А, како втора причина е тоа што наградата „Тодор Чаловски“ која и била доделена, „засекогаш ќе биде дел од оваа книга, што ми претставува особена чест, и ми овозможи таа да излезе од печат“.

Ќе фатит бран, иако почна како збирка на ангажирана поезија, реакција и критика на светот во кој живееме, во еден момент се прекрши самата идеја и продолжи со мое целосно вртење кон она со кое подолго време имав изгубено врска, а тоа е местото во кое пораснав, сиот живот кој тоа место го означи за мене и стана мојата врска со самата себе, она што сум и не можам да го сменам, а тоа е детето, жената, која израсна покрај езерото. Да не заборавиме дека најголем дел од книгата е пишуван во време кога светот буквално се затвори, и единствениот начин да се почувствува слободата беше со враќањето на себе и во себе; многу изгубени работи беа најдени во тие епизоди на замислена слобода, многу од тие работи можеби засекогаш требало да останат изгубени, којзнае, ќе си каже времето, вели Долорес Атанасова Лори.

Осврнувајќи се на насловот поетесата истакнува декаЌе фатит бран“ е израз кој им е добро познат на луѓето растени покрај вода.

Во Охрид луѓето често се загледуваат во езерото и чекаат да се појави таа темно-сина, модра линија на хоризонтот, тој син ѕид од вода, па да кажат Ќе фатит бран. А кога навистина фаќа бранот, тој ја превртува водата, ги разместува камењата на дното, го менува брегот, го менува човекот, му дава некое чувство полно живот и живост, но и понизност и покорност пред природата. Па гледате, тоа фаќањето бран за мене е симбол на промена, обновување, повторно раѓање, а тоа е целта, засекогаш, но повеќе од кога било и уште повеќе го посакував сите овие изминати месеци. Ако ме прашувате зошто насловот е на дијалект, па зошто да не? Се шегувам. За мене нема друг начин тоа да се каже, иако се мислев да го ставам на македонски литературен јазик, не велам не, сепак на крај победи охридскиот дијалект, му дозволив, како кога попушташ на разгалено дете.

Конечно, Лори со констатација дека посакува оние кои ќе ја читаат „Ќе фатит бран“ да си најдат патување, мислење, бегство, малку светлина, малку темнина, „тамам да се разбуди она што во нас понекогаш спие, а може да биде разбудено од она што ќе го прочитаме“.

Кон ова само благо навраќање на минатото. Долорес Атанасова Лори е родена во Германија во 1974, растена во Охрид, а живее во Скопје. Во Германија ги поминува најубавите години од детството, на кое малку се сеќава. Во Охрид има научено да зборува со езерото, посветено да ја чека пролетта и да му се радува на летото. Во Скопје и се има случено многу, и уште повеќе. Поезијата и дошла како на некои што им доаѓа светец на сон да изградат црква.

Оттогаш пишува јавувајќи се директно од местото на сонувањето, или длабоко од котелот на реалноста, и најчесто на инсистирање на срцето.

Така дојдоа книгите „Будењето во трето лице еднина“ (Блесок, 2014). „Со ветрот под рака“ ( Антолог, две години подоцна) и самоизданието „Небо во кафез“ во 2019 година.

Згора на ова нејзините песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“, е-книгата „Поетискон”, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет, во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“.

Згора Лори е добитник на интернационалната награда „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија и лани на наградата „Тодор Чаловски“ што ја доделува „Галикул“ и која и ја донесе актуелната поетска збирка „Ќе фатит бран“.

А во очекување на промоцијата на „Ќе фатит бран“ што разбирливо е планирана да се случи во текот на оваа 2021 година, ги бележиме и зборовите на Данче и Јане Чаловски, од Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“.

- Ни претставува огромна чест и задоволство што имаме можност да ја објавиме „Ќе фатит бран” како резлутат на одличната соработка со Лори. Станува збор за инворедна книга за која сме сигурни дека ќе предизвика посебно внимание кај публиката. Со оваа книга сакаме да ја испочитуваме и заложбата на нашиот татко и да дадеме понатамошен поттик да се создава суштинска, бескомпромисна поезија, ќе напишат во своето соопштение тие.

Инаку Наградата „Тодор Чаловски“ има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура. Досегашни лауреати се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG