Достапни линкови

Датум гледа волја вади


Илустрација
Илустрација

Кога ќе стигне сметката за струја, ќе им дадам волја за плаќање, коментираат граѓаните на социјалните мрежи по изјавата на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел дека не може да вети датум, туку волја за почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Не можам да ви ветам датум за почеток на преговори, но можам да ви ветам волја, порача шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје пред неколку дена.

Таа негова изјава предизвика низа реакции на социјалните мрежи – од потсмев и резигнираност до лутина и констатација дека го сменивме името за волја. Други, пак, бараат прагматизам и обид за решавање на проблемите со Бугарија која ги блокира македонските евроинтеграции.

Имам волја да возам Ферари, ама возам 20 години стар Голф, се шегуваат дел од граѓаните.

Македонија е кандидат за членство во ЕУ веќе 17 години, но не ги започнуваше преговорите поради блокадата од Грција поради спорот за името. Откако земјава го смени името, власта најавуваше дека само што не почнале преговорите за приклучување, но сега Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Пред четири години, тогашниот премиер Зоран Заев, вицепремиер Кочо Анѓушев, министерот за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров и Бујар Османи, кој во меѓувреме стана шеф на дипломатијата, се пофалија дека добиле датум за преговори. Тоа беше на крај на бугарското претседателство со ЕУ.

Од тогаш, се сменија австриското, романското, финското, хрватското, германското, португалското и словенечкото претседателство, а од 1 јануари Франција стана претседавач со ЕУ.

Борел сега вели дека не сака да лицитира со датумот и дека го разбира разочарувањето на македонските граѓани од блокадата на евроинтеграците.

„Постои проблем и знаете кој е тој“, рече Борел.

Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа договор за добрососедство и формираа заедничка комисија за историски и образовни прашања која требаше да излезе со заеднички препораки за спорните историски теми, но засега има само мал напредок во работата.

Бугарија го блокираше почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја. Преговорите меѓу двете земји беа закочени зашто Бугарија долго време немаше влада, но по формирањето на владата на Кирил Петков контактите меѓу двете страни се засилија.

На почетокот на годинава, Петков прво го посети Скопје, а потоа се одржа и заедничка седница на двете влади во Софија. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и Петков промовираа нов пристап фокусиран пред сè на економски, наместо на историски теми. Беа формирани работни групи од различни области кои треба да ја продлабочат соработката меѓу двете земји. Сепак, засега нема индиции за повлекување на бугарската блокада за македонските евроинтеграции.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG