Достапни линкови

Министрите на ЕУ ги усвоија заклучоците, датум за Скопје и Тирана нема


Работници поставуваат постер на седиштето на Европската Унија во Скопје
Работници поставуваат постер на седиштето на Европската Унија во Скопје

По целодневен состанок во Брисел Советот за општи работи на Европската унија ги усвои заклучоците за проширувањето. Првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија се очекуваат што е можно поскоро, но без да се спомене кога.

“Советот со нетрпение го очекува одржувањето на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро по одобрувањето на преговарачките рамки од страна на Советот” . Ова се наведува во денешните заклучоци за проширувањето кои ги усвоија министрите и претставниците на земјите членки на Европската унија на состанокот на Советот за општи работи.

Ниту овој последен совет за време на шестмесчното словенечко претседателство со Европската унија не донесе датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Непроменетата позиција на Бугарија во однос на деблокадата на преговорите за земјава беше навестена последниве денови и од службена влада, која раководеше со источниот сосед до вчера и од новиот премиер Кирил Петков.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања Гашпер Довжан, од позиција на земја претседавач со Европската унија по состанокот рече дека е задоволен што со колегите министри и државни секретари едногласно ги договориле заклучоците за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација

„Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех“, изјави Довжан.

Преформулирани заклучоци

Како што јавува дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел заклучоците за проширувањето биле под знак прашалник и на овој состакон, а словенечкото претседателство го преформулирало речникот во делот на поглавјето за отворање на преговорите со Северна Македонија за да се задоволи бугарското барање и истовремено да се избегне повторна блокада.

Имено, во нацрт документот, како што јавува дописничката, за кој денеска расправаа европските претставници се наведуваше дека се очекува преговорите за членство да почнат што е можно поскоро во текот на оваа година, а кога ќе се усвои преговарачката рамка. Обврската за почеток на преговорите оваа година, според изворите на РСЕ, била неприфатлива за официјална Софија и затоа е тргната. Усвојувањето на заклучоците беше многу важно за европските институции за да не дојде до иста ситуација како минатиот декември кога не беше постигнат консензус.

„Пакетот на усвоени заклучоци за проширувањето е ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис во духот на соработката“, рече потпретседателката на Европската Комисија Вера Јурова.

Радев в четврток во Брисел

Следниот состанок во Брисел е на Европскиот совет во четврток, но таму нема да биде новиот бугарски премиер Петков, туку Софија ќе ја претставува претседателот Румен Радев. Петков рече дека во моментов приоритет му се кризите внатре во државата. Зборувајќи за позицијата кон земјава на првиот владин состанок бугарскиот премиер рече дека се слушнале телефонски со македонскиот премиер Зоран Заев, разговарале за идејата за работните групи и како тие ќе бидат структуирани за кратко време.

„Во јануари очекуваме јасен план за работните групи, да се вклучи културата, инфраструктурата и економијата како дополнување на таа за историјата. Треба да направиме акциски план и на почетокот на јануари овие работни групи да имаат реални резултати, да дадат идеја да ги унапредиме преговорите на пооперативен план “, рече Петков.

Претходно, Заев на социјалната мрежа Фејсбук објави дека во разговорот со Петков изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработка низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.

„Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина“,, наведе Заев.

Инаку, Петков уште пред да биде избран, рече дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите. Истиот ден кога беше изгласана владата рече дека тие ќе ја зачуваат државната позиција, но дека ќе ја надградат. Тој нагласи дека имале јасна дебата со нивните коалициски партнери и дека позицијата е запишана во коалицискиот договор.

Македонските политичари имаа поинакви очекувања

Очекувањата на дел македонски политичари пак беа поврзани точно со 14 декември. Првично тие се засилија откако минатиот месец пратеникот од Беса Кастриот Реџепи не се појави на седницата за доверба на владата и со тоа не успеа обидот на опозицијата да и се изгласа недоверба. Неговото објаснување беше дека тоа го сторил зошто од високи дипломатски претставници добил уверувања дека во декември земјата најверојатно ќе добие зелен сигнал за почеток на преговорите со ЕУ.

Потоа и министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека „таргетот е декември“ и дека тој ќе работи тоа да се случи до 14 декември, но и после тоа до крајот на словенечкото претседателство, а и потоа.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела кажа дека очекува земјата оваа недела да ги почне преговорите со Европската унија. Најпесимистички расположен од македонските политичари се чини беше вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров кој неколкупати предупреди дека за да нема разочарувања подобро е да не се очекува добар исход на Советот за општи работи на ЕУ.

Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска. Првата блокада се случи за време на владата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Годинава кај источниот сосед се одржаа три циклуса парламентарни избори, а по првите два немаше можност за формирање на политичка влада во Софија. Со земјата осум месеци раководеше службена влада формирана од претседателот Румен Радев. Во меѓувреме претседателот и службената влада почнаа помалку да ги истакнуваат историските нерешени прашања, а да инситираат на влегување на Бугарите во македонскиот Устав и на заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG