Достапни линкови

Дарко Богданов: Се уште ме држи „вирусот“ за стрип


Дарко Богданов, уметник, илустратор и стрип автор
Дарко Богданов, уметник, илустратор и стрип автор

„Aegri Somnia“ е насловен четвртиот стрип албум на уметникот и илустратор Дарко Богданов што се појави неодамна. Збирката е составена од седум стрипови и илустрации работени во последните осум години, а сценарист за нив е неговиот долгогодишен пријател и „соборец“ Александар Стефанов.

Овој албум, кој во текот на неколку години се формираше како мозаик, е специфичен во споредба со претходните мои изданија, и е необично индивидуален иако е потпишан од двајца автори, сеедно има свој независен живот. Како што во мојот прв албум од пред девет години, „Modus Vivendi“, така и во овој албум најсилната нишка во структурата е ониризмот, несвесното, потсвесното (или можеби единствената вистинска свесност?!). Со тоа што името овде е исто на латински „Aegri Somnia“, на некој начин го чувствувам како втора алка во еден ист синџир. Иста како првата, но сепак различна.

Ова е само мал дел од текстот со кој уметникот и илустратор Дарко Богданов од Виница го воведува читателот во својата актуелна збирка што беше публикувана на крајот на минатата пандемиска 2020 година. Во продолжение од текстот тој ќе забележи дека „ако се стави фокус на цртачката изведба тогаш убаво ќе се почувствува колку и сам бил инспириран за цртање, и склон кон експериментирањезатоа што едноставно имал безусловна верба во приказните, подобро да се долови тоа што навистина е потребно – ликовите да бидат живи луѓе а не обични кукли, ликови кои сонуваат, кои имаат кошмари („Aegri Somnia“ – сон на болниот човек), ликови кои се едноставно луѓе, ни повеќе ни помалку, ни полоши ни подобри, а само едноставно луѓе“.

А, сценаристот Александар Стеванов на истото место во својот текст чиј веројатен наслов би бил „Стрипот е сон“, меѓу другото и со забелешка дека „суштината на стрипот се наоѓа оттаде хартијата, вон дофатот на свесното, а дека токму такви се и делата објавени во оваа стрип збирка кои заедно со Дарко Богданов ги сонувавме во изминативе неколку години соработка“.

А, по овие зборови говорејќи за генезата на стриповите поместени во неговата втора авторска збирка „Aegri Somnia“, Богданов знае да каже:

„Како и многу други работи во животот, така и со оваа збирка и стриповите содржани во неа настанаа сосема спонтано и природно. Самите приказни не се создавани со предумисла и врзани со рокови, туку се работени во моментите кога била присутна инспирацијата и желбата да се каже нешто. Затоа и се работени во еден период од неколку години, односно најстариот стрип датира од 2012 година кога јас и Александар се запознавме и ја започнавме нашата соработка, па се до минатата 2020 година кога беше создаден најновиот и засега нашиот последен заеднички стрип“.

Прашан за мотивот да се бави со стрип во средина во која генерално со оваа уметност скоро сите творци се бават ентузијастички и објавувањето на делата е практика која генерално се одвива само „на мускули“, уметникот со појаснување.

„Мотивот секогаш бил тој што е присутен кај сите кои се бават со творечка работа од било кој вид – љубовта кон самиот медиум, желбата да се изрази нешто лично, нешто свое, и со малку среќа да се препознае од публиката и да остане некоја наша трага во просторот и времето. Поради хроничниот недостаток на финансии, за жал поголем дел од таа мисија главно се темели на ентузијазам и желба за креирање, ситуација која со децении е повеќе или помалку иста. Секако убаво е парите да ги има, но доколку човек искрено е посветен на создавање стрипови, па дури и во оваа средина, тие не се пресудни. Може се ќе оди потешко, и побавно од што би сакале, но на крај важен е резултатот. Да беше мотивацијата поврзана со парите за да се бавам со стрип, реално ќе се откажев уште на почетокот, затоа што парите во оваа работа кај нас баш и не ги има многу. Но ете, уште од средношколските денови и првиот објавен стрип па се до сега, сеуште ме држи тој „вирус“ за стрипот, и нема најава дека некогаш ке исчезне, вели Дарко“.

Тој и со дополна дека, за среќа, нему и на неговите соработници никогаш не му недостасуваат идеи и планови за нови приказни, изданија и проекти.

„Веќе од поодамна се подготвени и на листа на чекање за реализација 2-3 албумски стрип изданија за кои сценаријата се готови од моите „ексклузивни“ сценаристи Александар Стеванов и Јордан Коцевски, и се чека само да се погоди време и прилика да се започнат. Исто така, доколку се наместат добро коцките, годинава би требало да излезе од печат еден детски стрип на кој сум комплетен автор и е нацртан пред скоро 12 години, но се досега немаше прилика да го види светлото на денот. Исто така од поодамна во глава ми се врти и еден пообемен проект на кој ќе сум комплетен автор, и кој ќе биде повеќе во областа на алтернативниот стрип отколку во мејнстримот, но тоа е сепак за условно кажано малку подалечна иднина, појаснува Богданов“.

Инаку, роден 1984 година Дарко Богданов во светот на креативноста влегол во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Потем дипломирал графика во 2007 година на Националната Ликовна Академија во Софија, соседна Бугарија во класата на Димо Колибаров.
Зад себе има четири самостојни изложби и учествувано на повеќе групни поставки и стрип фестивали во земјава и странство. Член на здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби. Исто така веќе две години по ред е дел од организацискиот тим кој ја организира ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ која се одржува на крајот на август во виничкото село Блатец.

Кратки стрипови досега објавувал во повеќе стрип списанија како „Стрип арт“, „Креатор“, „Стрип Алманах“, „Синдром“, „Стрип трип“, електронските списанија „Македонска ризница“ , „Чивилук“ и „Комикс“, стрип антологиите „Бастион“ и „Пегазус 21“, списанието „Парабелум“ од Бања Лука, БиХ, „Рас Комик“ од Рашка, Србија, антологиската збирка „Стрип са маргине“, издание на веб-сајтот СтрипБлог, Стрип Пресинг од Ниш, Србија, како и во седмата книга од серијата стрип албуми посветени на првата светска војна „Линије Фронта“ во издание на српскиот издавач „Систем Комикс“...
Згора на тоа Богданов со своите стрипови е редовен учесник на скоро сите балкански стрип фестивали и конкурси. Добитник на пет награди за стрип, две на стрип салоните во Велес во 2008 – втора награда заедно со сценаристот Јове Крстевски, и специјална награда во 2011 година заедно со сценаристот Јордан Коцевски, на стрип фестивалот No Borders во Прилеп исто така во 2011 година за најдобар научно фантастичен израз во стрип. Тука се и признанијата на стрип фестивалот во Ваљево, Србија за најдобро раскажување во стрип по сценарио на Александар Стеванов во 2019 година, а истиот тандем е награден и на вториот стрип конкурс „Лифт“ со трета награда во 2020 година.


Кон ова уште и информациите дека во 2008 година работел како стрип цртач за бугарскиот стрип издавач „ИЕКК Комикс“ од Софија, а една година подоцна и во филмското студио „NU IMAGE“ во бугарската метропола како сториборд уметник на филмовите „The Expendables“ и „Conan“.
Богданов до сега има објавено четири стрип албума – „Modus Vivendi“ во 2011 година, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски во 2014 година, „Витези од Соседството“ повтороно во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 година, и во соработка со Александар Стеванов, „Ægri Somnia“ на самиот крај од 2020 година. Во 2018 година со Стеванов и Сашо Гачев бил и ко-автор на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‚Дневник‘“, посветена на македонските автори кои работеле за тој српски издавач.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG