Достапни линкови

Дарко Багески, гитарист: Сцената е нашиот дом


Дарко Багески, гитарист
Дарко Багески, гитарист

По двегодишната изнудена интернационална пауза и безмалку по цела една декада од последниот настап во Македонија, Дарко Багески – мајстор на класична гитара, се врати на сцената со серија од четири соло концерти – во Охрид, Струмица, Пловдив соседна Бугарија и во Камерната сала на Филхармонија.

Дарко Багески е истакнат македонски солист по класична гитара, кој настапува низ светот повеќе од 25 години. Музичката критика, како и публиката, ја оценуваат интерпретацијата на овој гитарист како особено впечатлива бидејќи како што ќе биде забележано „тој со својата вдахновеност и емоционалното доживување во претставувањето на делата, успева да допре до секој слушател“. Да го воодушеви и да го натера да му затрепери срцето. А, токму од тие причини, Багески во своите концертни програми избира композиции, кои и кога само ги пее, „во него будат колоритни емоции, возбуда, задоволство и уживање“.

Инаку, роден 1981 година тој вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Својот професионален пат го започнал во родниот град, потем матурата ја славел во Средното музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун, а се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара како прочуените Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис...

Багески, од каде кај вас потребата за оваа серија средби со публиката во земјава и во регионот, концертите во Охрид, Струмица, во Пловдив, соседна Бугарија, и конечно оној во Камерната сала на Филхармонија во Скопје. Колку ваквиот исчекор во некоја рака подразбира обид за збогување со наметнатото поведение од Пандемијата?

Секој уметник инструменталист има потреба да биде на сцена. Таа е неговиот дом. Пандемијата ни ги скрати крилјата на сите. Две години пауза од настапи претходно беше нешто незамисливо. Поради тоа, неизмерна беше возбудата и одговорноста дека се враќам на сцена, и тоа после 10 години пауза пред македонската публика.

Во годините пред заразата со вирусот Ковид-19 имав многу интернационални гостувања, како на фестивалите во регионот, на Балканот и во Европа, така и во САД и во Кина. Последниот солистички концерт во Македонија го одржав на Охридско Лето во 2013 година во Света Софија. Концертите во Струмица,Охрид и Скопје беа поддржани од Министерството за култура, и тие се заслужни за многу мои гостувања надвор од земјава сите овие години.

Притоа би го одвоил концертот во Камерната сала на Филхармонија, каде се почувствував светски, а свирев дома. Акустиката,сцената и енергијата што повторно ги почувствував помеѓу публиката и мене како солист беа едно непроценливо искуство. Се надевам дека и во иднина ќе имам прилики почесто да ја чувствувам домашната публика. Пред неа е предизвикувачки да се свири, а воедно мотивацијата и експресијата во музичката мисла се на многу високо креативно ниво.

Од друга страна концертот на GuitArt фестивалот во Пловдив, соседна Бугарија, требаше да се реализира минатиот октомври, но поради пандемијата се откажа. И сега неизвесно беше моето гостување со физичко присуство поради истите причини, но сепак на крајот настанот организаторите одлучија да го пренесуваат на интернет. Посебна чест и задоволство беше одлуката на европската платформа Еурострингс да го пренесуваат концертот и на нивната страна, со што слушателите во 25 европски држави имаа можност да го следат и се надевам да уживаат во убавата музика.

Со оглед на тоа дека ова ви беа првите солистички настапи во татковината по цела една деценија, како ја подготвувавте програмата? Што ви беше примарно притоа – да ја покажете наново вашата виртуозност или можеби да понудите еден нов и по свеж, зрел инструменталистички концепт?

Подготовките за било кој концерт кога сте веќе зрел музичар, солист, се од “олимписка” природа…а тоа се учи уште во студентските денови. Правилна исхрана, здрав сон и физичка активност за мене се основа да можете да почнете да работите на својот ум, концентрација, фокус и контрола. Техничката и менталната подготовка на програмата е посебен универзум што секој инструменталист треба самиот да го открива. Сето тоа придонесува да можете да ги покажете своето срце и душа на сцената. Трпението, дисциплината и упорноста се карактерни особини кои ги имаме или ги градиме, и без кои ,ниеден солист не може да се бави со оваа професија.

Доколку како уметници разбереме дека се натпреваруваме само со себе во текот на целиот живот, тогаш ќе успееме да си ги исполниме сопствените капацитети. Едно е чувството на одговорност додека сте студент, а нешто сосема друго кога ќе станете признат солист и педагог. Особено во меѓународни рамки. Секако дека е најтешко да се свири пред „гитаристичка“ и музички поткована публика, но и пред домашната, посебно кога тоа го правите после толку голема пауза. Мене главната мотивација во подготовката на новата програма ми беше моментот таа да биде составена од дела од различни епохи кои сеуште ги немав изведувано во Македонија. Исто така, направив транскрипции за класична гитара на две наши познати песни - „Зошто си ме мајко родила“ и ромската химна „Џелем џелем“. И покрај виртуозноста на програмата во рамките на светската музика, од класиката, преку шпанската музика и тангото, сепак публиката најмногу се воодушеви од нашата музика. Таа изгледа длабоко ги погали во срцата. Ми се чини дека сите бевме жедни за нешто такво токму поради целата ситуација со ограничувањата, со пандемијата.

Како инструменталист, педагог, прв човек на интернационалниот фестивал „Тремоло“, човек кој со својата умешност и посветеност го свртел светот... до какво сознание дојдовте за гитарата. За класичната гитара? Можете ли да кажете дека откривте голем дел од нејзините тајни? Дека конечно ја „совладавте“?

Интернационалниот фестивал за гитара „Тремоло“, што го работам заедно со Детскиот креативен центар „Карпош“ од Скопје, долги години е единствената манифестација, ако сакате и фестивал од ваков тип во Македонија. И, нашите институции треба неизмерно тоа да го ценат и поддржуваат. Тој им дава можност на младите гитаристи да се едуцираат од дома, а воедно да ги слушнат и видат во живо светските солисти и еминентни педагози. Ете, токму и затоа „Тремоло“ треба да се чува и да просперира во годините пред нас.

Инаку, што повеќе знаете, повеќе ви станува јасно дека океанот е се* поголем. И дека сознанието дека нешто сте совладале е далеку бидејќи во оваа професија психофизичката подготвеност и капацитет се најважни. Тајните кои ги учиме, прво ги применуваме кај себе, па потоа, веќе во ново руво, ги пренесуваме...на тие што дораснале да ги слушнат. На оние кои се спремни да вложат во себе и кои сакаат да го реализираат својот цел потенцијал. Тоа е како да сакате да се качите на еден врв од планина и да кажете дека ете сте успеале. Секогаш се јавува нова цел и предизвик кои ве водат во нови сознанија, нов период на работа на себе и ново искуство. Техничката подготвеност и виртуозитетот се нешта што се градат со години и со многу труд. Постојат тајни и знаења во сите аспекти кои ве градат како музичар. Како уметник. Класичната гитара е солистички инструмент кој во светски рамки стои рамо до рамо со останатите инструменти.

Од друга страна, како мајстор на гитарата, како музичар сигурно не беше лесно да се стигне до високото интернационално ниво што денес го уживате. Колку љубов, труд, откажување... ви беше потребно?

За било што да правите или да се занимавате најнапред потребно ви е многу љубов. Љубовта е водилка на сите наши емоции, креативност и мотивација. Јас лично секогаш го одбирав потешкиот пат. За било што. Едноставно, никогаш не сакав да сум во јато туку тежнеев да бидам голема риба. Риба која отпосле секако ќе има свое јато.

Некои книги, изреки и совети од мојот живот, тоа што моите родители ми го сервирале како размислување и воспитување, многу ми помогна во градењето на личноста и потем на патот до успехот. Секако за тоа се заслужни и моите ментори кои инсистираа да го исполнат мојот капацитет и никогаш не дозволуваа чашата да биде полу празна. Исто така, откажувањето од многу нешта е важно. Најважно е да знаете дека енергијата мора да се насочи. И сето тоа секако го правите со огромна желба и одлучност. Никогаш да не се вртите наназад и да не жалите за ништо. Семејството, како во детството, така и кога самите ќе основате семејство...е клучно за вашиот успех. Разбирањата за вашето отсуство, патувањата, вежбањето...ете тоа е финалниот ветер во грб кој што ви дава уште поголема мотивација да успеете. И другите, посебно најблиските да бидат горди и среќни и да го уживаат вашиот успех и труд.

И, кога сето ова го имате како сознание успевате ли тоа да им го пренесете на своите ученици, студенти? Конечно, каков е третманот на класичната гитара во оваа наша средина на измешани поими за реалноста воопшто, а посебно во културата каде вистинските вредности се растеглива или невидлива категорија?

Само доколку сте несебични во однос на давањето на вашето знаење на поколенијата што доаѓаат, вашето име ќе живее и натаму. Во давањето, а не во имањето е тајната на животната филозофија.

Денешниве генерации се многу напред во поглед на се*. Технички се развиваат многу порано, имаат подобри инструменти од самиот старт, имаат можности да патуваат и да си ги споделат знаењата и искуствата и надвор од земјата. Во регионот, пошироко. Достапни им се сите знаења, социјалните мрежи, интернетот воопшто, во секој момент им го нудат сето она што како основна информација им е потребно.

Јас отсекогаш се трудам да изградам пред се искрен човечки и другарски однос со студентите, но сепак прагот на вратата е јасно означен, до каде и како се може. Често одиме на планина, на езеро...шетаме... и таму ги стекнуваме и споделуваме животните здрави навики кои се скапоцени во денешно време. Би сакал секој од нив да го видам задоволен, насмеан, полн со знаење и најмногу жеден за уште нови знаења и искуства...бидејки само така ќе се чувствуваат реализирани и ќе бидат пример и водилка за генерациите што следат.

Од друга страна, во едукацијата на едно дете кое треба да се развие во музичар изведувач, огромно влијание играат и самите родители. И тие треба да се едуцираат и заедно со професорот да создадат стратегија која ќе го води инструменталистот низ сите нерамни и сончеви патишта до целта. Треба многу разбирање, истрајност, мудрост...и..да се биде добар, но строг. Правичен. Надворешниот свет е суров и доколку не го контролирате детето и не се интересирате за тоа што му се случува може многу лесно да тргне по други патеки, да се откаже.

Во образовниот процес во нашата држава гитарата е третирана како и сите останати инструменти. Но од друга страна, концертните можности се многу мали, платежната моќ на граѓаните исто така...а да не зборуваме за условите во културните домови низ градовите. Сето тоа е навистина на ниско ниво. Арно ама, за чудо и покрај се тоа што не ни оди во прилог, се покажува дека публиката е навистина жедна за музика. Морам да кажам и тоа дека во целата оваа приказна, Министерството за култура е светлата точка во однос на се што се случува друго на нашата концертна сцена.

Имаме ли ние таленти кои допрва ќе се издигнат високо во светот на класичната гитара? Успеваме ли да го држиме чекорот со она што се случува на глобално ниво?

Секако дека имаме. И тоа многу. Но... за жал, дисциплината е главната пречка за многу од нив. Не можете да бидете успешен и да ги искористите вашите потенцијали без дисциплина. Е тука често пати се виновни родителите, но и професорите. Тие треба да се личен пример за самите ученици или студенти, а често пати не е така. За да го држиме чекорот со тоа што се случува на глобално ниво, прво треба да го стигнеме. А нели, потешко е да се задржиш на врвот, отколку да го искачиш. Не чека одговорна работа.

Јас верувам во генерациите што доаѓаат. Верувам дека и на солистичко и на педагошко ниво тие еден ден ќе се реализираат. Ќе остават траг зад себе. Веќе имам зад себе многу добри генерации на студенти. Тие завршуваат на престижните факултети низ светот, како на до дипломски, така и постдипломски студии. Прашањето што не засега е, колку од нив...и дали воопшто ќе се вратат тука за да го дадат своето знаење и искуство.

Но тоа не зависи само од нив, туку и од тоа колку државата ја цени и помага уметноста.

И, каде по завршувањето на оваа серија концерти ќе се упати Багески? Кои се неговите планови за догледно време. Концерти, фестивали, снимања ...

Пред се*, после краткиот одмор од четирите концерти најнапред ќе и се посветам на фамилијата, на моите студенти и дури потоа ќе почнам да го подготвувам новиот концертен програм.

Некаде напролет следната 2022 година имам гостувања во САД , Хрватска и во Германија... Станува збор генерално за солистички концерти,а ќе имам и некои проекти како солист со еден оркестар, но тоа ќе оставам да биде изненадување за публиката.

Планирам дел од програмата што ја свирев да ја снимам професионално и тој материјал подоцна да и биде достапен на јавноста во две верзии - како аудио и видео. До тогаш, со студентите не очекуваат и големи предизвици на нови меѓународни натпревари. Ќе ни треба енергија и добра мисла за сево ова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG