Достапни линкови

Грчко лето, избори и мигранти


Кога се стемнува на егејскиот остров Самос, голем број мигранти го напуштаат валканиот логор над градот Вати, за да се освежат на пристаништето. Меѓутоа, локалните жители не се радуваат кога ќе ги видат. И по неколку години соживот, прашањето околу мигрантите е едно од клучните на изборите на 7 јули.

На помалку од два километра од брегот на Турција, Самос е меѓу неколкуте грчки острови, кои беа во жижата на миграционата криза во 2015 година.

Изборите во Грција и мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Тогаш повеќе од 800.000 мигранти и бегалци од главно воено разурнатата Сирија дојдоа преку Турција.

Стотици од нив загинаа во тие обиди. Договорот на ЕУ со Анкара во 2016 година драстично го намали мигрантскиот бран на островите Самос, Лесбос, Хиос, Кос и Лерос.

Сепак, неколку десетици се уште пристигнуваат секојдневно со бродчиња, ризикувајќи ги своите животи, но и потоа живеејќи во тешките услови во кампот.

Во 650 куќи живеат над 3.000 луѓе.

Јоанис Калтакис, локален адвокат вели дека владата „ќе плати за својот неуспех да ги чува границите“ на парламентарните избори што ќе се одржат на 7 јули:

„Општо земено, луѓето од Самос не се непријателски расположени спрема овие луѓе. Тие се непријателски расположени спрема владата и тоа е она што владата ќе го плати на претстојните избори, бидејќи не можеше подобро да ги заштити границите, што резултираше со сите овие луѓе кои доаѓаат тука“.

Јоргос Станцос во јуни беше избран за градоначалник на изборната единица во која живее половина од жителите на Самос.

Тој вели дека тие се „многу разочарани“ од владата во Атина, но и во Европската унија.

„Тоа е како ЕУ да има решено да го направи Самос магацин на човечки души. Но, главно, постои големо разочарување во грчката влада која не успеа да ја менаџира ситуацијата“.

Пензионерот Манолис, пак вели дек не само мигрантите ќе бидат главен критериум за изборите:

„Сè ќе има улога, не само прашањето на миграцијата, туку и проблемот со економската политика што владата ја применуваше во последно време. Тие не се комунисти, тие се лажни комунисти“.

На изборите за Европскиот парламент во мај на Самос победи конзервативната партија Нова демократија, пред левичарската Сириза на премиерот Алексис Ципрас.

Националистичките партии, вклучувајќи ја и неонацистичката Златна зора, собраа околу 3.000 гласови.

Грчкото министерство за миграции се бореше со месеци за да го ублажи притисокот врз Самос, ветувајќи дека годинава целосно ќе го затвори кампот.

Релокацијата на повеќе од 5.000 бегалци лани, исто така, не ја подобри ситуацијата со оглед на тоа што и натаму доаѓаат нови мигранти и бегалци.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG