Достапни линкови

Грузискиот парламент го отфрли контроверзниот закон за „странски агенти“


Илустрација од протестите против контроверзниот закон за „странски агенти“, Тбилиси 9 март 2023 година
Илустрација од протестите против контроверзниот закон за „странски агенти“, Тбилиси 9 март 2023 година

Грузискиот парламент донесе одлука за повлекување на контроверзниот закон за „странски агенти“ по неколкудневните протести во Тбилиси. Демонстрациите беа обележани со насилни судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Критичарите сметаат дека нацрт-законот бил инспириран од  руското законодавство и може да ја турне земјата кон авторитарен режим.

Грузиските пратеници гласаа за отфрлање на контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“ за кој се смета дека сериозно би ја ограничил активноста на невладините организации и медиумите во таа земја.

Овој потег следува откако грузиската владејачка партија во четвртокот го отфрли законот за „странски агенти“ поради критиките дека нацрт-законот е инспириран од руското законодавство и може да ја турне земјата кон авторитарен режим.

Парламентот денеска гласаше во второто читање на нацртот, што се одржа еден ден откако владејачката партија „Грузиски сон“ објави дека го повлекува предложениот закон поради јавните протести.

Пратениците гласаа 35-1 против предлог-законот. Проевропските опозициски пратеници за време на гласањето развиорија знамиња на Европската унија и Грузија.

Гласањето следи по неколкудневните протести на кои десетици илјади луѓе се собраа на улиците на Тбилиси. Демонстрантите се собраа пред зградата на парламентот во главниот град, каде вееја грузиски, украински и знамиња на ЕУ и извикуваа антивладини слогани и повикаа на предвремени парламентарни избори.

Антируските чувства во Грузија, сѐ уште се многу силни. Руските трупи контролираат околу една петтина од територијата на Грузија, најголемиот дел од неа земена за време на војната во 2008 година, која се однесуваше на отцепените североисточни републики, Абхазија и Јужна Осетија. Ноќта меѓу 7 и 8 август 2008 година грузиските трупи влегоа во Јужна Осетија, но беа поразени за неколку дена. Русија подоцна ги призна Абхазија и Јужна Осетија како независни држави и до денес таму има стационирано свои војници.

Протестите против контроверзниот закон започнаа кога парламентот го усвои Законот за странски агенти поддржан од партијата „Грузиски сон“ и го усвои на прво читање. Предлог-законот, доколку поминеше, ќе ги принудеше граѓанските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да бидат класифицирани како странски агенти.

Демонстрациите, кои започнаа на 7 март, беа обележани со насилни судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Учесниците во протестите носеа грузиски и знамиња на ЕУ и скандираа против законот. Судирите меѓу полицијата и активистите резултираа со десетици апсења и повредени.

Грузиското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека сите 133 лица кои биле приведени за време на протестите се ослободени. Се додава дека речиси 60 полицајци биле повредени во судирите за време на демонстрациите. Покрената е и истрага за насилство.

XS
SM
MD
LG