Достапни линкови

Заев-Курти: Согласни за ЕУ, ама не и за Отворен Балкан


Македонскиот премиер Зоран Заев и косовскиот премиер Албин Курти
Македонскиот премиер Зоран Заев и косовскиот премиер Албин Курти

Двајцата премиери Зоран Заев и Албин Курти уверуваат дека договорите кои биле потпишани на првата заедничка седница на двете влади, ќе бидат реализирани. Иако истакнуваат дека двете земји имаат исти интереси, нивните ставови во врска со иницијативата „Отворен Балкан“ се разликуваат

Како позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на односите и севкупната соработка меѓу Северна Македонија и Косово беше оценета првата заедничка седница на Владите на двете земји, од страна на премиерите Зоран Заев и Албин Курти. На заедничката прес конференција по завршувањето на седницата, тие изразија уверување дека единаесетте договори кои биле потпишани во различни области, ќе бидат спроведени и ќе придонесат за продлабочување на билатералните односи.

„Со нашата подготвеност и сериозноста која ја покажуваме и професионализмот на нашите екипи, убеден сум дека сите договори ќе бидат остварени, а потоа да продолжиме да ги реализираме и другите договори кои беа сопрени и до крајот на нашиот мандат нема да зборуваме за неспроведени договори, туку само за нашите заеднички постигнувања на секое од полињата во кои беа потпишани договорите“, изјави косовскиот премиер Курти.

Премиерот Заев рече дека со Косово не поврзуваат многу заеднички интереси и додаде дека сите земји од Западен Балкан имаат европска иднина. Тој истакна дека Косово има искрена поддршка од Македонија што поскоро да постигне напредок во интеграцијата кон ЕУ, преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и во добивањето на визна либерализација.

„Навистина е важно Косово да излезе од неправедната состојба без визна либерализација со ЕУ затоа што ги исполни сите услови, нема никакви пречки и драго ми е што сите земји даваат поддршка за ова прашање. Јас немам против и сите земји заедно да влеземе во ЕУ, само нека биде порано“, изјави Заев.

На новинарското прашање зошто Косово не ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“, во која се вклучени Македонија, Србија и Албанија, Курти немаше конкретен одговор.

„Ние сакаме што повеќе соработка и остварување на договорите, а денешната средба е доказ за тоа. Ние сме ориентирани кон иднината, а за нас иднината е ЕУ. Затоа ние ќе ги поттикнеме сите регионални соработки со цел ЕУ и сосема природно е дека спроведувањето на ниту еден од договорите што ги потпишавме нема да биде доведено во прашање“, изјави Курти.

Премиерот Заев пак рече дека за ова прашање со косовската влада имаат различни ставови, но дека тоа не ги спречува двете земји одлично да соработуваат.

Курти не одговори конкретно ниту дали ќе и бидат испорачани на македонските власти Африм Исмаиловиќ и Алим Демири обвинети во случајот „Монструм“.

„Знаеме дека од минатото наследивме трагични случаи и тешки предмети. Но има и други предмети кои според мое убедување не се разјаснети докрај и ја немаме за нив целосната вистина. Заедно со премиерот Зоран Заев разговаравме за меѓусебна поддршка, но и за меѓународна помош, како би имало правда и за двете земји, но и за жртвите, и како би се научила вистината на крајот”, изјави Курти.

Премиерот Заев пак ја повтори поддршката на дијалогот меѓу Белград и Приштина, образложувајќи дека взаемно прифатливо решение ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот на интегрирање во ЕУ. Како придонес кон натамошно зацврстување на добрососедските односи го истакна испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР ќе ја зајакне натамошната стабилност како на Косово, така и стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Инаку ова е прва заедничка седница на владите на двете земји, која ја предводат премиерите Заев и Курти. Косовската владина делегација беше пречекана од премиерот Заев и неговата влада со највисоки воено-државни почести. Пред заедничката седница, Заев и Курти имаа тет а тет средба, а министрите одржале повеќе билатерални средби. На заедничката седница биле потпишани 11 меморандуми и договори за соработка од областа на инфраструктурата, дијаспората, енергетиката, економијата, туризмот безбедноста, иноваци и технолошки развој.

Во октомври минатата година во посета на земјава беше и поранешниот премиер Авдулах Хоти. И двајцата премиери тогаш ја најавија прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји најавувајќи го како позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на меѓусебните односи.

Инаку Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија. Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА Договорот и Договорот за економска соработка. Вкупната трговска размена за 2020 година изнесувала 305, 7 милиони долари, а само во првиот квартал од оваа година остварена е трговска размена од 130, 2 милиони долари.

Со одлука на Владата од 9 октомври 2008година, Република Северна Македонија ја призна независноста на Република Косово, а на 17 октомври 2009 година, по потпишување на Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, беа воспоставени дипломатските односи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG