Достапни линкови

Вонредна состојба во Судан по воениот удар


Демонстрации во Судан по обидот за воено преземање на власта

Неколку членови на владата на Судан се приведени, откако војници извршија воен удар во земјата. Суданскиот генерал прогласи вонредна состојба, илјадници демонстранти излегоа на улица против военото преземање на власта. Најмалку 12 демонстранти се ранети.

Суданскиот генерал Абдел-Фатах Бурхан денеска прогласи вонредна состојба неколку часа откако неговите сили го уапсија вршителот на должноста премиер и други високи владини функционери. Во неговото телевизиско обраќање, генералот Бурхан објави дека го распушта владејачкиот Суверен совет во земјата, како и владата предводена од премиерот Абдала Хамдок. Тој најави дека земјата до избори ќе ја води нова технократска влада.

Пред неколку часа воени сили го уапсија вршителот на должност премиер на Судан Абдала Хамдок и неколку министри, по што го прекинаат и пристапот до интернет во земјата. Како одговор на тоа десетици илјади луѓе излегоа на протести и ги преплавија улиците на главниот град Картум во знак на протест на военото преземање на власта во државата.

Демонстрантите ги пробија безбедносните барикади и се упатија кон воениот штаб во главниот град, јавува новинската агенција ДПА. Во главниот град се слушаа пукотници, а беа запалени и барикади. Дел од новинските агенции јавуваат дека воените вооружени сили отвориле оган врз демонстрантите.

Најмалку 12 демонстранти се ранети во демонстрациите, според Суданскиот лекарски комитет, без да се наведат детали, јавува новинската агенција Асошитејд прес.

Дел од светските новински агенции објавија видео снимки на кои се гледа како демонстрантите блокираат улици и палат гуми додека безбедносните сили употребија солзавец за да ги растераат. На видеата се слушнат извици на демонстрантите „Народот е посилен, посилен“ и „Повлекувањето не е опција!“ додека облаци од чад од запалени гуми го исполнуваа просторот во главниот град.

Преземањето на власта од војската би било големо назадување за Судан, кој се бори со транзицијата кон демократијата, откако долгогодишниот автократ Омар ал-Башир беше соборен со масовни протести пред две години.

Потезите доаѓаат на помалку од еден месец пред крајниот рок во кој шефот на војската, генерал Абдел-Фатах Бурхан, требаше да го предаде раководството на владејачкиот преоден совет на цивил. Суверениот совет, кој управува со земјата веднаш по соборувањето на Ал-Башир, вклучува и воени и цивилни членови, кои често не се согласуваа околу курсот на Судан и темпото на транзиција кон демократија.

Светот „длабоко вознемирен “ од случувањата во Судан

Соединетите Американски Држави и Европската Унија изразија загриженост поради случувањата во Судан. Специјалниот американски претставник за Африка Џефри Фелтман, изјави денеска дека Вашингтон е „длабоко вознемирен“ од извештаите.

Фелтман во текот на викендов се состана со судански официјални лица во обид да го реши растечкиот спор меѓу цивилните и воените лидери.

Еврокомесарот за надворешни работи Жозеф Борел на Твитер напиша дека ги следи настаните со „најголема загриженост“.

Претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат повика на „итно продолжување“ на дијалогот меѓу војската и цивилите во Судан, откако безбедносните сили приведоа високи функционери од преодната влада.

„Претседавачот повикува на итно продолжување на консултациите меѓу цивилите и војската во рамките на политичката декларација и уставниот декрет“, посочи Факи Махамат во изјавата објавена на Твитер.

Тој изрази „длабоко вознемирување“ од случувањата во Судан, каде што премиерот Абдала Хамдок е приведен.

Како започна денешните тензии?

Првите информации за можно воено преземање на власта почна да се објавуваат утрово кога и официјално Министерството за информации потврди дека премиерот Абдала Хамдок е уапсен и одведен на непозната локација.
„Цивилни членови на преодниот суверен совет и голем број министри од преодната влада се приведени од здружени воени сили. Тие се одведени на неидетификувана локација“, се вели во соопштението на Министерството на социјалната мрежа Фејсбук.

Новинските агенции јавуваа дека воените единици го опколија домот на цивилниот премиер Абдала Хамдок и уапсија неколку членови на неговиот кабинет и најмалку еден близок соработник. Здружението на судански професионалци ги повика граѓаните да излезат на улиците за да „се спротивстават“ на секој воен удар против Суверениот совет на земјата, поддржан од Западот.

Канцеларијата на Хамдок во соопштението на Фејсбук наведе дека покрај привремениот премиер приведена е и неговата сопруга како дел од, како што рече, „целосен удар“.

Во текот на утрото, воените сили упаднаа во канцелариите на суданската државна телевизија во Омдурман и приведоа голем број работници, соопшти Министерството за информации.

До ваквиот пресврт во Судан доаѓа по неколку неделни зголемени тензии меѓу цивилните и воените лидери на Судан. Неуспешниот обид за државен удар во септември ја раздвои земјата по старите линии, ставајќи ги поконзервативните исламисти кои сакаат воена влада против оние кои го соборија Ал Башир на протестите. Во последните денови и двата табора излегоа на улица во демонстрации.

Судан е на кревок пат кон демократијата. Со него управува воено-цивилна влада откако народниот бунт доведе до соборување на војската на долгогодишниот автократ Омар ал-Башир во 2019 година. По падот на Ал Башир од власт, Судан полека излезе од долгогодишниот меѓународен статус на парија. Земјата беше тргната од списокот на државните поддржувачи на тероризмот на Соединетите држави во 2020 година, со што се отвори вратата за потребните странски заеми и инвестиции.

Сепак, во изминатиов период се зголемуваа тензиите меѓу војската и цивилните членови на Суверениот совет. Владата во Картум, која бара подобри врски со САД и Западот по речиси три децении меѓународна изолација, се соочува со огромни економски и безбедносни предизвици кои се закануваат да ја попречат нејзината транзиција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG