Достапни линкови

Повеќе фактори, а не е само патот причина за несреќата во Бугарија


Автобуската несреќа на патот „Струма“.
Автобуската несреќа на патот „Струма“.

Бугарската министерка за регионален развој Комитова изјави дека не само патот, туку и други фактори може да се причината за автобуската несреќа во која загинаа 45 лица. Но, посочи и дека на патот треба да има ограничување од 90 километри на час, иако и тоа го исклучи како причина за несреќата.

Има многу фактори кои можеле да ја предизвикаат и придонеле да се случи автобуската несреќа и фокусот не може да се стави само на патната инфраструктура, изјави бугарската министерка за регионален развој Виолета Комитова, коментирајќи ја состојбата на магистралниот пат „Струма“ каде автобус со туристи од Македонија пред една недела се запали при што загинаа 45 патници, а седум беа повредени. Според неа, ставањето на фокусот на патната инфраструктура ја искривува целата тема за безбедност на патиштата, која има четири основни елементи, патната инфраструктура, превозни средства, возачи и метеоролошки услови. Тие фактори, во секој случај, како што рече, дејствуваат заедно.

„Имаме ноќно возење. Имаме дожд. Имаме лизгав пат. Имаме возач на кој можеби му станало лошо. Имаме пожар кој не се случува при секоја катастрофа. Ударот е слаб, со мала брзина во банкината, но предизвикал пожар. Има ситуација која не може да се објасни, зошто тој автобус гори за толку кратко време. Има многу фактори и сите можеби помогнале по малку“, рече Комитова.

Таа додаде дека не сака да звучи како оправдување тоа што многу фактори дејствувале за несреќниот случај.

„Ако некој од вас може да каже-Да барикадата е виновна или исклучувањето е виновнo, кажете. Но, ние немаме недвосмислен одговор по ова прашање“, додаде Комитова.

Таа ја презентираше хорнологијата на изградбата на патот и кажа дека проектот бил одобрен во 2002 година. Патот, според неа, бил изграден согласно тогашните стандарди. Комитова додаде и дека ограничувањето на брзината на „Струма“ треба да е 90 километри на час, бидејќи не се работи за автопат. Во 2013, како што информираше, била променета брзината од 90 на 120 километри на час. Комитова ја исклучи веројатноста дека зголемената бризина е причина за несреќата.

Состојбата на патот, според неа е добра. Околу 6 месеци, како што информираше, се доцни со обележувањето на патот. Во однос на банкините во кои удри автобусот, таа рече дека тогаш биле направени согласно бараните стандарди. Но, од годинава, како што додаде, има нови правила за банкините.

Автобусот на компанијата „Беса Транс“ рано утрината на 23 ноември се удри и се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија. Автобусите се враќаа од Истанбул кон Скопје. Вкупно четири автобуси беа дел од турата што ја организирирала компанијата до Истанбул.

Истрагата за несреќата ја води бугарското обвинителство во соработка со македонските колеги. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска изјави дека пожарот почнал кај багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот во предниот дел на автобусот. Русковска рече и дека сопственикот на „Беса Транс“ Беким Хаџиу бил во еден од автобусите кои се враќале од Истанбул како втор возач, а дека автобусите не возеле во конвој, туку разделени па така останатите не ја виделе несреќата.

Таа додаде дека сите документи за несреќата ги доставила до нејзините бугарски колеги кои ја водат истрагата. Русковска информираше и дека на местото на несреќата разговарала со Хаџиу кој ѝ рекол дека не била пренесувана никаква запалива материја во автобусите. Русковска изјави дека македонското обвинителство води предистражна постапка не за причините за несреќата, туку за другите аспекти.

Хаџиу во интервју за бугарската телевизија БТН изјави дека автобусот пред да тргне за Истанбул бил на сервис и се било во ред. Тој ја отфрли и можноста некои од патниците да внеле во автобусот запаливи материи. Хаџиу потврди и дека тој и неговото семејство патувале во дrугите автобуси. Опожарениот автобус е од 2007 година, но, кaко што наведе Хаџиу, бил купен од пред околу три години.

Хаџиу вели и дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација. Според него, за 12-часовна рута до Истанбул биле доволни двајца возачи кои строго ги почитувале часовите за одмор. Тој потврди дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да се движи повеќе од 100 километри на час.

Предавањето на телата на загинатите, како што најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде направено преку организиран државен протокол најдоцна до петок. Според него, предавањето на телата ќе биде во четврток, кое ќе се изврши со авион од Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден останките ќе им бидат предадени на семејствата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG