Достапни линкови

Водич за „студентски оброк“ - Кога, каде и како да се пријавам


Архивска фотографија

За субвенциониран студентски оброк можат да аплицираат сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, под точно определни услови

Аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, во месечен износ од 2400 денари за 9 месеци во годината, еотворено и ќе трае до 31 август. Според Владата, ова е системско решение кое е дел од програмата за работа на Владата и на Министерството за образование и наука (МОН) и со кое, како што велат надлежните, значително се унапредува студентскиот стандард преку доделување на финансиска поддршка.

За субвенциониран студентски оброк можат да аплицираат сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија.

Кои се условите за пријавување

Апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:

  • да не се во редовен работен однос
  • да не се регистрирани како индивидуални земјоделци
  • да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Потребни документи

Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, каде пополнети и потпишани се прикачуваат потребните документи. Потребни документи за пријавување се:

  • Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и
  • Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк

При аплицирањето, студентите задолжително треба да го погледнат и документот – Насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк.

МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.

Резултати и продолжени рокови

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

По истекувањето на роковите за пријавување, Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат, а средствата ќе им се префрлаат на трансакциските сметки на студентите чии апликации се прифатени, на почетокот на секој месец.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

15 милиони евра за 40.000 студенти

Според пресметките, финансиска поддршка се предвидува за околу 40.000 студенти кои ќе го користат ова права, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите кои ќе го остварат правото, средствата ќе можат да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

Поддршка за аплицирање

МОН информираше дека обезбедува и поддршка за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард, на следните контакти:

  • 075 276 310 Ќенан Сали (qenan.sali@mon.gov.mk)
  • 076 485 023 Џемиле Ламалари (xhemile.lamallari@mon.gov.mk)
  • 070 622 853 Неше Мустафа (nese.mustafa@mon.gov.mk)
  • Преку наменската канцеларија на приземјето во зградата на МОН.

Заинтересираните можат да аплицираат на следниов ЛИНК

XS
SM
MD
LG