Достапни линкови

Внимателно со огласите за работа на социјалните мрежи


илустрација
илустрација

Во обид да најдат вработување, сè поголем број граѓани се пријавуваат на огласи за работа на социјалните мрежи. Во последно време, многу од нив нудат работа од дома, а недостигот на транспарентни информации за работата што ја нудат ги отвара сомнежите за можни манипулации

„Итно се потребни 7 сериозни дами за работа од дома“...

„Сакате да направите нешто, да заработите пари и не знаете каде? Придружете се и бидете дел од нашиот успешен тим! Сè што ви треба е волја да заработите пари. Бесплатно членство, обука и поддршка во се“!

„Се бараат 10 личности за работа од дома. Не е важно дали сте вработени или не, дали сте завршиле училиште или не. Искористете ја шансата да успеете и да остварите заработка. Нашиот тим нуди работа преку Интернет. Доколку сте заинтерисирани напишете ДА во коментар или најдобро во порака. Ве чекам, побрзајте местата се ограничени“.

Сè почесто огласи со ваква содржина може да се прочитаат на социјалните мрежи, а не е мал интересот на граѓаните кои во обид да заработат веднаш се пријавуваат, барајќи информации за видот и обврските на работата која им се нуди.

Радио Слободна Европа испрати прашања до некои од огласувачите и побара информации за каков вид на работа се работи и какви обврски би имал работникот. Оние кои ни одговорија велат дека се работи за каталошка продажба на козметички производи или средства за хигиена.

„Почетната заработка е 33% на секој производ. Дополнително, предвидена е и второстепена плата и награди за успешни членови. Не постои договор што ве обврзува на ништо. Вие избирате време и место за работа, а јас сум тука да ви помогнам да најдете клиенти и да ви дадам слики за реклами. Би сакал да напоменам дека членството е бесплатно и прво се обидуваш да си ја собереш првата нарачка, па дури потоа ако успееш стануваш член, па нема ризик и вложување однапред“, ни одговори еден од огласувачите.

Во меѓувреме на веб страницата на Агенцијата за вработување и агенциите кои посредуваат при вработување постојано се објавуваат огласи и во секој момент во државата има по неколку илјади слободни работни места.

Од порталот „Вработување.ком“ велат дека освен на нивната веб страница огласите на своите клиенти ги објавуваат и на социјалните мрежи, но само ако тоа го побараат тие.

„Кога објавувате оглас за работа, мора јавно и транспарентно да напишете која е фирмата, податоци за неа, контакт информации итн. Без тоа, ние не прифаќаме огласи. Од друга страна, имаме цела документација за тоа која е фирмата, нејзиниот матичен број, односно има систем како се прави тоа во светот и се трудиме и ние да ги практикуваме тие работи. И во случај на евентуална измама, ние имаме точни податоци за фирмата со која сме соработувале, вели Дарко Велков сопственик на порталот Вработување.ком

Велков посочува дека фрекфенцијата на посети на неговиот портал е голема, па така во просек околу 70 000 луѓе дневно го посетуваат неговиот портал со огласи за вработување.

Некои од граѓаните се сомневаат дека преку оглас може да дојдат до работа, а има и такви на кои дел од огласите им изгледаат сомнително, бидејќи едни исти фирми постојано бараат работници или пак огласот е некомплетен и недоволно јасен.

Но, како граѓаните да се заштитат од можна злоупотреба на нивните податоци ако се пријават на огласи кои не се доволно транспарентни и кои отвораат простор за сомнеж?

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми вели дека можностите за пребарување преку огласување се толку големи што ги користат информациите што самите ги даваме на социјалните медиуми, а со цел подоцна бараниот оглас да ги најде нашите карактеристики. Тоа не е спорно кога податоците се шифрирани, вели Кордалов. Но, во делот на заштитата од злоупотреба, тој апелира граѓаните да бидат внимателни во давањето податоци онлајн.

„Најголемата заштита е личната. Бидејќи колку и да е тешка економската ситуација, мора да изградиме заштита и препознавање на тоа што има за цел да ни украде лични податоци, а што се начини и огласи за вработување. На пример фејсбук има посебни платформи за закачување на огласите. И со самото тоа овозможува релевантност и прегледност. Но дури и тоа да е случај, тоа не не амнестира нас да провериме за што станува збор. Ако некој ни побара кредитна картичка, или информации кои не се дел од нивната биографија, ако ни побара детали за живот и локации, тогаш треба да ни се запали алармот“, изјави Кордалов.

Од друга страна тој додава дека не треба да се амнестираат институциите кои мора да најдат начин како да ги пресретнат злоупотребувачите на личните податоци на луѓето или се што е со закон забрането.

Во меѓувреме од Организацијата за потрошувачи апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при купувањето преку социјалните мрежи затоа што нема механизам со кој би се спречило некој да отвори профил и да нуди производи онлајн. Во случај на злоупотреба на личните податоци на потрошувачот, треба веднаш да се пријави во Министерството за внатрешни работи.

„Кај нас сè уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Од таа причина потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие т.н. фиктивни продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат тешкотии за заштита на своите права. Во случај да им бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и Агенција за заштита на личните податоци“, појаснуваат од ОПМ.

Од Министерството за внатрешни работи на прашање на МИА за информација за број на пријави за измама при интернет купување и нелегална продажба од страна на лажни трговци и онлајн страници во изминатите две години, соопштија дека минатата година се регистрирани шест кривични дела „компјутерска измама“ за кои се пријавени пет сторители.

Адвокатите велат дека кривични дела преку интернет имало многу малку. Тие советуваат дека најдобриот начин да се заштитат граѓаните е да не ги даваат своите лични податоци и да се ограничат на бројот на луѓе кои навистина ги познаваат.

Согласно податоците од Агенцијата за вработување, заклучно со 31.01.2022 година евидентирани се 127 753 невработени лица и 50 043 кои бараат работа. Во моментот најмногу работа се бара во секторот продажба, среден менаџмент, понатаму работници во производство, инжењери и др..

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG