Достапни линкови

Владимир Јанковски: Литературата заслужува многу повеќе видливост


Владимир Јанковски

Писателот, книжевник и преведувач Владимир Јанковски за својот микс од приказни „Скриени желби, немирни патувања“, издание на „Антолог“, е лауреат на престижната награда „Роман на годината 2020“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

На почетокот би сакал да се заблагодарам на фондацијата „Славко Јаневски“ за сите активности што ги презема во врска со доделувањето на наградата „Роман на годината“, затоа што мислам дека прави една исклучително важна функција во нашето општество. Во времето во коешто речиси литературата е избришана од јавниот медиумски простор и од доминантните медиуми кои секојдневно допираат во домовите на сите нас, тие со доделувањето на оваа награда предизвикуваат литературата да добие мал дел од својата видливост. Тој мал дел од својата видливост што го добива не е доволен бидејќи мислам дека литературата заслужува многу повеќе.

Вака писателот Владимир Јанковски ќе ја започне својата беседа откако ќе биде соопштено дека неговиот „Скриени желби, немирни патувања“, издание на „Антолог“ од Скопје, e прогласен за добитник на престижната награда „Роман на годината 2020“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“. Наградата се доделува по 22.пат по ред, а овојпат за неа во конкуренција беа 41 роман, од кои жири-комисијата во состав Оливера Николова (претседателка и минатогодишна лауреатка), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева, се одлучи наградата да ја добие токму најновото книжевно остварување на Јанковски.

Тој во продолжение истакнува дека има прочитано голем дел од книгите коишто беа во годинашната конкуренција за доделување на наградата и дека може слободно да каже дека станува збор за исклучителна година од аспект на книжевната продукција. За исклучителни книги. Посочува дека слободно која било од книгите која влегла во претпоследниот или во последниот круг можела да го заземе тоа место затоа што се работи за „книги којшто го прават токму она што не го правиме во јавниот дискурс во којшто моментално живееме“.

Нашите медиуми и јавниот дискурс се сведуваат на приказната на зборување на исто за истото, поставеност на нештата во една монотона црно-бела перспектива којашто многу повеќе одговара на стереотипизираната борба на политичките елити отколку на суштинската потреба на гледачите, на луѓето коишто живеат во оваа земја, а тоа е да го прикажува светот во целата негова нијансираност и разноликост. Тоа го немаме за жал во јавниот простор, а во книгите коишто годинава влегоа и во претпоследниот и во последниот круг и воопшто што беа дел од конкуренцијата за „Роман на годината“ го има токму тоа. Литературата и раскажувањето на приказни нас ни се потребни, затоа што раскажувањето приказни кажува дека животот е полн со многу повеќе нијанси. Животот не е црно-бел. Нештата што ни се случуваат се нијансирани, се различни, шаренолики, се полни со различни перспективи и затоа треба, на некој начин, сите да се потрудиме литературата и воопшто уметноста што се создава што е можно повеќе да допре до луѓето што живеат околу нас, до нашите сограѓани, затоа што на тој начин не само што создаваме по комплексен начин на живот туку и создаваме и една посложена перспектива за светот и животот што не опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни, смета Јанковски.

Прашан за неговото интимно чувство за ова престижно признание и воопшто за наградите, писателот истакнува дека оваа награда му значи многу затоа што „кога човек пишува одредена книга, она што е клучно е приказната што ја раскажува со целата страст и енергија што ја има и да допре до што е можно поголем круг на публика. Ќе рече дека годишно се објавуваат многу книги, збирки поезија, романи... а од друга страна во контекстот во којшто живееме литературата, сепак, не е толку видлива колку што треба да биде видлива.

Отсекогаш сум мислел дека овие награди претставуваат еден мост помеѓу книгата и читателите. И обично секогаш кога одредена книга ќе го добие вниманието да биде наградена, тоа значи дека ќе има поголем број публика, дека ќе влезе во фокусот на читателите. Затоа што она што најмногу ми значи кај оваа награда е претпоставувам токму тоа – можноста книгата да се издвои од морето други книги и можеби да допре до што е можно поголем број луѓе, да биде читана , појаснува Владимир.

Тој и со констатација дека од друга страна тоа е и обврска и стимул за натамошното творештво на еден автор.

Кога ќе се случи една книга од 40 други да биде извлечена на површината, луѓе коишто биле во жири комисија а тоа се релевантни луѓе од областа на литературата да ја изберат токму твојата книга, тоа е она чувство дека тоа што си го направил допрело до нив. И, секако дека претпоставува стимул. Тоа значи дека човек се додека го има чувството дека некој ги слуша неговите приказни и ги чита неговите дела, значи дека има смисла и да се создава. Веројатно многу луѓе се прашуваат во денешното меркантилно време: Зошто да се создава? Па, се создава заради читателите. И еден читател да има една книга, вреди да се создава. Сега претпоставувам дека тие читатели ќе се зголемат и во тој контекст, стимулот и желбата за создавање кај мене како автор се зголемуваат.

Во контекст на пишувањето ... Владимир Јанковски ќе рече дека самиот е човек кој релативно бавно создава. Дека неговиот прв роман „Вечно сегашно време“ го објавил во 2010 година, дека следниот „Невидливи љубови“ (за кој патем ја доби наградата „Рациново признание“ и беше македонски кандидат за наградата „Балканика“) излегол во 2015 и еве сега „Скриени желби, немирни патувања“ во 2020. Дека роман пишува на секои пет години, што за некој од надвор во денешното време на хиперпродукција може да се чини дека е малку, но дека тоа за него и не е баш така.

Јас мислам дека литературните дела, или литературните дела што мене ме интересираат треба да се создаваат бавно. Да се живее животот, да се доживуваат искуства, да се читаат други книги, да се слушаат многу албуми, да се изгледаат многу филмови, да се оди на многу изложби... и сето тоа, заедно со искуството, да се процеди низ филтерот на авторот и да излезе како некое уметничко дело. Да, создавам ново дело, но тоа оди бавно. Секој ден пишувам по една реченица и само чекам приказната да ме заокружи мене за јас да ја доживеам таа страст и да ја заокружам и неа, смета Јанковски.

Инаку, во образложението за одлуката на жири комисијата за доделување на наградата „Роман на годината 2020“ ќе биде напишано: „Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително занимлива колажна структура, базирана врз животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација. Неколкуте приказни, соопштувани во лапидарни секвенции, го градат овој мозаичен роман ширејќи ја убедливо неговата првобитна поставеност“.

Кон ова само уште информацијата дека на крајот на јануари годинава за „Скриени желби, немирни патувања“ Владимир Јанковски беше избран за македонски кандидат за престижната регионална награда „Балканика“.


  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG