Достапни линкови

Виолинистката Солозобова солистка за 77 роденден на Филхармонија


Плакатот за славеничкиот концерт за 77 роденден на македонската Филхармонија

Концертот за виолина и оркестар број 1 од Чajковски и Брамсовата „Прва Симфонија“ се делата што ќе бидат изведени на концертот „Убава Русија“ со кој Филхармонија ќе ги одбележи 77 години од своето формирање. Солист ќе биде виолинистката Марија Солозобова, а диригент Конрад ван Алфен од Холандија.

Комбинација од виртуозна моќ, креативна спонтаност и елеганција. Нејзиниот модерен стил сигурно ќе се рефлектира на идните генерации виолинисти. Ова се само мал дел од убавите зборови на критиката за руската виолинистка Марија Солозобова, една од највпечатливите на својата генерација. Згора на тоа славниот виолинист и диригент Јехуди Менухин за неа во една прилика ќе изјави „Солозобова е прекрасен талент со жив темперамент, виртуозна брилијантност и големо професионално ниво“.

И, токму оваа нова ѕвезда на светската уметничка сцена овој четврток, на 24 ноември, во редовниот термин од 20 часот, ќе биде солистка на концертот „Убава Русија“ со кој македонската Филхармонија ќе ја одбележи 77 годишнината од своето формирање.

Инаку, родена во Москва оваа уметница во подем денес живее во Швајцарија. Нејзиниот исклучителен талент бил забележан уште како дете, па така таа на 10 годишна возраст веќе ги добива и првите награди на најпознатите национални музички натпревари.

Марија Солозобова досега зад себе ги има настапите во некои од прочуените концертни сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други притоа соработувајќи со еминентни диригенти како Владимир Спиваков, Михаи Танг, Владимир Федосејев, Дејвид Зинман и многу други. Долга е листата и на музичарите со кои соработувала и на неа меѓу оние што треба да се спомнат се инструменталисти како Марта Аргерич, Миша Мајски, Јури Башмет, Владимир Ашкенази и Михаил Плетнев.

Таа е и актуелен уметнички директор на фестивалот „Класични врвови“ од Цирих кој се потпира на повеќе концертни серии што се одржуваат во познатите концертни простори во Швајцарија, а оваа сезона ќе настапи во неколку европски градови, како и во Јужна Африка. Солозобова свири на виолина изработена од Николо Гаљано во 1728 година.

Од друга страна маестро Конрад ван Алфен и е добро познат на македонската публика. Посебно на оние кои не ги пропуштаат концертите во Филхармонија. Инаку, за холандскиот диригент светката критика ќе забележи дека е „инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“. Кон ова и уште неколку факти. Овој етаблиран холандско/јужноафрикански диригент кај оркестрите и публиката станал исклучиво популарен благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам и тој во изминативе безмалку две децении го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, Конрад ван Алфен е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.

Фотографија од изложбата „Портретна симфонија“ на Маја Аргакиева

А, кога ова е веќе познато навраќањето на фактографијата го вели и следново.

Концертот за виолина и оркестар бр. 1, Петар Илич Чајковски го напишал во 1878 година, инспириран од пејсажите и природните убавини на Женевското Езеро, за време на престојот во Швајцарија. Тогаш виолинистите сметале дека е невозможно тој да се отсвири, но во 1881 година, Адолф Бродски сепак се одлучил да го изведе. Премиерата на делото била во Виена, публиката ја поздравила првата изведба со бурни аплаузи, но критиката не била толку наклонета на ова денес класично дело.

Од друга страна Познатиот диригент, композитор и пијанист Ханс фон Булов (1830 – 1894) ја нарекол Првата симфонија на Брамс – „Бетовеновата десетта“. Тој само го надополнил ставот на Роберт Шуман, кој дваесет и пет години порано, Брамс го нарекол „најголем продолжувач на музичката традиција на Бетовен“. Сѐ што напишал пред Првата симфонија, практично било своевидна „подготовка“ во која ги развивал своите оркестарски вештини (Концертот за пијано и оркестар оп.15, двете Серенади, Варијации на тема од Хајдн...) Создавајќи ги сите овие дела, Брамс, всушност пред себе имал само една цел – да напише совршена симфонија што ќе го оправда епитетот кој несебично му го дале и Фон Булов и Шуман. Со пишувањето на Првата симфонија, Брамс го надминал „оркестарскиот блок“, кој траел речиси 11 години, и по неа комплетно се отворил кон поголемите форми.

„Портретна симфонија“ - Маја Аргакиева

И, по ваквите информации уште една која е директно врзана со прославата 77 години од формирањето на Филхармонија. Имено, в четврток, во фоајето на нашата национална институција ќе биде поставена изложбата на фотографија насловена „Портретна симфонија“ на фотографката Маја Аргакиева. Оваа поставка што своето официјално отворање ќе го има следниот ден, на 26 ноември, е составена од триесеттина фотографии, снимени на концертите на Филхармонија на кои главни „протагонисти“ се музичарите од оркестарот, како и бројните солисти и диригенти кои настапиле на оваа сцена.

Портретна симфонија“ е плод на мојата повеќегодишна соработка со Филхармонија. Она што на почетокот мислев дека ќе биде репортажна фотографија, веднаш прерасна во континуирано уметничко творештво. Се разбира, за тоа се заслужни и самите концерти кои инспирираат со својата раскошност и сонична убавина. „Портретна симфонија“ е токму тоа - обид да се преточи емоционалноста и страста со која музичарите ја изведуваат музиката во серија од статични слики, вели Маја Аргакиева во пресрет на отворањето на изложбата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG