Достапни линкови

Виктор Соколовски: Фотографот секогаш е ловец на моментот


Виктор Соколовски

Фотографии снимени на неколку театарски сцени во земјава и во регионот во последнава декада ја чинат шестата самостојна изложба на Викор Соколовски насловена „Претстава“, што од 29 јуни до 10 јули, се одржува во Кинотека. На неа, тој му се навраќа на „неодоливиот феномен на театарот“.

Чинот на фотографирање, без оглед на “студениот“ објектив е чин на магична комуникација меѓу фотографот и другата или паралелна стварност. Виктор Соколовски, како дел од публиката неизнасилено воспоставува токму таков вид комуникација, успевајќи во замрзнатиот момент од претставата да синтетизира карактеристична појавност и израз кои се поврзуваат со одредени состојби во животот. Притоа, во рамките на овој жанр документарниот карактер на визуелното бележење прераснува во една, селектирана претстава која има свои посебности.

„Фауст“ - Словенечко народно гледалишче, режија Томаж Пандур

Таквиот пристап, секако не го исклучува туку напротив го подразбира личниот однос на фотографот кон едно флуктуентно дејство токму “сега и тука.“ Освен тоа Соколовски во чинот на кадрирање, неретко го „лови“ моментот кога актерот и предметите од мизансценот формираат, макар и неправилна, но стабилна форма на триаголна композиција. Соколовски не прави серија снимки од кои ќе одбере една или неколку најуспешни, туку се потпира на “одлучувачкиот момент“, без нагласени дополнителни корекции и доработка.

Со овие неколку реченици, проф. Владимир Величковски, го прави влезот во својата детална анализа на актуелната, шеста по ред, самостојна изложба на уметничка фотографија на Виктор Соколовски, што од 29 јуни до 6 јули, се одржува во Кинотека.

Величковски појаснува и дека во творбите на Соколовски, „во кои се издвојуваат остварувањата на познатиот актер Никола Ристановски, кој се појавува во повеќе претстави (“Дервишот и смртта“, “Глембаеви“ и „Мајсторот и Маргарита“), покрај валерските и пластични вредности, присутна е и употребата на крупно зрно и ефектите на патина“. Пишува дека „впечатливи се оние остварувања во кои долгата експозиција овозможува претстава на движење“.

„Глембаеви“ Атеље 212 Белград, режија Јагош Марковиќ

Една од нив е сцена од претставата “Мајсторот и Маргарита“ доловена во момент на разновидни експресивни движења и драматични ефекти на светлите и темните делови, што во целина има призвук на слика од Гоја (со мотив од лудница). Од друга страна претставата “Ајнштајновите соништа“ се карактеризира со линеарен мотив на просторот во кој се чувствува извесна смиреност, во еден момент комбинирана со немир. Треба да се издвои впечатливата серија фотографии од претставите “Фауст“ и „Калигула“ која се карактеризира со визуелна густина и симболизам на мотивите, верно донесувајќи го авангардниот режисерски сензибилитет на Томаж Пандур. Меѓу фотографиите ќе најдеме необични, но впечатливи претстави на растргнат човек, фигури во полиедрична стаклена кутија, мотив на скок со косо поставени фигури, легната човечка фигура во скратување (налик на Исус Христос од Мантења), иконовидноста на женски лик издвоен на позадина со разни валерски решени површини и тн., појаснува Владимир Величковски.

„Мајсторот и Маргарита“ на Иван Поповски во продукција на МНТ

Инаку, Виктор Соколовски е магистар по геодезија и џез зависник. Фотографира од љубов.

Од 2007 година е ангажиран како фотограф-дописник за порталот за култура SEECULT со седиште во Белград, соседна Србија.

Со фотографија пред публиката прв пат самостојно се претставил во Скопје, во 2007 година во винотеката Темов, каде изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на „свирки“ во овој своевремено култен ноќен клуб. Потем на два пати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде ја понудил својата колекција на фотографии снимени во Старата скопска чаршија.

Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ во 2009 година ја освои специјалната награда на жирито за „најдобра фото-приказна “ на тема „Еднакви можности и (НЕ) дискриминација“, а две години подоцна на Млад Отворен Театар (МОТ) се претстави со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во една иста ноќ снимени на претходното издание на оваа значајна културна манифестација. Истата колекција, на покана од организаторот следната година беше претставена на „Бош“ фестивалот во Гевгелија.

На годинешното издание на Денови на македонска фотографија што се одржа во Охрид, а чиј традиционален организатор е Фото сојуз на Македонија, за колекцијата насловена „Генеза“, уметникот ја освои третата награда во оваа категорија.

„Пред“ - Група за современ танц од Женева, Швајцарија

Соколовски која беше потребата да се бавите со театарска фотографија и кој беше (е) вашиот принцип при фотографирањето на оваа серија озаглавена како „Претстава“? Колку фотографот е ловец на моментот, само „гледач“ на она што се случува на сцена или мигновено ја креира фото-сторијата што треба некому да ја пренесе, раскаже?

Пред се’, станува збор за љубов кон театарот и потребата од следењето театар, да се биде дел од претставата, во улога на публика...Е сега, кога гледачот е и фотограф, настанува „внатрешната борба“, дали да се биде само гледач или да се зароби дел од магијата која се одвива на сцената, за која си свесен дека никогаш нема да се повтори на ист начин?...Токму во разрешницата на конфликтот, кога гледачот не може да му одолее на фотографскиот порив, настануваат фотографиите.

Фотографирањето во театар за време на одигрувањето на претставата, од аспект на гледач е мошне специфичен процес од повеќе причини.. Во тие околности, основниот принцип е фотоапаратот да биде што помалку видлив и особено нечуен за останатиот дел од публиката (фотографирање во тивок режим на апаратот), освен кога гласноста на сцената го покрива звукот на апаратот и дозволува послободно фотографирање.

Генерално, фотографот секогаш е ловец на моментот, но во случајов лимитиран поради позицијата на седиштето во однос на сцената, која пак, има своја динамика во поглед на сценографијата, светлината, звукот.. Во една таква консталација, честопати фотографот и покрај изразениот инстинкт да го улови моментот, мора да остане „само“ гледач, кој сепак, верно на неговата природа, ќе фотографира само со сопствените очи. Тогаш, фотографијата ќе остане „само “ во внатрешната меморија..

„Ајнштајновите соништа“ - ЈДП Белград, режија Слободан Унковски

Што понатаму со „Претстава“? Има ли шанси изложбата да биде прикажана во поголемите градови во земјава или во центрите од регионот?

Изложбата во Кинотека ќе биде отворена до сабота, 10 јули. Понатаму, планирам да биде претставена во неколку градови во земјава, во план се манифестации во Берово, Битола, Струмица, Охрид... и доколку се укаже можност, би сакал да ја види и публиката во регионот, онаму каде што веќе и ме познаваат како фотограф – во Белград, Ниш, Подгорица... и во други градови. Од септември, може да се очекува реотварање во прикладно место во Скопје, со зголемен број на фотографии кои во оваа прилика не беа изложени, а се дел од истата колекцијата.

Со оглед на тоа дека Соколовски е џез фанатик и фотограф кој децении наназад фотографира на Скопскиот џез фестивал и на сличните манифестации во земјава и регионот, кога ќе се осмели тоа уметничко богатство да го сподели публиката? Во обата случаја станува збор за сценска фотографија, но колку ќе му треба смелост, одлучност...дури лудило да истрча и со таквата своја, наша, приказна?

Џезот и џез сцената секако зафаќаат посебен дел во мојот живот. Тоа е местото и начинот каде човек со такви афинитети, може да ги исполни своите сетила со прекрасна музика, која кај мене знае да предизвика најфини емоции, кои често успеваат да направат видео запис, или пак, фотографии, и без посредништво на фотоапаратот...

Токму во тие моменти, се препуштам на „ловот“ и замрзнувањето на музиката во етерот, низ експресијата на лицето на музичарот, движењата на прстите на инструменталистот, синергијата на бендот...

Така настанал огромниот број на фотографии-најчесто портрети на музичари, направени за време на Скопскиот џез фестивал и сличните манифестации во земјава и пошироко, на кои сум присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот, SEECULT од Белград.

Тие фотографии веќе подолго време ми „тежат“ и бараат од мене да бидат ослободени и споделени, во заедничкиот простор... Можеби Вашето прашање, ќе биде дополнителен мотив, по затварањето на приказната со оваа „ Претстава“, да се посветам на следната, „Џез претстава“. ..која се надевам, ќе биде доволен предизвик за некое, скоро дружење.

„Калигула“ - режија Томаж Пандур

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG