Достапни линкови

Веќе не е застарен? Првиот самит на НАТО со Бајден


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Лидерите на НАТО денеска ќе побараат уверување од американскиот претседател Џо Бајден дека по четири години критики од неговиот претходник Доналд Трамп, Алијансата може да смета на поддршката на Соединетите држави, нејзината најмоќна членка.

Неколку минати самити на НАТО се одвиваа со ограничувањата за ковид-19, меѓу другото и без прелети на борбени авиони. Овој пат 30-те сојузници во нивните стаклени кабини дискутираат за реформите во мултиполарниот свет каде што воениот подем на Кина претставува нов предизвик.

САД ќе ѝ помогнат на ЕУ да го забрза распоредувањето сили пред предизвикот од Русија

„Првата работа е Бајден повторно да ѝ се посвети на колективната одбрана на НАТО“, вели Џејми Шеј, поранешен висок функционер на Алијансата, кој беше на самитот во 2018 година, на кој Трамп размислуваше да се откаже од НАТО.

„Тоа само покажува колку лесно би било за Соединетите држави да ѝ свртат грб на Алијансата“, додава Шеј, сега во тинк-тенк групата „Пријатели на Европа“.

Трамп на самитите на НАТО на кои присуствуваше од 2017 до 2019 година го донесе имиџот на телевизиско реално шоу, привлекувајќи огромно внимание на меѓународните медиуми и карајќи ги сојузниците кои ги нарече „деликвенти“, бидејќи не трошат доволно на одбраната.

Бајден веќе ја поништи одлуката на Трамп за повлекување на американските трупи од Германија.

Сепак, се очекува Бајден да ја изнесе и традиционалната американска порака дека европските сојузници мора да плаќаат повеќе за сопствената безбедност.

„Овој самит со Бајден треба да биде сигнал до светот дека НАТО се врати“, изјави висок европски дипломат на НАТО, кој исто така беше на самите на Алијансата за време на Трамп.

Трамп - САД трошат премногу за НАТО

„Имаше толку многу врева и беше тешко време. Но, сега всушност можеме да зборуваме за важните работи, за безбедносните предизвици на нашето време“, го цитира Ројтерс овој дипломат.

Основана во 1949 година против воената закана од Советскиот Сојуз, НАТО ја одбележа 70-годишнината од своето постоење на самитот во Лондон во декември 2019 година, а генералниот секретар Јенс Столтенберг тврди дека трансатлантската врска е во добра состојба, и покрај тешкотиите и предизвиците.

Русија, климатските промени, Авганистан и новите технологии се на менито на еднодневниот самит, кој ќе кулминира со специјална седница на лидерите на Северноатлантскиот совет.

На самитот на НАТО на маса се и реформите во Алијансата, познати како НАТО 2030 година, кои беа активирани откако Трамп ја доведе во прашање важноста на Алијансата. Столтенберг вели дека има девет области каде што НАТО може да се модернизира на среден рок, вклучително и повеќе заеднички финансирани воени операции.

Сепак, Франција веќе изрази загриженост за предлогот, стравувајќи дека ќе одземе пари од националните воени приоритети.

Лидерите веројатно ќе се согласат да изготват нов документ, познат како Стратешки концепт на НАТО, во кој за прв пат ќе биде вклучен и воениот развој на Кина како предизвик за Алијансата.

Еве неколку точки од самитот на НАТО во Брисел:

* Бајден се очекува повторно да ја истакне американската посветеност за колективна одбрана на 30-те сојузници во НАТО откако Трамп ја доведе во прашање нејзината важност и предложи во 2018 година Вашингтон да го повлече своето членство.

Столтенберг кај Макрон заради „мозочната смрт на НАТО“

* 30-те лидери исто така ќе се обидат да покажат дека политичките, воените, културните и економските врски на трансатлантскиот сојуз повторно се на цврст терен по Трамп, но и откако францускиот претседател Емануел Макрон ја искажа својата фрустрација поради, како што рече, недостаток на стратешко размислување во НАТО.

* Лидерите на НАТО ќе ги одобрат стратешките предлози, познати како НАТО 2030 за реформа на Алијансата. Тие вклучуваат: повеќе политички консултации во мултиполарниот свет по Студената војна - ажуриран документ за планирање и за фокусирање врз новите технологии.


* Лидерите повторно ќе се обврзат дека ќе потрошат најмалку 2% од своето економско производство на одбраната до 2024 година. Како дел од програмата за реформа на НАТО во 2030 година, тие исто така може да се согласат за зголемување на нивното заедничко финансирање на НАТО, иако Франција е претпазлива.

* Лидерите на НАТО ќе усвојат план за акција за климатски промени, кој ќе се обиде да ги направи воените сили неутрализирани од јаглен до 2050 година и да подготват војници за дејствување во екстремни средини.

* Лидерите на НАТО се очекува повторно да се посветат на поддршката на Авганистан, дури и кога западните земји се повлекуваат по речиси две децении војна. Од лидерите се очекува да разговараат за тоа како НАТО да одржува обука надвор од Авганистан, веројатно во централна Азија и Заливот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG