Достапни линкови

Што се случи со вакцините за сезонски грип­­?


Здравствен дом Скопје, 10.11.2020
Здравствен дом Скопје, 10.11.2020

Првиот ден од вакцинацијата против сезонски грип, според сведочењата на матични лекари и пациенти, не помина без проблеми. Од Министерството за здравство уверуваат дека вакцини ќе има за сите.

Неможност да се закаже термин за пациентите на кои им следува бесплатна вакцина на системот „Мој термин“ била ситуацијата на која наишле многу матични лекари. Докторка Лилјана Којиќ, која е матична лекарка во Скопје е една од нив. Таа за Радио Слободна Европа ја опишува состојбата на која што наишле.

„Кога стигнавме утрото на работа се отвори менито и на менито се покажаа на една долга листа само термини за деца и трудници, но не и за хроничари. Не можеше да се влезе некое време ниту во термините за категориите кои беа пуштени, сестрата за некое време успеа да влезе и да закаже само за едно дете и за една трудница. За другите категории болни немаше ниту опција да се закаже“, вели Којиќ.

Од друга страна Министсрството за здравство на првиот ден во вторникот вчера објави дека почна вакцинацијата против сезонскиот грип и дека граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. Но, истиот ден ситуацијата на терен со која се соочија матичните лекари и граѓаните, според нивните сведочења, е далеку од организирана.

Од Министерството за здравство велат дека по спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација.

„Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Напоменуваме, дека вакцини има за сите. Секој петок од тековната недела се отвараат термините за вакцинација за наредната недела“, велат од Министерството за здравство.

Скопје е еден од градовите во кои беа пуштени вакцини на првиот ден од вакцинација. Во главниот град отворени се шест пункта за бесплатна вакцинација на ризичните категории кои ќе работат секој ден од 14 до 19 часот. Прашан за ваквиот проблем на кој посочуваат матичните лекари, Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје, институција која ги менаџира вакцините вели дека системот на закажување не е под нивни ингеренции, а тие се одговорни само за дистрибуција и апликација на вакцините. Тој вели дека имаат добиено 2500 вакцини, кои се во депото на поликлиниката Бит Пазар, а тие ги дистрибуираат зависно од како ќе се потрошат во вакциналните пунктови.

„Веднаш штом се потрошат тие дози од поликлината Бит Пазар повторно ќе биде дистрибурина одредена количина вакцини која што ќе биде потребна следната недела “, вели Исјановски кој смета дека ќе има вакцини за сите на кои им е потребна оваа заштита.

Вакцинација на 6,3 секунди?

Маја Леова е пензионерка од Скопје. И таа е една од оние на кои им е неопходна вакцината поради нејзината хронична болест. Иако е во групата граѓани на кои им следува бесплатна вакцина, сепак поради компликациите во системот и закажувањето решила да се вакцинира со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје. Но и таму ги затекнал хаос, луѓе кои се туркаат во сред пандемија со ковид19 во обид да стигнат до вакцината но и пораката дека само по неколку часа од пуштањето се потрошиле сите 2000 вакцини кои чинеа по 800 денари.

„Чекавме околу еден час и чекавме да видиме дали ќе има вакцинирање и понатаму бидејќи никој не знаеше да каже дали има уште вакцини. По некое време излезе една докторка и рече да не чекаме, дека немаат повеќе вакцини. Ова не е продавница, а излезе како да е магацин за продажба на големо затоа што голема количина, 2000 вакцини, ги снема наеднаш“, вели Леова.

И докторката Којиќ смета дека количината од 2000 продадени вакцини за неколку часа е доста нереална.

„Според една моја пресметка, за три и пол часа да се потрошат 2000 дози тоа значи дека на секои 6,3 секунди е вакциниран по еден човек што е невозможно, оти практично треба најмалку пет до десет минути, доколку пациентот влезе подготвен, со соблечен ракав, односно во еден час може да се вакцинираат шест до десет луѓе“, вели Којиќ.

Набавени вакцини согласно проценката на здравство

Инаку, годинава е зголемен бројот на заинтересирани за вакцинација против сезонскиот грип и поради пандемијата со Ковид19. Светската здравствена организација препорача да се прими вакцината против грип за да се спречи пренатрупаноста на болничките капацитети со болни од сезонското заболување, во услови во кои се бара кревет повеќе за пациентите со коронавирусот. Македонското министерство за здравство годинава набави 40 000 вакцини против сезонски грип што е за 12 000 повеќе од лани.

На прашањето каква е проценката, дали во услови на зголемена заинтересираност на граѓаните за вакцинација против сезонски грип поради пандемијата со коронавирусот, ќе бидат доволни 40 000-те вакцини за грип од Министерството за здравство велат дека при правење на проценките ги земале предвид податоците за вакцинирани лица од претходните години.

„Соодветно тој број е зголемен со процент кој би опфатил и нови лица кои би се вакцинирале со вакцина против сезонски грип, а имајќи ја во предвид вонредната здравствена состојба во која се наоѓа не само нашата држава, туку воопшто и целиот свет", велат од министерството за РСЕ.

За споредба со земјите од регионот- Босна и Херцеговина која има околу 3 300 000 жители обезбеди 82 000 вакцини, Србија со околу 6 950 000 жители има 500 000 вакцини, Црна Гора која има речиси 622 000 жители обезбеди 22 700 вакцини, а Косово кое има население од речиси милион и осумтотини илјади жители има обезбедено 160 500 вакцини за грип, а според информациите од минатиот месец дополнително уште 250 000 беа во фаза на набавка.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG