Достапни линкови

Бугарски експлозии, руски агенти и војната против Украина


Експлозија која се случи во близина на селото Лозенец, околу 330 километри од Софија на 5 јуни 2012 година. Тогаш серија експлозии потресоа складиште за оружје во источна Бугарија.
Експлозија која се случи во близина на селото Лозенец, околу 330 километри од Софија на 5 јуни 2012 година. Тогаш серија експлозии потресоа складиште за оружје во источна Бугарија.

Бугарската индустрија за оружје која беше клучен снабдувач со оружје за Украина, се најде под удар на низа мистериозни експлозии и труења, Но, среде се поголемите докази за руската вмешаност, критичарите ја обвинуваат Бугарија дека ја одолговлекува истрагата за нерешените експлозии.

Набргу по зајдисонцето на 21 март 2015 година, небото над најголемата и последна преостаната државна фабрика за вооружување во Бугарија беше исполнето со пукотници и експлозии, што вообичаено можат да се слушнат на боиштата.

Масивниот пожар во фабриката ВМЗ уништи големо количество оружје и муниција и ги преплаши жителите на Сопот во централна Бугарија, како и соседните градови кои се допираат со Балканските планини кои се протегаат од западната граница на Бугарија со Србија до брегот на Црното Море.

Емил Кабаиванов, градоначалникот на блиското Карлово, опиша дега се гледале огнени столбови високи до 200 метри: „Можете да видите како работите експлодираат во воздухот“.

Неполн месец подоцна, на 14 април, имаше повеќе експлозии и поголема штета во ВМЗ.

Две недели после тоа, големиот бугарски трговец со оружје, Емилијан Гебрев, падна во кома, како жртва на труење за кое тврди дека некои државни истражители сè уште го припишуваат на расипаната салата и на „другите смешни тврдења“.

Сите три инциденти беа дел од низата необјаснети експлозии (и труење) што ја погодија бугарската индустрија за оружје, кои започнаа пред повеќе од една деценија и навидум се интензивираа откако Русија го нападна и окупираше Крим во 2014 година, во првата фаза од нејзината проширена војна за да ја потчини Украина.

„Дали се работи за руска инволвираност или некој друг, не можам да кажам“, изјави поранешниот градоначалник на Сопот, Веселин Личев. „Но, во вашиот ум, тоа е апсолутно можно.

Од 2014 година, инцидентите, од кои некои резултираа со смртни случаи, се совпаднаа со обезбедувањето на Бугарија, заедно со сојузниците од НАТО, со муниција и друга воена опрема за Украина, што драстично се зголеми со целосната инвазија на Русија над Украина пред една година.

Последователните извештаи сугерираат дека ВМЗ складирал муниција што требало да биде испратена во Украина преку посредници како Полска и Чешка.

Бугарското досие за застој на истрагите ги поттикна сомнежите дека властите не сакаат целосно да ја испитаат сомнителната руска вмешаност.

Во некои случаи, се појавија остри докази за руска саботажа, а надворешните обелоденувања ги принудија бугарските официјални лица, што ги натера критичарите да предложат опасен модел на прикривање што може да ги компромитира домашните и западните безбедносни напори токму кога на Европа и се најпотребни.

Карта на која се прикажани местата на пожари и експлозии во бугарските вооружени капацитети од пред повеќе од една деценија. Бугарските обвинители јавно ги поврзаа наводните руски агенти со четири од овие инциденти.
Карта на која се прикажани местата на пожари и експлозии во бугарските вооружени капацитети од пред повеќе од една деценија. Бугарските обвинители јавно ги поврзаа наводните руски агенти со четири од овие инциденти.

„Многу сум загрижен“, изјави неодамна за Бугарската служба на Радио Слободна Европа Мартин Димитров - поранешен пратеник од проевропската алијанса Демократска Бугарија, , нарекувајќи го тоа „прашање на националната безбедност“.

„Ако дозволиме да влезат во Бугарија луѓе кои вршат саботажа и потоа не се соочат со никакви последици од државата“, рече тој, „оваа саботажа ќе продолжи се додека нема контрамерки, се додека не се браниме.“

Оружје за Украина и мистериозно труење

Димитров и поранешниот министер за одбрана Велизар Шаламанов повикаа на специјална парламентарна комисија која ќе ги надгледува истрагите на Канцеларијата на обвинителството за експлозиите и ќе ги истражи наводното прикривање од страна на бугарските безбедносни служби.

„Ако сме ранливи затоа што има луѓе кои не го докажале својот интегритет, кои имаат одредена слабост што ги тера да ги фаворизираат странските интереси наместо бугарските, тоа значи дека можеме да очекуваме вакви провокации повторно во иднина“, рече Димитров.

Мартин Димитров, поранешен пратеник од проевропската алијанса Демократска Бугарија, за Бугарската служба на РСЕ изјави дека решавањето на низата експлозии во вооружените објекти во земјата е „прашање на националната безбедност“.
Мартин Димитров, поранешен пратеник од проевропската алијанса Демократска Бугарија, за Бугарската служба на РСЕ изјави дека решавањето на низата експлозии во вооружените објекти во земјата е „прашање на националната безбедност“.

Критичарите како Димитров велат дека бугарските истражители направиле малку во обидот да ги пронајдат одговорните за експлозиите и другите напади. Трговецот со оружје Гебрев паднал во кома на 28 април 2015 година, откако руски агент на рачката на вратата од неговиот автомобил ставил неидентификувана органска супстанција со фосфор, заклучиле на крајот обвинителите.

Но, повеќе од три години, истражителите направија мал напредок и рекоа дека за речиси фаталната болест на Гебрев причина е салатата од рукола, контаминирана со пестициди.

Тоа беше дури откако британските истражители ја поврзаа епизодата на Гебрев со осомничениот за нападот со отров „Новичок“ во 2018 година во Солсбери, Англија, наводно извршен од агенти на руското воено разузнавање ГРУ, а бугарските обвинители мораа јавно да признаат дека тој веројатно бил цел на нешто пострашно.

Во 2020 година, бугарските власти обвинија тројца руски државјани во отсуство во врска со обидот за атентат врз Гебрев: Денис Сергеев (познат како Сергеј Федотов), Јегор Гордиенко (познат како Георги Горшков) и Сергеј Љутенко (познат како Сергеј Павлов).

Британската полиција соопшти дека има докази за вмешаност на Сергеев во труењето на 2018 година Дезертираниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери наводно го извршиле оперативците на военото разузнавање на ГРУ, Анатолиј Чепига и Александар Мишкин.

„Тие беа само принудени од надворешен притисок, надворешни фактори, да ја започнат оваа [истрага] со екстремна неподготвеност“, рече Гебрев.

Во јули 2022 година, по целосната инвазија на Украина на рускиот претседател Владимир Путин неколку месеци претходно, складиште за муниција на една од компаниите на Гебрев, ЕМКО, се запали во градот Карнобат, во источна Бугарија.

Гебрев јавно рече дека е „100 проценти сигурен“ дека зад пожарот во градот Карнобат стојат руски оперативци, иако тој подоцна призна за РСЕ дека нема директни докази за да го потврди тоа. Исто така, сè уште не е јасно дали дел од муницијата во Карнобат била наменета за Украина.

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков процени дека Бугарија обезбедила околу една третина од муницијата за украинските одбранбени сили во раните фази на руската инвазија, која започна на 24 февруари 2022 година.

Гебрев пркосно зборува за бугарската индустрија за оружје, која е главен производител на муниција за видот на оружје од советската ера што е широко користен од страна на украинската војска.

„Бугарската индустрија [вооружување] во изминатите години и повторно сега, со оваа безумна војна што се води, докажа колку е важна“, рече Гебрев.

„Колку земји од поранешниот Советски Сојуз и Варшавскиот пакт можат да се гордеат со зачувување на таква индустрија? Тие се многу малку“, вели тој.

И тогаш и сега, тој тврди дека бугарските власти го прикривале случајот.

„Дури и сега има луѓе кои работат за безбедносната служба ДАНС (Државната агенција за национална безбедност) кои до ден денес тврдат дека немало труење, немало терористички акт, дека ништо не се случило“, рече Гебрев.

Принудени повторно да ги отворат истрагите

Речиси сите пожари и експлозии во складишта за муниција останаа нерешени или бугарските власти ги оквалификуваа како несреќи. Но, шест години по експлозиите на ВМЗ, многу од истите тие функционери беа принудени повторно да размислат за тие инциденти.

Откако британските откритија и истрагата на центарот за анализа на отворени податоци Белинкат го идентификуваа рускиот тим ГРУ поврзан со труењата во Солсбери во Обединетото Кралство, чешката влада во 2021 година ја обвини Русија за „државен тероризам“ поради смртоносната експлозија во складиште за муниција во Врбетице, Чешка во 2014 година.

Александар Мишкин и Анатолиј Чепига се двајцата наводни агенти на ГРУ кои според чешките власти биле вмешани во експлозијата во Врбетице. Истите тие се обвинети и од Британија за труењето на Скрипал заедно со Федотов, кого Бугарија го обвини за труењето на Гебрев.

Дел од муницијата што беше уништени во Врбетице му припаѓаа на Гебрев и, наводно, била од калибар што сугерира дека била наменети за употреба од Украинци, а не од Чеси, иако Гебрев негираше дека биле наменети за реекспорт.

Патните евиденции и други документи ги сместиле членовите на наводниот тим на ГРУ и во Бугарија. Откривањата ги принудија бугарските власти повторно да ги отворат своите случаи за труењето на Гебрев и пожарите на ВМЗ.

Главното Обвинителство во рок од неколку дена објави дека истражува шест осомничени руски агенти кои биле во Бугарија кога се случило труењето на Гебрев, инцидентите на ВМЗ и експлозиите во две други бугарски складишта за оружје, од кои едниот складирал оружје за Гебрев во близина на село Ловнидол во северно-централна Бугарија.

Портпаролката Сијка Милева рече дека „значително количество муниција и експлозив“ уништено во инцидентот во ноември 2011 година во Ловнидол е „наменето за извоз во Министерството за одбрана во Грузија“.

Милева додаде дека „целта на акциите на руските граѓани била да се спречат испораките на специјално производство“ за Украина и Грузија, каде што Русија има големо воено присуство во два отцепени региони, Абхазија и Јужна Осетија, кои ги признаа како независни земји откако Москва и Тбилиси водеа петдневна војна во 2008 година.

Руските власти негираа каква било вмешаност во бугарскиот и чешкиот инцидент.

На прес-конференција во април 2021 година, бугарските обвинители исто така објавија дека физичките докази во врска со експлозиите на ВМЗ биле уништени во пожар во зградата на Министерството за внатрешни работи во 2015 година.

Првичните извештаи сугерираа дека пожарот во зградата е предизвикан од краток спој. Но на прес-конференцијата обвинителите посочија дека поажрот бил намерно предизвикан.

Форензичкиот извештај за пожарот заклучи дека „не настанал како резултат на спонтано согорување“, рекоа обвинителите.

Во деновите пред пожарот на 31 мај 2015 година, во кој се уништени доказите, двајца наводни агенти на ГРУ подоцна обвинети за труењето на Гебрев ја напуштиле Бугарија, според деталите од записите за патувања објавени од истражувачите на Белинкат.

Двајцата наводни агенти, Гордиенко (познато како Горшков) и Сергеев (познато како Федотов), преминале во Србија од Бугарија на 29 мај 2015 година и истиот ден полетале за Москва од Белград, објави Белинкат, неколку месеци пред можната врска меѓу пожарот во Софија и руската саботажа, беше објавено од страна на обвинителството.

Од прес-конференцијата, бугарското државно обвинителство не даде никакви јавни изјави за истрагата.

„Не сакаат вистината да излезе на виделина“

Еден нерешен инцидент со експлозии што уништија бугарско складиште за оружје што обвинителството не го поврза со можна руска саботажа се случи пред повеќе од една деценија во близина на источниот бугарски град Стралџа.

Митко Караколев сè уште е прогонуван од она што се случи во објектот во Стралџа во сопственост на бугарската компанија за оружје Берета Трејдинг на 5 јуни 2012 година.

Три лица загинаа, вклучувајќи го и поранешниот колега на Караколев, кого тој го познаваше од детството, откако пожар и експлозии го погодија складиштето за оружје.

„Колку пати и да одам околу објектот, нема да можам да го извлечам мојот пријател од урнатините каде што го најдовме на парчиња“, изјави Караколев, кој работеше во објектот, за Бугарската служба на РСЕ.

Експлозијата била толку силна што многу локални жители мислеле дека е земјотрес. Повеќе од 600 луѓе во околните села беа евакуирани.

Атанас Балакчиев, кој бил во блиската куќа наречена колиба на јоргованот, вели дека никогаш нема да го заборави она што го видел.

„Искрено мислев дека е нуклеарна војна. Излегов пред колибата и се свртев во тој правец и видов нешто како облак од печурка по атомска бомба. Се креваше се нагоре и нагоре“, рече Балакчиев.

Првичната истрага посочи дека катастрофата била предизвикана од работници кои ја расклопувале ракетната боева глава Двина. Сопственикот на „Берета трејдинг“, Десислав Делев, беше обвинет за небрежност, но беше ослободен во првичното судење.

Обвинителите поднесоа нови обвиненија, но повеќе од 10 години по смртоносниот инцидент, сè уште нема конечна пресуда.

Делев ги обвинува обвинителите дека не ја истражиле можноста за руска саботажа. На денот на експлозиите, тим за поправки го посетил објектот за да ја поправи скршената безбедносна камера, вели тој.

„Тие едноставно не сакаат вистината да излезе на виделина. Ним им треба некој да обвинат. Не е важно дали тој е виновен или не“, рече Делев.

Форензичкиот извештај за инцидентот во Стралџа до кој дојде бугарската служба на РСЕ покажува дека во објектот се чувал аоружје во име на бугарската компанија „Сејџ Консултантс“ (Sage Consultants), која руската влада ја стави на црната листа минатата година.

Делев вели дека оружјето, што неговата компанија го складирала во име на Сејџ, било наменето за Грузија. Таквото тврдење е поткрепено со копии од дозволите објавени од бугарскиот истражен центар „БИРД“ (BIRD), кои покажуваат дека Сејџ бил овластен да извезува оружје во јужнокавкаска земја. Една од дозволите е издадена два месеци пред експлозиите што го погодија објектот на Делев.

„Фактот што ја ставија компанијата на оваа црна листа покажува дека [Русија] имала мотив. Има сериозен мотив за ова. И има многу посредни докази кои укажуваат во таа насока“, рече Делев.

Во извештајот од форензиката што го прегледа РСЕ се забележуваат докази за „експлозивен пожар“ во секој од петте магацини што ги користеше Сејџ Консултантс во објектот на Делев, но заштитните земјени бариери околу секој склад биле практично неоштетени.

Делев рече дека таквото уништување би било невозможно доколку инцидентот бил предизвикан од една локација.

„Во основа, овие бази се изградени за да нема детонирачки ефект меѓу магацините. За да се случи ова, мора да се уништат земјените бариери кои се специјално изградени околу секој магацин“, рече Делев.

„По едноставна логика, се покажува дека имало некакво мешање, бидејќи сè е уништено“, додаде тој.

Обвиненија за намерно забавување на истрагата

Повиците на Димитров и екс министерот за одбрана Шаламанов, за специјална собраниска истрага за наводно прикривање, засега останаа без одговор.

Но, други бугарски функционери ги покренаа прашањата за долгогодишниот молк на властите и недостатокот на транспарентност во врска со нивните истраги.

Бугарскиот генерален обвинител Иван Гешев и неговиот претходник Сотир Цацаров се обвинети од критичарите за застој или спречување на истрагите за можна руска саботажа.

„Обвинителството прави сè за да ги прикрие трагите, да ја попречи истрагата“, изјави уште еден поранешен министер за одбрана, Бојко Ноев, за бугарската служба на РСЕ.

Тој рече дека додека Британија има стотици луѓе кои го истражуваат труењето на Скрипал со Новичок, Бугарија постави само еден или двајца истражители за случајот Гебрев.

„Ова е меѓу доказите што покажуваат дека обвинителството и тогаш и сега, и извршните власти за време на владата на [поранешниот бугарски премиер] Бојко Борисов, не сакаа вистината да излезе на виделина“, рече Ноев. „Има многу причини, вклучително и влијанието на Русија врз [бугарските] специјални служби и обвинителството.“

Велика Британија -- Истражителите работат во градината на куќата на Сергеј Скрипал во Солсбери, 22 март 2018 година
Велика Британија -- Истражителите работат во градината на куќата на Сергеј Скрипал во Солсбери, 22 март 2018 година

Гебрев ги обвини бугарските власти дека во повеќе наврати одбиваат да соработуваат со пријателските земји за да ја истражат наводната улога на ГРУ во неговото труење.

Ноев и другите критичари го посочуваат дополнителниот договор за соработка што Цацаров го потпиша со неговиот руски колега во 2017 година, за време на ненајавена посета, како показател дека „руското влијание врз нашите власти и обвинителството е неспорно“.

Бугарите се познати по поделеноста околу членството во НАТО, а земјата се смета за еден од најпријателските гласови на Европската унија за Русија, делумно поради блиските историски, културни и економски врски.

Анкетите покажуваат дека мнозинството од земјата сака нејзиното раководство да заземе неутрална позиција за актуелната руско-украинска војна.

Екстремно десничарската, проруска партија „Преродба“ го отстрани украинското знаме од зградата на градското собрание во Софија во мај 2022 година и одржа митинзи со симпатии за руската неиспровоцирана инвазија на Украина.

Бугарската анти-НАТО и проруска партија Преродба организираше протести во Софија и Варна на 11 мај 2022 година, повикувајќи на оставка на Кирил Петков и неговата влада.
Бугарската анти-НАТО и проруска партија Преродба организираше протести во Софија и Варна на 11 мај 2022 година, повикувајќи на оставка на Кирил Петков и неговата влада.

И во земјата заглавена во политичка нестабилност, додека се подготвува за своите петти национални избори за само две години, поддршката за проруските партии се зголеми на последното гласање во октомври 2022 година.

Поранешниот министер за одбрана Шаламанов посочи дека има функционери на високи позиции чии „интереси се повеќе поврзани со поддршката за Русија и претседателот [Владимир] Путин отколку со интересите на Бугарија“.

Други, меѓу кои Ноев и бугарско-истражувачкиот новинар Кристо Грозев од „Белингкет“, се поостри, силно обвинувајќи го Генералното обвинителство за опструкција.

Грозев, кој опширно известуваше за активностите на ГРУ и е на списокот на барани лица од руското Министерство за внатрешни работи, на сослушувањето на бугарскиот парламент во јануари, обвини дека властите прикриле докази за „веројатна“ руска саботажа во инцидентите во складиштето за муниција.

РСЕ побара детали за бугарските истраги за експлозиите од Советот на министри и Државната агенција за национална безбедност, преку законите за слобода на информирање во земјата. И двете барања беа одбиени.

бугарскиот генерален обвинител Иван Гешев
бугарскиот генерален обвинител Иван Гешев

Но, бугарскиот генерален обвинител Гешев во јануари ги отфрли обвинувањата за какво било прикривање и рече дека неговата канцеларија секогаш соработувала со своите партнери.

„Во врска со експлозиите, она што можам да кажам е дека имавме многу добра комуникација со нашите чешки колеги“, рече Гешев за бугарската служба на РСЕ по парламентарната расправа во јануари. „Разговарав на телефон со поранешниот чешки јавен обвинител...и, верувајте ми, сите информации што можат да бидат корисни за чешката и бугарската страна се правилно споделени.“

РСЕ го праша Гешев дали има некаков развој во истрагата. Во изјава што се чини дена е прво јавно признавање на формални обвиненија против руски државјани, Гешев за РСЕ посочи дека шест Руси веќе биле обвинети во врска со експлозиите.

Тој рече дека шестмината обвинети „најверојатно се поврзани...со руските безбедносни служби и се водат како барани“.

XS
SM
MD
LG