Достапни линкови

Брак со Албанци и генералка за најтврдокорните дамки


Илустрација: Чистачи на прозорци на зградата Соравиа во Скопје
Илустрација: Чистачи на прозорци на зградата Соравиа во Скопје

Заев вети поствелигденска генералка во која ќе се чистат и министерските кабинети. Сиљановска – Давкова, пак, откако рече дека е родена во турска куќа, а нејзината ќерка ја одгледала Ромка, сега вели дека можела да се омажи и за Албанец.

Власта најавува генералка за да ги мотивира разочараните да излезат на гласање во вториот круг од претседателските избори, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова, се обидува да им се приближи на Албанците.

Сепак, најавената метла за дел од функционерите по изборите се чини не е доволна. На неколку дена пред вториот круг од претседателските избори, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев ги прошири заканите. За најтврдокорните дамки не помага метла, и ќе мора да се употреби некое средство за чистење – високо абразивно.

„Ќе има пролетно чистење, ќе сјае, ќе заметеме“, рече Заев од митингот во Штип.

Ниската излезност од првиот круг на претседателските избори го натера Заев да вети поствелигденска генералка во која ќе се чистат и најголемите канцеларии. Вети дека ќе бидат сменети министри – и од СДСМ и од ДУИ.

„Испратија многу сериозна порака граѓаните. Јас сум прво одговорниот, поради тоа што сум прв во извршната власт и сум претседател на најголемата политичка партија. Слушнав и ќе има реакција. Некои ја викаат метла, некои ја викаат чистење, некои викаат промени треба да се случат. Ќе се случат. Ќе ги подместиме тие луѓе на други места и ќе дојдат, како што вика Цацко: дај ново дете“, порача премиерот Заев на митингот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и од ДУИ, во Штип.

Сепак, неизвесно е колку новите деца ќе го решат проблемот. Старите велат со деца не се пие ракија, зашто ќе ти ја изедат салатата, ама можеби со деца се прави влада.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, не сака други да ми чистат по куќи. Во изјава за ТВ21, тој рече дека „прво се мете во сопствената куќа и двор, а потоа и кај останатите“.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова, пак, се обидува да им се приближи на другите етнички заедници. Оваа недела на ред дојдоа Албанците.

„Изразот албанофоб го употреби висок функционер од Социјалдемократскиот сојуз. Јас имам голема забелешка, резерва кон таквиот израз. Тоа говори повеќе за оној кој го кажал, одошто за мене, бидејќи јас можело и да се омажам за Албанец, со оглед на детството поминато меѓу Албанци и пријателствата“, рече таа во интервју за Алмакос.

Таа претходно во текот на кампањата рече дека била родена во турска куќа, од 10 години има албанско побратимство, а дека нејзината ќерка ја огледала Ромка.

На социјалните мрежи се појавија досетливи коментари што би кажала Сиљановска – Давкова, ако во Македонија имаше и други малцинства, како на пример Ескими.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG