Достапни линкови

Боро Арсовски: Сликите се тие кои зборуваат


Боро Арсовски, уметникот пред сликите кои зборуваат во КИЦ

Континуирано сликам и за мене сликарството е уживање кое создава уживање, знае да каже академскиот сликар и ликовен педагог, фотограф и дизајнер Боро Арсовски, чија ликовна изложба е во тек во еден од салоните на Културно-информативниот центар во Скопје.

Боро Арсовски е уметник. Академски сликар на кого фотографот цел живот му дише во врат. И, не помалку педагог кој учениците во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ ги подучува на фотографија, а тука некаде во близина демнат и дизајнерот и сценографот во него. Знае да каже и тоа дека „пред да го снема од урбаната џунгла“ се бавел со музика (сега останале инструментите понекогаш да се сети на убавите времиња), а и дека често знае да се загине во светот на посветените аудиофили кои од сопственото трпение „чуда прават“.

Ете, тој и таквиот Боро Арсовски, творецот и уште повеќе човекот со многу интереси, во втората половина на март оваа година, во еден од салоните на КИЦ, на почитувачите на неговата уметност, пријателите, генерациите ученици и сегашни колеги, љубопитните им ја подари својата ненасловена изложба. И, на неа беа претставени 28 дела од селектираните 42 настанати како во еден здив во последниве две години, слики за кои вели дека несомнено „говорат“ и иницираат индивидуални приказни.

Инаку, Боро Арсовски во годиниве наназад има реализирано повеќе самостојни изложби, фотографски и мултимедијални настапи, учества на групни поставки, работилници и ликовни колонии и проекти во земјава и во странство.

Во еден од салоните на КИЦ во Скопје во тек е вашата самостојна изложба. Во текстот печатен во каталогот ќе забележите дека „сликите се колорна авантура која говори многу повеќе од сите ваши изречени зборови“. Сепак, што е она што ги врзува нив во една ваква целина и која ви беше целта со актуелново претставување?

Сликите се тие кои зборуваат. Не се направени наменски или во некоја временска рамка за некаква целина кој ќе биде претставена во ваква изложбена форма. Сликани се секоја за себе и нема поврзаност помеѓу нив, освен преку мене самиот. Одраз се на внатрешна енергија составена од секакви емоции, далечни, сегашни и идни. Идни во смисла да продолжат во таа енергија да постојат, без одредена ликовна дефиниција, ослободени да егзистираат понатаму како слики дури и од мене како нивен творец. Сакам кога ќе застанам и јас како гледач и ќе кажам " оваа слика ми се допаѓа". Повеќето платна на изложбата се баш такви, иако за нивната селекција беа одговорни уште двајца врвни ликовни уметници, сепак изборот е тој … што би се рекло по нашки „и јас би играл така“.

Оваа поставка е во некоја рака „скратена верзија“ на вашето декемвриско претставување во Струмица. Таму понудивте 60-на слики. Колку сте задоволен од приемот на публиката и во двата града? Успеавте ли да ја постигнете пожелуваната комуникација со љубителите на уметноста?

Не би рекол дека е скопското е скратено претставување, затоа што како и сликите и настапот беше сам за себе таков . Во Струмица, беа претставени повеќе жанрови, по блиски до широката публика, но кои се сепак и дел од моето ликовно задоволување. Едноставно, изложбениот простор таму беше голем и го дозволи тоа. Се најдоа голем дел од сликите кои ми се достапни и сеуште во моја сопственост. Овде во Скопје беше комплетно по осмислен аранжманот на делата, во функција на некаква заедничка атмосфера, течение низ разгледувањето на изложените дела. Исто како една убаво смислена музичка композиција, која не е битно колку трае. На мојата изложба бев, еднаш на отварањето и еднаш пред некој ден. Нормално, на отварањето бев во еуфорија и емотивен поради многу драги лица, блиски луѓе, поранешни и сегашни ученици пред кои чувствувам нај голема одговорност како личност. Кога бев пред некој ден сам, ја видов изложбата и почувствував дека и таа гледа во мене. Тоа е убаво... знаеш дека сликите говорат.

Од она што беше забележливо овие слики главно се настанати во последниве две години. Ве натера ли пандемијата малку подиректно да му се посветите на сопственото творештво, да побарате мотив повеќе за сликање?

Искрено, многу малку размислувам на темата - пандемија. Поточно повеќе сочувствувам со останатите, се плашам повеќе за најблиските и не би сакал да им се случи било што. Лани кога почнаа кризните мерки, сонцето и топлото време, како и платната со поголем формат ме извадија надвор во нашиот прекрасен двор. По мене атмосферата во животниот простор, мора да е слика на самиот човек кој живее во него. Имаме среќа да живееме во семејна куќа и во едно такво "време невреме" ги видовме вистинските просторни и содржински предности на еден таков објект со двор, коа се наоѓа во периферијата, во викенд населба. Затоа слободно можам да кажам дека јас уживав во тој творечки непрекинат процес, исто како и со години наназад, игнорирајки ја актуелната состојба каква и да е.

Која е вашата идеја водилка во уметноста, конкретно во сликарството? Што е она што ги поврзува овие слики, вашите дела воопшто?

Реков дека тие се можеби рефлексија од заостанати слики , на момент се сарказам, пародија, графит, обид, материја, движење. Кај повеќето од нив има и сирова недовршеност, во смисол на живот кој е во траење. Боја како доминанта и како главен сликарски синоним, а во некој од нив цртеж, во обид да дефинира некаква фигура. Тоа е секако сега… понатаму и јас би сакал да дознаам барем дел од прашањето. Имам нови големи бели платна. Моментално, тие се прашањето, а јас со четките и боите ќе морам да бидам одговорот.

Дали таквиот однос е карактеристичен за еден подолг период, или како што велите „во последно време имате послободен пристап кон платното“

Континуирано сликам и за мене сликарството е уживање кое создава уживање. Би излажал кога би ви дефинирал било што околу тоа. Спаѓа во уметност и што сте по слободен ги бришете границите и одите по далеку.

Вие сте ликовен педагог, поточно професор во ДСУЛУД „Лазар Личеновски“ во Скопје, што е она основното на кое ги учите своите ученици, идните ваши колеги?

Ова е многу тешко прашање. Секој ученик е и личност сама за себе. Секој доаѓа од различно окружување и со различни сништа. Мора да се почитува себе си, потоа и останатите. Дека може многу да научи, но никогаш доволно. И да бидат спремни дека еден ден ќе мора самите да учат од своите ученици, како што јас правам во моментот. Тоа е взаемен процес. Да ги почитуваме нивните квалитети кои ги носат со новово време, да ги признаеме и прифатиме. Да не ги враќаме беспотребно во нашите почетоци. Со секоја нова генерација и ние сме на почеток заедно со нив. Ако имаме искуство, тоа мора да ни е јасно.

Боро Арсовски зад себе има повеќе самостојни ликовни изложби, но не помалку е активен на полето на дизајнот, фотографијата, сценографијата... Од каде потребата за движење во еден таков поширок творечки круг, низ повеќе медиуми? Каде се чувствувате најудобно?

Сценографијата е едно далечно, кратко и убаво сеќавање на телевизијата. Фотографијата е она кое го искусив и како ангажман - новински фото репортер, во период кога ми беше најпотребно некакво признание дека нешто видливо сум сработил. Имено, ние во образовниот систем не добиваме соодветно признание за нашиот вложен труд, и таа работа за многу е апстрактна. Како фото репортер се чувствував исполнет, корисен, господар на ситуацијата во која моментот зависи од мојот прст, понекогаш и вољата да не притиснам. Тоа е она кое би го работел, ако не работам во училиште.

И, по оваа ликовна поставка се размислува ли за една поинаква средба со љубителите на уметноста? Можеби со изложба на уметничка фотографија или…

Фотографијата е она кое ме следи паралелно веќе со години наназад. Тоа е нешто кое е сеуште дел од мојата романтика и рамнотежа. Емотивно гледам на тоа, затоа што тоа е комплетно различна категорија на изразување. Многу отворена, блиска до секого и транспарентна. Технички, никој пат не сум ги споил фотографијата и сликарството. Имам одвоени уникатни чувства за нив посебно. Живеам од фотографија на најубав и чист можен начин. Но кога би требало да се претставам како автор, тоа би било многу тешко. Сум размислувал за изложба, но пред се би одбрал, книга од 100 страници каде би ставил околу 150 или 200 мои фотографии избрани со срце. Така би оставил некаков документ, траг или ако баш сакате дел од душата. Изложбата е убава но потоа се растура, оди или не оди понатаму. Ова не е ново. Книгите со фотографии се печатат и имаат трајна вредност за едно постоење во времето на сите нас. Слики на платно секако следат … а со тоа веројатно и нови претставувања, се надевам наскоро.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG