Достапни линкови

Бобан Алексоски - Сакам брутален, отворен, искрен театар


Со 18 изведби, „Дневникот на лудиот“, монодрама работена по текст на Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески и во изведба на актерот Бобан Алексоски, е хит претстава за која во изминативе две години се бара карта повеќе и која плени со својата неверојатна енергија и комуникација со публиката.

Една од најблагородните компоненти на оваа монодрама е актеровата блискост со публиката која за време на претставата станува релевантен дел од нејзиното дејствие. Минувајќи низ редовите во таа клаустофобична просторија која е лична карта на френетичниот Аксентиj, Бобан Алексоски на еден егзистенцијалистичен начин ја споделува својата мака со сите нас отворено барајќи наше мислење. И покрај тоа што и тоа е мал ризик на кој се става самиот актер, симпатичкиот мост на сите нас ни наметнува ситуација на соживот и прифаќање на неговите молби, наредби и барање за време на целото дејствие. Контактот со публиката кој морам да признаам е невиден досега за една монодрама е потполн и публиката тој Аксентиј го чувствува како своја несреќа, но и како несреќа на едно време каде ништо не е свето.

Ова во своето видување на монодрамата „Дневникот на лудиот“, работена по текст на големиот Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески и во изведба на младиот актер Бобан Алексоски, ќе го забележи неговиот колега и наедно театарски критичар Сашо Огненовски.

Претставата досега доживеа 18 изведби од кои поголемиот број во рамките на проектот „Нов културен бран“ и се закити со три значајни награди – на Меѓународниот театарски фестивал „Лица без маски“ Алексоски беше прогласен за најдобар актер, истата таа награда ја доби и на Интернационалниот фестивал на монодрама „Батиф“ во Тирана, соседна Албанија, каде пак Ризески беше овенчан со признанието за најдобар режисер.

Говорејќи за ваквиот след на настаните Алексоски знае да каже дека „Дневникот на лудиот“ настанала во еден период кога Ризески и тој биле во еден меѓупростор во кој како невработени завршиле со некои дотогашни проекти и имале силна потреба да почнат нешто ново заедно. Трагајќи се нашле кај текстот на Гогољ кој првично бил идеја за „специјалистички испит на ЕСРА“.

„Немавме визија дека претставата ќе тера до овде кадешто сега е стигната. Не мислевме дека ќе има голем или мал успех. Тоа воопшто не ни е битно. Нас ни е битно како е прифатена од публиката. Тоа е тоа што не тера да имаме постојано изведби и претставата да биде актуелна. Пред некое време кога бевме на гостувањата се договоривме дека нема никогаш да ја завршиме, да се откажеме од неа и дека би ја играл и на 30, на 40 години, па дури и на 50 години. Идејата ми е претставата да ја играм до крајот на мојот актерски живот“, вели актерот.

Тој сепак не крие дека патот на „Дневникот на лудиот“ да стигне до публиката и на фестивалите бил лесен. Напротив. Појаснува дека првично монодрамата требало да се игра во Драмски театар додека на негово чело бил Роберт Велјановски, но дека потем морале да ја користат сцената на ЕСРА и полека да си отвораат простор за себе. Конечно по турнејата по Македонија, неколкуте настапи на фестивалите, последната и веројатно идните неколку изведби ќе бидат во Театар „Сенки и облаци“.

„За монодрама нема некаков интерес да се спонзорира. Нема слух. Дури ни кај колегите на функции затоа што тие кога ќе седнат на тоа столче почнуваат да мислат на бројот на присутните во салата. Најчесто не мислат на естетиката, на уметноста. Сепак театарот потекнува од тој момент. Не е сè комедија, па да биде евтино, како што може да забележиме на нашите сцени“, смета Алексоски.

Знаејќи дека за монодрама треба да имаш багаж, наталожено искуство и храброст или конечно многу лудост да се зафатиш со еден таков нималку лесен чин, Бобан ќе рече дека нему му било срам да му каже на својот професор дека ќе работи еден таков проект. Дека дури се криел кога со Ѓорѓи започнале со пробите.

„Ме плашеа муабетите од страна. Еј, да направиш монодрама треба да имаш 30 улоги на 30 години. И ден денес се случува тоа да го каже некој во моја близина. Некој што ја нема гледано претставата. Јас го гледам тоа малку поинаку. Не е толку тешко. Едноставно е. Ние на факултет почнуваме со етиди, со емитација и сам си на сцена. Тоа е еден вид монодрама. Така се запознаваме со занаетот. Преку такви вежби ја направивме „Дневникот на лудиот“ и тоа не е класична монодрама. Влетавме многу храбро, дури и лудо. Кога излезе производот јас дури тогаш се смирив и сфатив дека не избрзав нештото. Текстот ми лежеше, ми одговараше. Башка го средивме ликот да одговара на моите години. На мојата возраст. Тоа е сега и наш концепт. Многу мои колеги, постари актери кои досега виделе многу изведби на „Дневникот на лудиот“ на други сцени и во други земји ми кажаа дека кај мене виделе многу интересна енергија и дека многу различно сум го играл. Сите другите биле слично поставени, маса, дневник, стол, луд, многу луд... Кај нас е малку поинаку – луд на страна на публиката. Со нив заедно. Нашата претстава е интерактивна. Ете тоа е она што навистина ме радува“, ќе рече Алексоски.

За себе вели дека сака ликови како Аксентиј. Дека го предизвикуваат таквите ликови кои прават трансформација поврзана со емоции и којашто доведува до биполарност, па до болести, дека едноставно сака да истражува.

„Како актери набљудуваме постојано и ги собираме карактерите кои после ги вадиме на сцена многу лесно и многу јасно. Меѓутоа кога играме нешто вакво треба да го најдеме лудилото треба да го најдеме во себе. Блиска беше нашата приказна. Јас се најдов со ликот во монодрамата кога имав еден свој тажен професионален период. Година дена претходно, како дипломска претстава ја работевме „Дупло дно“ и таму нели има ликови на лудак, револуционер и уметник. Сакав да го играм лудиот, но не ми се падна при поделбата. И од тогаш си реков дека еден ден мора да си го остварам сонот и да играм лудак. Еве тоа и ми се оствари. Инаку, тоа многу е различно од мене но е блиску по емоции. Сакам да го барам тие емоции во мене кои можат да прикажат еден таков друг, поинаков човек“, истакнува Бобан.

Во продолжение тој со информација дека тие во процесот на работа се решиле за еден вид хипер-реализам, за еден вид психо драма која ќе се обиде да комуницира и да ја допре публиката.

„Кај нас е многу интересно што мојот лик не дозволува да мрдне публиката. На сите реакции се внимава и тие влегуваат во текот на дејството. Мене посебно интересна ми беше таа смеса на театар и живот. Она што денес е многу актуелно во театарот – таа филмска глума да речеме. Инаку лично сакам брутален, отворен, искрен театар. Оној театар што го прави режисерот Томи Јанежич. Иако го почитувам, не сакам нагласен, класичен театар. Сакам театар кадешто ние како луѓе се даваме многу повеќе во ликот затоа што чувството кога ќе дадеш и земеш е она најубавото во оваа професија и затоа сакам да ја работам“, смета младиот актер.

Инаку, Бобан Алексоски е актер кој од родниот Прилеп решил да стане „печалбар“ во големото и валкано Скопје со надеж дека ќе реализира дел од своите идеи. Сеуште без регулирано жителство во метрополата заработува како знае и умее и сонува за „влез во институција“ и за тоа „да има своја матична куќа“. Засега е принуден како и сите други да се вклучи во играта „брканица со државата“ , да побара 500, а да не добие ништо или само половина од тоа за „проект“ од ресорното Министерство и така во круг.

„Сакам да ми се случи проект. Не сакам нишо повеќе. Едноставно сакам да работам. Да имам професионален ангажман во професионален театар. Да играм. Да ме забележат. Дај боже да ме вработат на конкурс. А нема многу услови за тоа оти се е некако сведено на „ти, ти, ти...“ и си ги бираат „своите“, истите глумци. Треба да се дружиш со режисерите, а јас како келнер во кафуле со девет часовно време малку имам простор да бидам актер на дневна база. Не дека не може да се најде работа. Може... ајде еве и како приватна продукција, ние неодамна со двајца колеги направивме една новогодишна поучна претстава и ја играме секаде во земјава...но сепак оправдано желбата за влез во некој институционален театар е реално присутна и кај мене“, смета Алексоски.

Кон ова само уште информацијата дека Бобан Алексоски и режисерот Ѓорѓи Ризески, како приватен проект, веќе некое време работат и на комедијата со работен наслов „Не е тоа што мислиш“ според Армус Периша Бели. Премиерата на претставата се очекува на почеток на февруари годинава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG