Достапни линкови

Бизнисот со ПЦР тестови „цвета“


ПСР тестови

Над 16 милиони евра потрошиле македонските граѓани во приватните здравствени установи за проверка дали се позитивни на ковид-19. Во пандемијата најголем „ќар“ видоа приватните болници и лаборатории.

ПЦР тестови, проверка на антитела, д-димери, пост ковид пакети за проверка на здравствената слика, се дел од услугите кои ги нудат приватните лаборатории и болници. За време на пандемијата се чекаше и до една недела за „Мој термин“ за ваква проверка, додека приватните лаборатории и клиники поажурни во работата ги привлекоа пациентите со брза информација за нивната здравствена состојба. Стравот кој го донесе пандемијата со ковид-19 ги натера македонските граѓани да „брцнат длабоко во паричникот“ и да платат понекогаш и повеќе за брза информација, дали се позитивни на ковид-19 или не.

Бизнисот на медицинските лаборатории особено летово почна да „цвета“. Капацитетот на лабораториите кои прават ПЦР – тестови летово порасна за дупло во однос на почетокот на годинава. Ако пред неколку месеци на дневна основа се правеа по 3 ипол илјади тестови, пред една недела беше постигнат рекорд во изработка на ПСР тестови. На 8 август беа направени 7 647 тестови за еден ден. Причината за тоа се правилата и протоколите за патување надвор од земјава. Дел од европските држави не ги признаваат македонските сертификати за примени вакцини па за престој на нивна територија бараат негативен ПЦР не постар од 48 часа.

Од почетокот на пандемијата па досега вкупниот број на направени ПЦР тестови за ковид-19 е над милион. Лидери во пандемискава година се 12-те приватни лаборатории со направени речиси половина милион ПЦР тестови, додека во државните институции се направени вкупно 329 394 ПЦР тестови, покажуваат податоците од Институт за јавно здравје. Останатите над 200 илјади се рапид антиген тестови кои се направени во јавните и приватните здравствени институции.

Нема ковид - пас за прележаните

Цените за еден ПЦР тест летово се движи од илјада до 2 ипол илјади денари. Цените на рапид тестовите се од 500 до илјада денари.
Над 16 милиони евра потрошиле македонските граѓани во приватните болници и институции за да проверат дали се позитивни на ковид-19 или не. До овој податок се доаѓа со пресметка на просечната цена од вкупниот број на направени ПЦР тестовите во приватните здравствени институции.

Но, реално оваа сума е поголема затоа што на почетокот на пандемијата во одредени клиники тестирањето изнесуваше 4, 5 па и 6 илјади денари, а дополнително за итните тестови чии резултати се добиваат за помалку од еден час во приватните болници се плаќа и до 100 евра. Дел од граѓаните кои сакале да направат тест, а не можеле да добијат „Мој термин“ поради лична информација или за службени патувања, тоа го сториле со приватно тестирање во државните институции каде што цената е од 1500 до 2500 денари по што расте и вкупната сума. На ова може да се додаде и податокот дека дел од граѓаните во паника честопати купуваат и брзи тестови од аптека кои изнесуваат околу 500 денари.

На овие бројки влијае и пристап до приватните клиники и лабаратории кои го имаа жителите на Скопје и жителите на поголемите градови, како и оние блиску до Скопје. Тие проблемот со недостаток на лабараториски капацитет за масовно тестирање за коронавирусот го решија со правење на тестови на приватно. Останатите мораа да чекаат „Мој термин“ за да може да проверат дали се носители на вирусот -19 или не.

Лидери во приватниот сектор според направени ПЦР тестови се приватните лаборатории Авицена и Биотек со направени по речиси 100 илјади. Веднаш зад нив е Систина со направени речиси 80 илјади, додека третото место го добива Жан Митрев клиниката со изготвени 73 илјади.
За само неколку месеци откако почна со работа Никоб Медикал изготвиле 35 илјади ПСР тестови.

Во Црна Гора во угостителски објекти само вакцинирани, прележани или со негативен тест за ковид

Трите најголеми приватни лаборатории Авицена, Биотек и Синлаб во 2020 година заработиле вкупно 9,8 милиони евра покажуваат податоците на бизнисмрежа.мк кои ги објави финансискиот портал пари.ком.мк. Претходно вкупните приходи на сите три компании во 2018 година изнесувале 4.2 милиони евра, додека во 2019 таквата сума се искачила на ниво од 4.6 милиони евра. Паралелно со порастот на приходи, остварен е и пораст кај добивките на компанијата и тоа во многу поголема пропорција од периодот пред Ковид-19. Според нивните податоци Биотек во 2019 година имал чиста добивка од 20.458 евра додека лани добивката на ова лабораторија скокнала на 1.579 927 евра.

Во однос на приватните болници, Жан Митрев клиниката и Аџибадем Систина во корона кризата, оствариле добивка од 14 милиони евра, покажуваат податоците на пари.ком.мк.

Од почетокот на пандемијата вкупната бројка на заболени со ковид-19 изнесува речиси 159 илјади, додека на починати 5.513.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG