Достапни линкови

Затворениците со минимум лекарска грижа


Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

Од Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа бараат од властите во Македонија „конкретно дејствување“ за спроведување на долгогодишните препораки. Владата во одговор за извештајот вели условите се подобруваат. Народниот правобранител смета дека здравствената заштита на затворениците е ургентно прашање.

Условите во затворите се подобруваат, тврди македонската влада во одговор по извештајот на Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура во кој се забележува дека условите во затворите се уште се лоши. Во извештајот посочени се реновираните делови во затворите, затворањето на проблематичните крила, но, како што наведуваат, се уште има проблеми.

Затворените луѓе добиваат неквалитетна здравствена заштита поради неподготвеноста на Министерството за здравство да преземе повеќе „стратешки пристап“ при неговото работење. На притворените им се забранети средби со нивните деца, со оние што се на издржување казна затвор се постапува на старомоден начин, не се посветува внимание на ресоцијализацијата на затворениците. Ова се само дел од забелешките наведени во најновиот извештај наКомитетот на Советот на Европа.

Едно од клучните прашања на кое посочува Комитетот е тоа што има недостаток на транспарентност во управувањето со затворите, а се нотира и загриженоста дека за поставување на раководни лица во затворите пресудна е политичка припадност, а не способноста за извршување на таква комплексна задача.

Од Комитетот за спречување тортура бараат од властите во Македонија „конкретно дејствување“ за спроведување на многу долгогодишни препораки утврдени во извештајот.

Во одговорот од Владата за извештајот, пак, нема многу за здравствената заштита на затворениците, освен дека затворите набавиле маски и дезинфекциски средства против ковид-19. Во одговорот се наведува дека годинава за подобрување на условите во затворите се планира да се потрошат 3,3 милиони евра. Се предвидуваат активности за спречување на корупција и обуки на затворски персоналот во делот на Кодексот за однесување. Предвидени се и нови вработувања на затворски службеници.

Во одговорот на Владата се наведува и дека во најголем дел од затворите нема пренатрупаност, но сепак во неколку установи има повеќе затвореници отколку што е предвидениот капацитет. Таква е состојбата во затворот во Шутка, во Битола, Струмица, Прилеп, а во затворите во Штип и во Тетово има речиси дупло повеќе од дозволениот капацитет.

Во одговорот се ветува и дека во втората половина на годината ќе има обуки за раководниот кадар во затворите за да открива случаи на прекумерна сила во страна на затворската полиција. Што се однесува до изборот на директори на установите, власта тврди дека тие се избираат на транспарентен начин. Директорот на Идризово е избран од редот на професионалците во областа, а тој на Шутка доаѓа од надвор без работно искуство во делот на затворски систем. По однос на храната и хигиената наредено е да се подобрат. Наредено е и сите осуденици да го користат правото на два часа а чист воздух и тоа право по ниту еден основ да не се прекршува. Ќе се работи и на тоа осудените лица да имаат можност за работно ангажирање, како и тоа да имаат активности во слободно време.

Управата за санкции и МОН започнале проект за образование во женското одделение во Идризово, а има и проект за стручно образование на осудениците, но поради пандемијата бил ставен во мирување. За тоа што на притворениците не им било овозможени да си ги гледаат малолетните деца, во одговорот се наведува дека од затворот во Шутка, каде е притворното одделение им било речно дека нема ограничување на такво нешто.

Зибери - Здравствената заштита на затворениците да биде приоритет

Народниот правобранител Насер Зибери, за РСЕ вели дека приоритет на властите треба да им биде подобрувањето на здравствените услови на затворениците, особено на луѓето зависници. Тој вели дека нивните извештаи покажуваат дека овие луѓе често не добиваат терапија или ја добиваат, но не на време, а лекарските екипи не се обучени да постапуваат со овие лица. Има проблем и во однос на бројноста на медицински персонал, вели тој.

„Во тој дел нема простор за калкулации и одлагања. Министерството за здравство треба да ги преземе мерките. Правото на здравствена заштита на секое лице лишено од слобода или приведено треба да се гарантира, затоа што Законот за извршување на санкции тоа го предвидува“, вели правобранителот.

Народниот правобранител вели дека има подобрување на условите во затворите, во споредба со минатите години, но се уште треба да се поработи на неколку сегменти, како просторните услови, ресоцијализацијата и образованието на луѓето лишени од слобода.

„Дел од затворите се растеретени од прекубројност, но во дел се уште има проблем со сместувачките капацитети и условите во однос на храна, хигиена итн. Има уште простор да се работи со редарската служба во однос на постапувањето со затворените и притворените лица. Треба да се овозможи и соодветен работен ангажман на затворениците и да тече воспитно-образовниот процес во поправните домови“, вели Народниот правобранител.


Во изминатиот период неколкупати во болница беше однесен притворениот бизнисмен Јордан Камчев. Неговиот адвокатски тим посочуваше дека нема лекар во затворот Скопје, па Камчев го носат на Клиника со брза помош. Деновиве во болница заврши и Сашо Мијалков. Поранешниот прв човек на УБК се жалел на болки во стомакот. На нехуман третман и недостиг на лекарска грижа додека беше во притвор често се жалеше и Бојан Јовановски -Боки 13.

Претставници на Комитетот на Советот на Европа биле во посета на Македонија од 7 до 9 декември 2020 година. Освен проблематичните делови во затворите, во Извештајот се нагласува дека се исполнети долгогодишните препораки од Комитетот за професионално управување со затворскиот систем што се состои од јасна хиерархија помеѓу администрацијата на затворот и директорите на затворите, јасен тек за управување и воспоставување одржлив систем за обука на персоналот, како и донесување јасни антикорупциски мерки, кои, како што се наведува се со „срамежлив“ развој.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG