Достапни линкови

13. Биенале на млади уметници како потреба за другост и „страст за лутање“


Плакатот за 13. Биенале на млади уметници

Дела на повеќе од 30 домашни и меѓународни творци, одбрани од пристигнатите 150 апликации, ќе бидат изложени на 13. Биенале на млади уметници чии отворања ќе бидат од 19 до 22 мај на четири локации во Скопје: во МСУ, Природонаучен музеј, Музеј на Македонија и Управата за хидрометеоролошки работи.

Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Jован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделковa, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров се триесеттината млади уметници од Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција и од Македонија чии дела се одбрани да бидат прикажани на 13. Биенале на млади уметници кое овојпат се одржува под наслов „Страст за лутање“.

Нивните творби работени во различни медиуми се одбрани од 150-те пристигнати апликации на Конкурсот на Музеј на современа уметност – Скопје, организаторот на оваа значајна манифестација.

2019 - дело на Ана Лазаревска

И, кога сме веќе тука чисто како потсетување само дека Биеналето на млади уметници како мултидисциплинарен настан е еден од значајните од областа на современата уметност кај нас, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачката генерација уметници и куратори.

Биеналето на млади уметници го насочува вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационална уметничка сцена. Тоа, пред се, има за цел да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација, и да создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена.

Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес кој ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста, појаснува Мира Гаќина, директорка на Музеј на современа уметност – Скопје.

Child of God - дело на уметникот Никола Радосављевиќ

А, во образложението за потребата од актуелната тема „Страст за лутање“ во времево и на просторот на кој живееме, кураторскиот тим со образложение дека „терминот /ˈwɒndəlʌst/ значи да се патува бесцелно од место до место“. Дека „кога ќе се тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам или работа, останува чиста форма на движење, како основна функција на целиот живот и енергија“.

Желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација.
Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што ни го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста којашто го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо. Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење. Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички, истакнува во своето обраќање Артан Садику, од Музеј на современа уметност – Скопје.

SHE video still - дело на Ивана Мирчевска

И, согласно ваквите размисли, а секако со идеја и да се излезе од удобноста што просторно ја дава една институција како МСУ, дури и физички да се „лута“, организаторите отворањето на 13-та меѓународна манифестација и претставувањето на изложбените поставки го осмислија да биде во четири дена, на исто толку локации во Скопје. Најнапред, оваа среда на 19 мај во 20 часот, ширум ќе бидат отворени портите и ќе блеснат светлата во Музеј на современа уметност, веќе следниот ден ликовната публика и пошироката културна јавност се поканети да ја погледнат поставката во Природнонаучен музеј, во петок ќе се случи отворањето на Биеналето во Музејот на Македонија и конечно за сабота, на 22 мај, меѓутоа во 13 часот, истиот чин ќе треба да се обистини во Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје. Таму, еден час подоцна е планирано концерт да одржи џез составот СВЕТЛОСТ, а за музичката програма во трите преходни мајски скопски ноќи со своите диџеј сетови и перформанси се задолжени Мартина Пенева, Еми Ермилова и Aka Thesaur.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG