Достапни линкови

Белоруските мајки се обидуваат да ги „сокријат децата“


Белоруски војници на заедничка вежба на вооружените сили на Руската Федерација и Белорусија во септември 2021 година.

Како што се зачестија знаците за дополнителен притисок од Москва - Белорусија да и се приклучи на војната во Украина, белоруските мајки стравуваат дека Александар Лукашенко ќе им нареди на нивните синови да одат во војна „за туѓи интереси“.

Кога десетици илјади руски војници се префрлија преку границата во Украина во почетокот на руската неиспровоцирана инвазија кон крајот на февруари, вклучително и од Белорусија, Алена почувствувала повеќе од само страв.

„Тој е мојот воздух, смислата на животот“, рече таа за нејзиниот единствен син, кој беше регрутиран во белоруската воена служба во мај 2021 година. „Чувствував повеќе од само страв за мојот син. Не знам ни како да опишам Тоа беше хорор. Бев хистерична, само плачев во тоалетот на работа“.

Лукашенко: не ја туркајте нуклеарно вооружената Русија во ќош

РСЕ користи псевдоними и крие детали за сите жени цитирани во оваа приказна за да ја осигура нивната безбедност и безбедноста на нивните семејства.

За среќа, рече Алена, нејзиниот син ја уверил дека е безбеден. А „замполит“, терминот од советската ера за политички комесари во војската на Белорусија, набрзо и кажа дека никој никаде не испраќа Белоруси.

Украинските сили се подготвуваат за можен напад од Белорусија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:21 0:00

Белорускиот лидер Александар Лукашенка ѝ дозволи на Русија да ја користи Белорусија како терен за инвазијата, вклучително и за неуспешната копнена офанзива со цел заземање на Киев. Но, Минск тврди дека неговите трупи директно не учествувале во ниедна од борбите.

Сега, речиси осум месеци и десетици илјади украински и руски жртви подоцна, додека инвазијата на Москва продолжува, а остатокот од регионот се подготвува против ширењето на конфликтот, Алена и илјадници други мајки на белоруски регрути повторно се плашат за нивните синови.

Белорусија долго време се потпира врз Русија за снабдување со енергија, како и за економска и политичка поддршка, а зависноста на Лукашенко од Москва вртоглаво порасна во услови на протестите на опозицијата по неисправните претседателски избори пред две години.

Украина ја обвини Москва дека се обидува да ја вовлече Белорусија во војната

По последната средба со рускиот претседател Владимир Путин, Лукашенко ги обвини Украина, Полска и НАТО дека „се обидуваат да ја вовлечат и Белорусија во борба“. Но, неговите потези и на другите белоруски функционери оваа недела предизвикаа стравувања во јавноста дека планираат тивка мобилизација, бидејќи расте притисокот од Москва врз Минск за поактивна поддршка на руската инвазија врз Украина.

Зборувајќи како мајка на Белорусин во борбена возраст, среде новите гласини за мобилизација, Алена вели: „Немирот во сите нас беше, и ќе биде, и нема да оди никаде“.

Повеќе од реторика

Руската воена кампања според повеќето надворешни извештаи тече слабо, истакнувајќи ги политичките и разузнавачките неуспеси, слабостите во воената команда и логистиката, неконтролираната корупција и неспособност и потпирање врз лошо обучени трупи и платенички сили.

Путин во минатиот месец најави „делумна мобилизација“ за која Кремљ вели дека има за цел да регрутира најмалку 300.000 нови војници за да ги зајакне десетици илјади Руси кои веќе се во Украина - потег за кој многу аналитичари велат дека е знак за зголемениот очај на Кремљ да го промени текот на војната.

Деновиве, без да обезбеди докази, Лукашенко ја обвини Украина и нејзините западни сојузници за „планирање на напади на територијата на Белорусија“, што може да вклучи „саботажа, терористички напади и...воен бунт во земјата“.

Потоа тој најави создавање на заедничка „регионална воена група“ составена од руски и белоруски трупи. По коментарите на Лукашенко, Министерството за одбрана најави инспекција на вооружените сили на Белорусија.

Лидерите на Г7 јавно ги повикаа белоруските власти да избегнуваат да придонесуваат за „руската агресивна војна“ против Украина.

Неколку дена подоцна, на 14 октомври, Лукашенко прецизираше дека до 15.000 руски војници ќе пристигнат во Белорусија за да ја екипираат заедничката воена група, во близина на нејзината јужна граница со Украина.

Првите од тие руски војници пристигнаа во Белорусија на 15 октомври, објави белоруското Министерство за одбрана, заедно со сликите на војниците кои се пречекани со леб и сол од жени во традиционална белоруска облека.

Заменик-началникот на воениот генералштаб на Белорусија, Виктар Тумар, рече дека силите имаат „чисто одбранбен карактер“, а белоруските и руските војници се нејзин „рбет“.
Без допир?

Непопуларноста на Лукашенко би можела направи предизвик за секој обид за мобилизација.

Марија оваа недела за Белорускиот сервис на РСЕ изјави дека нејзиниот син „е во бегство веќе три години“, откако беше исфрлен од универзитетот. Тој не живее на неговата регистрирана адреса и досега, рече таа, најмногу успеал „едноставно да ја игнорира воената комисија“, и покрај постојаните повици.

Марија рече дека по објавувањето на руската мобилизација минатиот месец, „сите жени почнаа да се грижат -- за своите синови и за нивните сопрузи“.

Многу од нив внимателно ги проучуваат начините како да избегнат регрутирање, рече таа, вклучително и преку одложување поради инвалидитет или други здравствени состојби.

Украинско погранично село стравува од нова инвазија од Белорусија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Белоруските пратеници неодамна подготвија закон за укинување на одложувањето на воениот рок за младите белоруски студенти во странство.

Татјана за РСЕ изјави дека и покрај желбата на нејзиниот син да не оди да студира во странство, таа и нејзиниот сопруг сега се обидуваат „да направат тој да оди да студира во странство додека тоа е сè уште можно“.

Нивниот обид да му добијат виза неодамна пропадна. „Има посредници“, но тие наплаќаат многу пари“, вели рече таа. Тие сега истражуваат други патишта „бидејќи останувањето овде за мојот син не е опција“.

„Политичко самоубиство“

Белоруските опозициски лидери принудени на егзил поради репресијата откако Лукашенко се прогласи себеси за победник на шестиот претседателски мандат пред две години, ги поврзаа политичките судбини на Украина и Белорусија.

Главниот ривал на Лукашенка на тие избори, Свјатлана Циханускаја, за РСЕ изјави дека „без слободна Украина не може да има слободна Белорусија“. Таа го обвини Лукашенко за „предавство“ поради неговите постапки во однос на Украина.

Среде гласините за мобилизација, Циханускаја рече дека Лукашенко ќе изврши „политичко самоубиство“ доколку директно влезе во војната.

Десетици луѓе се приведени поради наводно организирање или учество во кампања за оштетување на белоруските железници за да се попречи напредокот на руските трупи и снабдувањето со оружје во Украина од почетокот на војната. Некои од наводните „железнички герилци“ добија долги затворски казни.

„Позитивната иднина на регионот“ зависи од рускиот пораз во Украина

Маргарита, чиј син служи во белоруската армија и моментално е распореден во близина на украинската граница, оваа недела за РСЕ изјави дека му наложила да „бега во спротивна насока или да се предаде“, ако му наредат да се бори со Украинците.

Таа изјави дека мајките кои се загрижени за своите синови поради гласините за неизбежен повик треба „да ги скријат некаде“.

„Треба само да не одите во воената канцеларија и да ги криете децата за да не се борат за туѓи интереси“, вели Маргарита.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG