Достапни линкови

Бектеши обвинува за скопски пекарски картел


Бектеши – Владата има право да замрзнува цени
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:37 0:00

Бектеши – Владата има право да замрзнува цени

Јас сум убеден, ова е мој личен став, дека во градот Скопје во делот на производство на леб, четири, максимум пет компании се здружени и утврдуваат цени по кои дистрибуираат и продаваат леб по големите супермаркети. Во внатрешноста на Македонија, цените се пониски од 32 денари, вели министерот за економија Крешник Бектеши во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој ја повикува Комисијата за заштита на конкуренцијата да го испита случајот.

Господине Бектеши, со што ве изнервираа пекарите?

Пекарите не нè изнервирале, ни мене лично, ни институцијата, ни како Влада. Ние ги носиме одлуките согласно направените анализи од секторот трговија и од Државниот пазарен инспекторат. Не беше испочитувано тоа што беше договорено пред да се воведе мерката за субвенционирање на електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија. Одлучивме тоа да се укине, а дополнително, согласно сите анализи, да се направат големи маржи на профит, со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните, и кризата како товар да не биде само на нивен грб.

Немаше ли други механизми? Храната на светските берзи поевтинува 11 месеци по ред и сега е поевтина од лани, а во Македонија е за 25 отсто поскапа. Има ли тука работа и за Комисијата за заштита на конкуренцијата?

Јас ги повикав да контролираат дали има здружување на одредени компании. Јас сум убеден, ова е мој личен став, дека во градот Скопје во делот на производство на леб, четири, максимум пет компании се здружени и утврдуваат цени по кои дистрибуираат и продаваат леб по големите супермаркети. Во внатрешноста на Македонија, цените се пониски од 32 денари, и тоа го покажуваат секојдневните извештаи кои доаѓаат во Министерството за економија.

Таква работа ние како Министерство за економија нема да дозволиме додека имаме механизми да постапиме согласно Законот за трговија. Тука нема ништо спорно, имајќи предвид дека многу е дециден членот 29 и членот 30 – дека во одредени ситуации Министерството за економија може да ѝ предложи на Владата вакви ограничувања или обврски, и дека секако една од мерките може да биде замрзнување или определување на највисока цена за одреден производ

Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа и највисока на Балканот. Народната банка ги зголеми каматите, но има критики дека владата не направи доволно и товарот е оставен на Народната банка?

Не, напротив, Македонија е единствената земја во регионот која повеќе од една година воведува различни мерки сè со цел товарот на не биде целосно на граѓаните и ние како Министерство за економија, можеме да се пофалиме дека речиси година и пол носиме вакви мерки. Вкупната инфлација не е само од основните прехранбени производи. Во делот на енергенсите интервенираме, ќе интервенираме кај основните прехранбени производи, но секако има и други сектори кои ќе треба да ја завршат својата работа.

На пример Албанија има двојно пониска инфлацијата од нас. Што направија тие?

Не треба да се прават такви споредби.

Не споредуваме со Белгија, туку со соседите.

Не треба такви споредби зашто треба да се гледа во методологијата на начинот како ја пресметуваат инфлацијата нивните заводи за статистика. Јас не сакам да зборувам за други држави, вклучително тука и Албанија, вие како новинари може да истражите и ќе приметите како се прави процентот во делот на инфлацијата и методологијата по која работат. Нашиот Завод за статистика работи согласно методологија целосно усогласена со Европската унија. И примероците кога се земаат и начинот како се земаат примероци за да се утврди одреден процент на зголемување или намалување на цени, може да биде различен меѓу земјите, посебно на земјите кои не се членки на ЕУ.

Велите преземате мерки за инфлацијата, но во Македонија 450 илјади луѓе живеат под прагот на сиромаштија, оваа година уште толку ќе осиромашат со оглед на тоа што реалната плата е падната, зголемувањето на платите не го следи растот на инфлацијата.

Инфлацијата годинава ќе биде помала од зголемувањето на платите, вклучително и од минималната плата и на просечната плата.

Поради скапата струја, некои фирми лани од слободниот, со изигрување на законот, се вратиле на регулираниот пазар. Вие побаравте казни. Казнет ли е некој?

Ние освен што побаравме казни и листата што ја доставивме од Финансиската полиција и до Управата за јавни приходи ние однесовме одлука каде автоматски им наложивме на ЕВН дистрибуција за тие компании кои го направиле тоа веднаш да се извадат од регулиран пазар и веќе такви компании не постојат на регулиран пазар.

Дали некој е казнет?

Во делот на казните тоа треба да го каже Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, бидејќи кажав дека таквата одлука што ја носеле фирмите или обид за изигрување на законот може да биде и во делот на намалување на плаќањето на ДДВ, бидејќи има различна стапка на ДДВ за тие што се на слободен и за тие што се на регулиран пазар, затоа има различни институции кои тоа може да го проверат и да ја известат јавноста како што ние тоа го правиме како Влада.

Целото интервју со министерот за економија Крешник Бектеши може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG