Достапни линкови

Виртуозот на пијано Арда Мустафаоглу со рецитал во Филхармонија


Поетот на пијано - Арда Мустафаоглу
Поетот на пијано - Арда Мустафаоглу

Со дела од големите Хајдн, Скарлати, Шуман и Брамс, оваа среда, на 24 март, во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи концертот насловен како „Клавишите на Арда“ на кој ќе настапи младиот македонски виртуоз, пијанистот Арда Мустафаоглу.

Филхармонија ја продолжува исклучителната серија на концерти со програма во која солисти се врвни македонски репродуктивни уметници и со акцент на домашното музичко творештво. Рака, по концертот „Хипноза“ на кој солист беше пијанистката Марија Ѓошевска и „Музиката и градот“, на кој солист во својата композиција беше врвниот обоист Васил Атанасов и на кој се случи праизведбата на електроакистичната поема „Скопје“ на композиторката Ана Пандевска, уште еден перформанс со домашен уметник. Овојпат станува збор за младиот македонски пијанист, „поетот на пијано“ Арда Мустафаоглу, кој ќе одржи рецитал насловен како „Клавишите на Арда“ оваа среда, на 24 март во 19 часот, во Камерната сала на Филхармонија. Инаку, ова е негов втор настап во само недела дена по оној одржан на 17 март во салата „Бели мугри“ во Велес, а неговата програма е сочинета од дела на великани како Јозеф Хајдн, Доменико Скарлати, Роберт Шуман и Јоханес Брамс.

Арда Мустафаоглу е студент на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург, Германија.

Пијанистичката кариера ја започнал на шест годишна возраст освојувајќи бројни награди на меѓународни натпревари и притоа е добитник на значајни награди како Гран при на EMCY натпревар во Истанбул (Турција), прва награда на интернационалниот натпревар „Антоно Салиери“ во Верона (Италија), трето место на интернационалниот натпревар „Триумф на уметноста“ во Брисел (Белгија), прво место на интернационалниот натпревар „Уметност и мир“ во Хамелбург (Германија), натпревари во Грција, Србија, Бугарија, Албанија и Франција.

Притоа младиот македонски пијанист се усовршувал на бројни мајсторски школи кај познати пијанисти од кои посебно за издвојување се Евгениј Корољов, Мишел Бероф, Жан-Франсоа Есер, Денис Паскал, Михаил Мордвинов, Борис Березовски и други.

Значајно влијание на неговиот пијанистички развој има пијанистката Шантал Стиглиани, која како претседател на француската асоцијација „Philomuses“ во април 2017 година на интернационалниот натпревар „Земјата и народот“ во Софија му ја врачува „Philomuses Special Prize“ со покана за концерт во Париз. Победата на натпреварот „Алберт Русел“, а потоа и учеството на натпреварот „Пијано камп“ во Понтуаз, Франција, придонесоа уметничкиот директор Жан-Франсоа Есер да го покани Арда на Академијата „Морис Равел“ каде има настава со професор Мишел Бероф.

Арда е пијанист кој ја продолжува школата на Евгениј Корољов. После јасно дадените смерници од него и интензивните подготовки со професор Милица Шкариќ, тој пред две години ги започна и студиите кај професор Ана Виницкаја на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург.

Негови позначајни концерти и настапи се концертот во „Burgau Castle“ – Дирен, настапот на „Охридско Лето“ во црквата Св. Софија – Охрид, настапот со Македонската Филхармонија, настапот со Софиската Синфониета, концертот со квартетот „EOS“ во Модане, концертот со квинтетот „Marmara“ во Србија, настапите и концертите во Германија (Ахен, Бон, Келн), Фрација (Сен Жан-де-Луз, Модане, Париз), Турција (Истанбул, Анталија), Италија, Србија и Бугарија.

За својот придонес во светската афирмација на градот Скопје, на Арда Мустафаоглу е добитник на наградата „13 Ноември“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG