Достапни линкови

Пост-ковидно се полнат амбулантите


Гужва во Клиничкиот Центар во Скопје „Мајка Тереза“
Гужва во Клиничкиот Центар во Скопје „Мајка Тереза“

Пандемијата со ковид-19 остави последици врз здравјето на граѓаните, особено тие кои вирусот го поминаа со потешка клиничка слика велат матичните лекари. Дополнително ефектот на „стаклено ѕвоно“ влијаеше и врз детското здравје.

Анемија, неконтролиран дијабет, оштетување на белите дробови се само дел од последиците врз здравјето на луѓето кои настанаа по пандемијата со ковид-19. Матичните лекари и докторите во клиниките и болниците во изминатиов период имаат полни раце работа. Претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека во амбуланта најчесто се јавуваат со здравствени проблеми пациентите кои во потешка форма го прележале коронавирус, особено оние кои биле во болница на кислородна поддршка.

„Имаат потешкотии со дишењето, оставија хроницитети, имаат фиброзни лузни во делот на белите дробови, па мораме нив да ги препраќаме кај специјалисти на контроли, за да може да користат спрејови за полесно да дишат. Тоа се сепак помал број на пациенти. Другите кои беа со полесна форма на инфекција немаат посебни последици во однос на тоа“, вели таа.

Чолакова Дервишова додава дека друг дел од пациентите кои прележале корона се соочуваат со јака анемија, која што била изразена и во самиот период на инфекцијата со ковид-19. За нив матичните лекари препишуваат неколку месеци последователно суплементи со железо. Како симптом на јака анемија дел од пациентите се жалат и на опаѓање на коса. Таа додава дека забележливи се и компликации со крвта и крвната слика, па затоа на дел од пациентите им препишуваат и лекови за прочистување на црниот дроб.

„ Другиот момент кој што е многу битен за здравството поради нефункционирањето на секундарното здравство и недостаток од термини, а ние цело време алармиравме за тоа, дека мора дел да работат нормално дел да бидат ковид центри, се сега се поголемиот број на пациенти со малигнитети на дебелото црево, карциноми на дојки, простати, неконтролиран дијабет. Тоа е многу битно за здравјето на нашето здравје, да функционира во целост здравствениот систем“, вели таа.

СЗО: Повторно растат бројките на заболени и починати од Ковид 19
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:14 0:00


Намалувањето на бројот на заразени летово во однос на пролетниот ковид-бран, даде малку одишка на здравствените работилници во ковид-центрите. Но, за матичните лекари и педијатри сликата е поинаква, тие и натаму имаат полни раце работа. Причината е во тоа што со укинувањето на мерките за намалување на ширењето на ковид-19, луѓето кои во изминатава година поголемиот дел од времето го поминаа со намалени контакти, сега слободно се движат. Со тоа до израз дојдоа вирусите и бактериите кои беа потиснати од ковид-19, велат лекарите. Тие објаснуваат дека имунитетот на луѓето, особено децата кои беа поголемиот дел од времето дома создале таканаречен ефект од стаклено ѕвоно.

Послободното движење без маски отвори простор за вируси кои не се вообичаени за овој период од годината. 36 годишната мајка на две малолетни деца Ана Јовановска вели дека токму чувањето на децата во домашен затворен простор влијаело на ослабувањето на нивниот имунитет. Таа објаснува дека пред неколку месеци цело семејство прележале коронавирус, по што долго време нејзините деца не се мешале со други, надевајќи се дека така ќе им се зајакне имунитетот. Но, како што вели, при првата средба со повеќе деца помалиот син префатил вирус.

„ Два месеци бевме во изолација, најпрво заради себе си, а потоа и поради другите, откако помина периодот на изолација, децата почнаа да излегуваат надвор бидејќи периодот е погоден за тоа. Како почнаа да се дружат веднаш почнаа настинки, болки во грло, затнат нос. Големиот полесно го помина, но помалиот син кој има 6 години помина со мали потешкотии во дишењето. Некако ова ни дојде како гром од ведро небо“ вели Јовановска.

Минатата недела Министерството за здравство соопшти дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со респираторна инфекција која не е типична за овој период од годината.

Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, Аспазаија Софијанова изјави денеска дека според нивните сознанија, заспаниот имунолошки систем веројатно е причина за инфекција на дишните патишта кај децата во Гевгелија.

„Лично по нашите искуства сметаме дека заспаниот имун систем кај децата доведе до она што беше нормална патологија во февруари и март да го гледаме сега не само овде, туку и во други градови во земјава“, изјави неодамна Софијанова по посетата на гевгелиската Општа болница.

Во изминатава недела бројот на новозаразени со ковид -19 е зголемен за 7,5 проценти во однос на претходната покажуваат податоците на Институт за јавно здравје. Регистрирани сe 86 нови позитивни случаи од 9 градови во државата, 2,2 пати повеќе во однос на минатата недела. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG