Достапни линкови

Амбулантите полни со ковид пациенти - тестови нема, за нови мерки ќе се почека


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Бројот на позитивни случаи на Ковид 19 расте, со денови се чека за тестови „на државно“, а најави за нови мерки нема. Амбулантите на матичните лекари се полни со пациенти. Епидемиологот Стојанов предупредува дека не е време за опуштање, а прашање на време е кога ќе се вратат ковид мерките.

Расте бројот на позитивни случаи на Ковид 19, смртни случаи и хоспитализирани во македонските болници. Минатата недела позитивни биле над 40% од направените тестови, а регистрирани се и 12 починати пациенти, што е најголем број во овој бран кој започна во јуни. Според извештаите од болниците на почетокот на седмицава биле хоспитализирани 136 лица, наспроти 40 само една недела претходно. Не се поштедени ниту оние кои веќе го прележале вирусот, па кај четвртина од новите случаи се работи за повторна инфекција.

Ординациите на матичните лекари се преполни со пациенти. Само во амбулантата на доктор Никола Панделиев кој е специјалист по семејна медицина, дневно доаѓаат по 40-тина лица со симптоми на ковид 19 или веќе потврден тест. Тој вели дека летово напливот на пациенти е голем, иако вообичаено треба да имаат помалку работа и пациенти со респираторни инфекции.

Иако Ковид 19 е предизвикан од респираторен вирус кој дава симптоми како кашлица, во новиот ковид бран многумина првично се пожалиле на стомачни тегоби и дијареа, за подоцна да се утврди дека се ковид позитивни, забележува Панделиев.

„Секоја покачена температура, секоја состојба на малаксаност, на болка во тело е е веќе суспектно дека се работи за ковид и можеби е паметно човек да се тестира и да види дали е или не е “, укажува докторот.

Сепак, растот на бројките ги отвори старите рани. Термините за тестирање на државно се тенчат. Во моментов во просек се чека по 5 дена за тест, или половина од времето за задолжителна изолација на ковид позитивните пациенти кое остана 7-10 дена, зависно од симптомите.

Стравот лозјето го чува

Засега нема најави за нови мерки со кои ќе се забави ширењето на болеста, освен постоечките - задолжително носење маска во болница, аптека, старечки дом и јавен превоз. Но доволно е да се влезе во аптека или автобусите, за да се види дека и овие мерка и ретко се почитуваат. По последниот состанок на Комисијата за заразни болести која ги предлага мерките, беше утврдено дека се уште сме во т.н. зелена зона, со релативно мал број смртни случаи и луѓе во болница.

За разлика од претходните бранови, овојпат, иако бројката на ковид позитивни пациенти брзо расте, сепак стапката на смртни случаи и луѓето што завршуваат во болница е значително помал од претходно. Но, според епидемиологот Александар Стојанов оваа состојба нема да трае долго, бројките ќе растат, а мерките ќе бидат неизбежни.

„Така што не треба да се сфати ова „лагодно“. Ќе почнеме сигурно со задолжителни маски во затворени простории, собири, болници, аптеки, автобуси, тоа ќе биде прво. Второ, веројатно ќе се чека новата вакцина каде ќе го има новиот омикрон сој, којшто очигледно ги избегнува и прележаните со делта и со другите соеви, и вакцинацијата ја избегнува. Така што ќе мора да почекаме да видиме кога ќе ја добиеме новата вакцина која носи заштита од новиот сој и ќе биде полесно“, смета Стојанов.

Вакцините кои сега се достапни се креирани според првите соеви на вирусот кој брзо мутираше, поради што не се покажаа за многу успешни во заштита од зараза, но затоа пак дадоа голема ефикасност во намалување на стапките на хоспитализации и смрт. Според податоците од Министерството за здравство, земјава во моментов располага со вкупно 250 илјади вакцини на компанијата Фајзер и 100 илјади од Модерна.

Но и покрај достапноста на вакцините ниту половина од населението во земјава не е вакцинирано, едвај 9% имаат примено трета бустер доза, додека само 0,2 % се вакцинирале со четврта доза. Препораката за четврта доза вакцина ( или втора засилувачка доза) беше дадена пред три недели и главно се однесува на лица над 60 години и оние со коморбидитети. Сепак, таа е достапна без закажување за сите кои ќе решат да се вакцинираат.

Европскиот просек на двојно вакцинирани е над 70% од кои повеќе од половината примиле трета бустер доза, а веќе 5% и четврта доза.

Епидемиологот Стојанов е дециден дека граѓаните мора да се вакцинираат со вакцините кои се достапни во моментов, а потоа додава, и со новите кои ќе бидат адаптирани за новите омикрон соеви на вирусот. Тоа смета дека ќе биде единствениот излез од пандемијата за која вели дека никој не може да предвиди во која насока ќе се движи.

„Ковидот ни ги измеша сите работи коишто ги знаевме досега, барем вообичаените. Прво беше зимска сезона, како грипот, од таа фамилија болести е ковидот. Излезе дека си функционира. Не е само зима пикот. Пикот на грипот е декември-јануари и после паѓа. Овој (ковидот) цела година си функционира. Така што не може да го ставите во некои вообичаени рамки. Колку ќе трае и како ќе се одвива пак ќе зависи од нашето поведение“, дециден е докторот.

Со ковид амбуланти и нови лекови во битка со ковид бранот

Единствена новина во екот на новиот бран е најавата од Комисијата за заразни болести за отворање на пет ковид амбуланти во здравствените домови во Скопје. Во нив треба да ротираат матичните лекари, а идејата со нивно отворање е да се намали притисокот врз матичните ординации и поедностави пристапот за лекување на пациентите. Сепак, ваквите најави не беа прифатени со олеснување од матичните лекари кои се на фронтот во новиот ковид бран. Доктор Панделиев вели дека предологот не е лош, но мора добро да се осмисли бидејќи во многу ординации има по само еден матичен лекар, кој не може истовремено да биде на две места.

Така, иако првичните најави беа дека амбулантите ќе бидат отворени неделава, од Министерството за здравство немаат конкретен одговор кога тоа навистина ќе се случи. Одговор нема ниту за тоа дали ќе се набавува новиот лек на Фајзер - Паксловид кој покажа добри резулати во лекувањето на ковид позитивните пациенти. Токму овој лек беше даден на 79-годишниот американски претседател Џо Бајден кој минатата недела доби позитивен ковид тест и покрај двојната вакцинација засилена со две бустер дози. Целиот период на изолација Бајден го мина работно во Белата куќа, со благи симптоми.

Епидемиологот Стојанов е дециден дека набавката на новите ковид лекови треба да биде меѓу приоритетите, и за тоа мора да се најдат средства. Од Министерството за здравство пак појаснуваат дека за дел од новите лекови во тек е тендерска постапка за нивна набавка. Во неа ги има лековите ремдесивир, молнупиравир - првиот лек за вирусот на Мерц, тозилизумаб, касиривимаб, имдевимаб, но и коктелите на моноклонална терапија кои се даваат на ризичните пациенти.

Раст на бројката на ковид позитивните пациенти има во поголем дел од Европа. Но она што е заедничко за сите е дека симптомите се поблаги од претходните бранови, а земјите главно се воздржуваат од враќање на неодамнешните ковид мерки како карантини, вакцинални сертификати или задолжителни маски.

Австрија на пример, од следниот месец го укинува задолжителниот карантин за лицата кои се позитивни на коронавирусот, но не се болни. Грчките власти пак најавија дека нема да воведуваат нови ковид мерки во текот на летото, бидејќи во моментот ковид бранот е во надолен тренд.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG