Достапни линкови

Александра Мачковска: Не секоја мисла е безопасна ако и дозволиме да не заведе


Александра Мачковска ЕнИгма, млада македонска писателка и авторка на романот „Вокабуларис“

„Вокабуларис“ е насловен дебитанскиот роман на Александра Мачковска (Ен Игма) што се појави неодамна во издание на книгоиздателството Темплум во рамки на едицијата Катапулт. На неговите страници младата писателка „како да ја пресликала дистописката 2020 година“.

Човек, главниот зоолог во Вокабуларис - светот на Зборовите, го ослободува вирусот на Неписменост кој ги заразува повеќето од неговите сограѓани. На невините Зборови во мирното општество им се заканува исчезнување ако не го најдат лекот. Ако само еден Збор е загубен, Вокабуларис може да престане да постои. На два млади Збора, Грозна и Лага, им се губи трагата. Дали жителите на Вокабуларис ќе успеат да го запрат вирусот и да го избегнат крајот?

Ова е само неколку прашања и мал дел од содржината на дебитанскиот роман „Вокабуларис“ на младата Александра Мачковска (Ен Игма) што се појави неодамна во издание на книгоиздателството Темплум во рамки на едицијата Катапулт.

За делото и неговиот автор Проф. Д-р. Кирил Темков во својата рецензија забележува дека „овој роман го заслужува внимание на публиката и на критиката, кои всушност можат да ја оценат со голема оценка како актуелна писателка со големи сознанија и слободна фантазија и со мошне квалитетна литературна експресија во нејзината прва сериозна креација“.

Од друга страна М-р Билјана Јовановска, филолог и магистер по визуелни уметности, наведува дека „во овој нов придонес кон Гутенберговата галаксија се препознава писменост на талентиран раскажувач, но исто толку и на вистински описменет лингвист“, додека Проф. Д-р Васил Тоциновски ќе констатира дека "Мачковска се одредила да нѐ поведе на едно необично и неизвесно патување или поточно би рекле ни понудила вистинска авантура“.

Кон ваквите консттации уште само кратко дека Александра Мачковска која пишува под псевдонимот Ен Игма, е родена и живее во Скопје. Дипломирала книжевност на катедрата за англиски јазик, а „Вокабуларис“ е нејзин прв роман, оригинално напишан на англиски јазик. И, потем уште неколку прашања со навистина интересна експликација на авторката.

Како настана „Вокабуларис“ и од каде идејата, ИНСПИРАЦИЈАТА за романот во времево на изместени вредности и „ширењето на вирусот на неписменоста“?

Уште од најраното детство сум фасцинирана од пишаниот збор, и мислам дека сите што како мене ја делат страста која во нас ја поттикнува читањето барем еднаш во животот се подзамислиле како би изгледало да напишат книга која ќе го носи токму нивниот мирис, еден мирис на свеж печат, кој сеуште никој не успеал да го зароби во шише-да му ја одземе слободата би рекла. Верувам дека секој носи приказна во себе, а јас носев идеја која растеше и растеше во мене и дојде до тој степен што повеќе навистина едноставно неможеше да ја собере во мојот ум. Следствено, зедов еден тефтер и почнав да запишувам… Ливчиња насекаде, мал милион отворени документи на компјутерот, бележници на телефонот… Со време, се создаде кохезија која можеше да се претвори во една целина, па резултат беше документот кој беше постојано отворен на мојот лаптоп со работен наслов „Светот на Зборовите“.

Силата на тој збор, неговата можност да урива и раѓа нови светови, да инспирира нови мисли, да создава нова сегашност, да ја обликува историјата и да ги корне и ‘рти корењата на една велесила наречена живот ми изгледаше толку колосално што верував дека треба да се опее. Но, една песна немаше да ми биде доволна за да го изразам тоа што сакав да го кажам, така се решив за роман.

Во„ Вокабуларис“ главно место заземаат Зборовите-неговите жители. Сите ние знаеме како тие се користат… За описи на убави нешта, на мрачни состојби, за среќа или тага, неретко и за бес. Но сепак, неретко зборовите со лошо значење можат да бидат искористени и во позитивен контекст. И, тие како наша креација би било, ако може да се изразам така, „неродителски“ да ги обвиниме.

Иако некогаш велиме „сурови зборови“, „зборовите ти се тешки“ и слично, критика заслужуваме самите ние, односно Мислата која дозволуваме да не води. Затоа во „Вокабуларис“ Зборовите живеат во Утопија во која сите се познаваат и сите се согласуваат. Се би било прекрасно доколку на Зборовите не им е потребна инспирацијата од многуте Мисли кои таму се појавуваат. Но, не секоја Мисла е безопасна ако и дозволиме да не заведе. Епа, една таква Мисла го шири Вирусот на Неписменост за кој сите би се согласиле дека живее и на наше тло. Зошто? Едноставно е, но сепак парадоксално. Општеството ни наметнува проблеми кои се резултат на неписменост, доволно за да не измачи да ја излечиме неписменоста од која истото општество боледува. А изместените вредности не се ништо повеќе од несигурна мисла. И вредности нема да има се додека секој себеси не си даде признание за тоа дека самиот себеси не си признава дека не е ништо повеќе од мала точка во универзумот која како мастило може да остави трага во романот на животот на сите нас.

Како се случи „ дистописката 2020 да биде пресликана“ во романот на ЕнИгма? Така се наместија коцките или се работи за еден вид интуиција?

Во „Вокабуларис“ се шири Вирусот на Неписменост, но идејата не беше земена од минатата Апокалиптична 2020-та година. Таа дојде спонтано, како логичен след на можни катастрофи во едно општество кое ги загубило своите морални вредности. Да бидам искрена, навистина се зачудив кога дознав дека и ние во нашето општество ќе бидеме соочени со сличен сплет на околности како тие за кои пишував две години порано. Ова можеби звучи како да верувам во претскажувања, јас повеќе би рекла дека верувам во след на околности.

По „Вокабуларис“ Мачковска или Ен Игма го има ракописот и на вториот роман „Ходник кон амнезија“. Кога е планирано неговото објавување и дали и натаму писателката ќе остане доследна на одлуката да и биде верна на оваа книжевна форма или ќе им се врати на песните, на поезијата?

Поезија пишувам да, но тоа е поретко сега. Мислам дека се вљубив во долгата нарација - Романи! Сега за сега барем, тоа ми е во план.

„Ходник кон амнезија е веќе во рацете на критичарите, а јас го доживувам како едно мало продолжение на Вокабуларис. Во тој роман е опишано лудилото кое може да настане од напливот на непроцесирани, сирови мисли. Слободан, главниот лик, се наоѓа во своја дистопија, во ментална институција, без разврска за тоа зошто е сместен таму. Низ романот тој ја бара причината соочен со сурова реалност за чии причини не се сеќава и ако набргу не се сети истата таа реалност може да му ги одземе спомените.

За објавувањето ќе почекаме на решението на Министерството за култура, зашто со издавачката куќа Темплум аплициравме со надеж дека ќе може и овој роман да им биде достапен на читателите. Доколку успееме, очекувајте го „Ходник кон амнезија“ оваа година. Би рекла дека одиме со позитивна мисла.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG