Достапни линкови

Вести

ДИК: Излезноста до 13 часот е 25,48 отсто

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на седумте избирачки места во кои денеска се прегласува за парламентарните избори до 13 часот изнесува 25,48 проценти.

Од вкупно запишаните 4.514 гласачи досега гласале 1.150 гласачи. Во споредба со гласањето на 8 мај, на прегласувањето се забележува зголемена излезеност за 3,71 проценти на овие избирачки места.

Според ДИК, најголема излезност има на избирачкото место во Желино каде гласале 325 гласачи, а најмала е излезноста во Крушево на избирачкото место 1194 каде до 13 часот гласале 47 гласачи односно 15,77 проценти.

„Во избирачкото место 2101 во Желино гласале 325 гласачи односно 32,73 отсто. Во избирачкото место 1194 во Крушево, гласале 151 гласачи, односно 32,20 отсто. Во избирачкото место 1202 во Крушево гласале 47 гласачи односно 15,77 отсто. Во избирачкото место 1272 во Охрид гласале 185 гласачи, односно 26.02 отсто. Во избирачкото место 1470 во Долнени гласале 117 гласачи, односно 17,78 насто. Во изборачкото место 1470/1 во Долнени гласале 100 гласачи, односно 15,82 насто. Во избирачкото место 1844 во Струга гласале 225 гласачи, односно 29,88 насто, се наведува во соопштението на ДИК.

Денеска се прегласува во петтата изборна единица во пет избирачки места, додека во шестата изборна единица на едно избирачкото место во Желино.

Пентагон вели дека Русија „најверојатно“ распоредила антисателитско оружје во вселената

Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер

Пентагон соопшти дека Русија „најверојатно“ распоредила антисателитско оружје во вселената претходно овој месец, тврдење кое Москва брзо го отфрли.

Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, на прес-конференција на 21 мај, изјави дека новото антисателитско оружје било лансирано пет дена порано во истата орбита како сателит на американската влада.

Тој додаде дека проценките на Пентагон „дополнително укажуваат на карактеристики кои наликуваат на претходно распоредените вселенски објекти од 2019 и 2022 година“.

„Секако, имаме одговорност да бидеме подготвени да го заштитиме и одбраниме вселенскиот простор и да обезбедиме континуирана и непрекината поддршка на Здружените и комбинирани сили“, рече тој.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков на 22 мај ја отфрли изјавата, нарекувајќи ја „лажна информација од Вашингтон“.

„Ние секогаш се противиме на поставување на вакво оружје во орбитата на Земјата“, изјави Рјабков за новинарите во Москва.

Сè поголем број нации се преселуваат во вселената, а десетина се способни да лансираат вселенски летала. Во меѓувреме, околу 80 нации и многу приватни компании имаат објекти во орбитата, што го прави вооружувањето на вселената глобална грижа, иако Договорот за вселената од 1967 година бара оружјето да остане на Земјата.

На 20 мај, резолуцијата на ОН предложена од Русија против трката за вооружување во вселената, не беше одобрена од Советот за безбедност, при што седум земји, вклучувајќи ги САД, Франција и Обединетото Кралство, гласаа против, а седум нации, вклучително Русија и Кина, гласаа за резолуцијата.

Минатиот месец Русија стави вето на резолуцијата на САД против нуклеарното оружје во вселената. Американскиот претставник во ОН, Роберт Вуд, во тоа време ја обвини Русија дека користи манипулативна тактика во однос на прашањето за нуклеарното оружје во вселената.

Во февруари, медиумските извештаи во САД ги опишаа нуклеарните амбиции на Русија во вселената и нуклеарниот потенцијал на антисателитското оружје како закана за националната и меѓународната безбедност.

Поради овие извештаи, Вашингтон ја обвини Русија дека развива антисателитско оружје, додека претседателот Џо Бајден јавно ги уверува Американците дека ниту тие, ниту Меѓународната заедница се соочуваат со каква било опасност.

Рускиот претседател Владимир Путин тогаш изјави дека неговата земја „отсекогаш била категорично против и сега е против распоредувањето нуклеарно оружје во вселената“.

Британскиот шеф на дипломатијата Камерон во посета на Тирана

Булеварот „Маченици на нацијата“ во Тирана украсен со британски и албански знамиња пред пристигнувањето на Камерон, 21 мај 2024
Булеварот „Маченици на нацијата“ во Тирана украсен со британски и албански знамиња пред пристигнувањето на Камерон, 21 мај 2024

Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Камерон, денеска (22 мај) ќе ја посети Албанија, каде што ќе се сретне со највисоките лидери на таа земја.

Камерон ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рам, министерот за надворешни работи Игли Хасани и претседателот Бајрам Бегај.

Планирано е Рама и Камерон да одржат заедничка прес-конференција.

За добредојде на високиот британски функционер, булеварот на народните маченици во Тирана беше украсен со британски и албански знамиња, додека на зградата на Политехничкиот универзитет беше поставен транспарент на кој пишуваше „Добредојдовте господине Камерон“.

Во изјава за британските медиуми пред пристигнувањето во Албанија, Камерон рече дека британското партнерство со Албанија дава резултати во борбата против илегалната миграција, која во 2023 година забележа пад од 90 отсто.

„Заедно го зајакнуваме нашето партнерство, ја зајакнуваме европската безбедност, инвестираме во следната генерација млади луѓе, градиме трговски врски и се бориме против корупцијата и организираниот криминал за да обезбедиме изградба на одржлива и просперитетна иднина за нашите земји“, рече Камерон пред посетата.

Британската амбасада во Тирана пред неколку дена соопшти дека Камерон ќе го истакне успехот на партнерството меѓу двете земји во борбата против трговијата со луѓе и илегалната имиграција, како и влијанието на британските инвестиции во спречувањето на имиграцијата.

Во 2022 година, повеќе од 45 000 луѓе го преминаа Ла Манш за да стигнат до Обединетото Кралство. Британското Министерство за одбрана во тој рекорден број ги издвои албанските, иранските и авганистанските имигранти.

Најавено е и дека шефот на британската дипломатија ќе претстави нова програма поврзана со правдата, борбата против корупцијата и организираниот криминал во Албанија, како и обезбедување британска експертиза на албанската полиција.

Велика Британија понуди четири милијарди фунти за проекти во Албанија кои ќе се реализираат во соработка со министерствата за финансии, енергетика и инфраструктура и општините низ земјата. Британската амбасада во Тирана соопшти дека трговските врски се удвоиле во изминатата година и дека бројот на туристи од Обединетото Кралство во Албанија е зголемен за 30 отсто во јануари 2024 година во споредба со истиот период минатата година.

Венецијанската комисија го осуди законот за „странски агенти“ на Грузија

Саломе Курасбедијани, членка на партијата Грузиски сон, го отфрли извештајот на Венецијанската комисија, 21 мај 2024
Саломе Курасбедијани, членка на партијата Грузиски сон, го отфрли извештајот на Венецијанската комисија, 21 мај 2024

Венецијанската комисија на Советот на Европа препорача властите во Грузија да се откажат од воведувањето на планираниот закон за „странски агенти“, кој беше осуден од Западот и доведе до масовни улични протести од локалната јавност.

„Венецијанската комисија силно препорачува укинување на законот во неговата сегашна форма, бидејќи неговите основни недостатоци ќе вклучуваат значителни негативни последици за слободата на здружување и изразување, правото на приватност, правото на учество во јавните работи, како и забрана за дискриминација“, се вели во итното мислење објавено на 21 мај.

Како што пренесува РСЕ на англиски јазик, Комисијата, на барање на Парламентарното собрание на Советот на Европа, се обврза да го оцени грузискиот закон, кој критичарите го споредуваат со законите што се користат во Русија за замолчување на независните медиуми и граѓанското општество.

Комисијата соопшти дека жалат што грузискиот парламент не го чекал нивното мислење пред да го усвои законот и покрај повиците на претседателот на Парламентарното собрание и генералниот секретар на Советот на Европа.

Владејачката партија Грузиски сон, која го протурка законот низ парламентот, го отфрли извештајот на Комисијата.

„Најдовме многу неосновани и контрадикторни правни објаснувања, како и бројни груби искривувања на фактите во заклучоците, што дополнително ја поттикнува радикализацијата на одредени групи“, рече Саломе Курасбедијани од владејачката партија, на брифинг за новинари.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Таа додаде дека е очигледно дека сето тоа го поткопува кредибилитетот на таа институција и вредностите на кои треба да служи.

Таканаречениот Закон за странски агенти, беше осуден од Соединетите Држави, Европската Унија и организациите за човекови права. Во знак на протест против законот, илјадници Грузијци учествуваа во демонстрациите кои беа насилно задушени од властите.
Законот ќе бара од медиумите и невладините организации да се регистрираат како „оние што ги застапуваат интересите на странска сила“ доколку добиваат повеќе од 20 отсто од своите финансии од странство.

Противниците на законот укажаа на слични закони што ги користи претседателот Владимир Путин за да го задуши неистомислениците и независните институции, што ги поттикна Грузијците да ја наречат мерката „руски закон“ и да ја сметаат за закана за патот на земјата кон европските интеграции.

Македонска пошта е пред уништување, порачаа од Синдикатот и најавија штрајк на 7 јуни

Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта
Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта

Вработените во сите подружници на Македонска пошта денеска протестираат за да го изразат револтот и загриженоста за иднината на компанијата и за зачувување на своите работни места, затоа што подолг период таа се соочува со огромна финансиска криза и со лоша организација на работењето, порача на прес-конференција Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта.

„Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекале некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои“, изјави Велигденов.

Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00

Синдикалните претставници во Македонска пошта побараа реформите во компанијата да почнат што побрзо, со преземање посериозни мерки за стабилизирање на состојбите.

„Да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјада соработници, нам ни требаат работници во технолошкиот процес за граѓаните да бидат задоволни од нашите услуги. Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај“, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.

На прес конфренцијата беше побарано да се престане и со партизираната кадровска политика која како што беше речено, ја уништила Македонска пошта, а најавен е и штрајк за почетокот на идниот месец.

До 11 часот на гласање излегле 16,46 отсто од гласачите

илустрација
илустрација

До 11 чaсот, од вкупно запишани 4514 гласачи на седумте избирачките места, гласале 743 односно 16, 46 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Во избирачкото место 2101 во Желино гласале 20,64 отсто од запишаните гласачи. Во избирачкото место 1194 во Крушево, тоа го направиле 18,55 отсто. Во избирачкото место 1202 во Крушево, гласале 11,74 отсто. Во избирачкото место 1272 во Охрид, гласале 21,94 отсто. Во избирачкото место 1470 во Долнени, гласале 12,61 отсто. Во избарачкото место 1470/1 во Долнени, гласале 4,91 отсто, а во избирачкото место 1844 во Струга, гласале 19,39 отсто.

Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 11 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 5,35% на овие избирачки места.

До ДИК се пристигнати два приговори за заштита на личното избирачко право за избирачкото место 1470 во Долнени.

Денеска се прегласува во Петата изборна единица на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во Шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.

Руски напади врз украинската енергетска инфраструктура

Украинските војници патролираат во област тешко оштетена од руските воени напади во градот Орихив во регионот Запорожје, 20 мај 2024 година
Украинските војници патролираат во област тешко оштетена од руските воени напади во градот Орихив во регионот Запорожје, 20 мај 2024 година

Руски беспилотни летала погодија електрани рано утрината (22 мај) и ја исклучија електричната енергија во некои делови од регионот Суми во северна Украина, соопштија властите.

Во објава на комуникациската платформа Телеграм, регионалните власти соопштија дека беспилотните летала ги погодиле градовите Шостка и Конотоп, североисточно од Киев и во близина на границата со Русија.

Според регионалните власти, украинските воздухопловни сили собориле седум дронови користени во нападот. Службите за итни случаи работат на враќање на струјата во три окрузи.

Украинската војска соопшти дека соборила 24 беспилотни летала лансирани од Русија во нападот во текот на ноќта врз пет други региони на југот и на истокот на земјата.

Пред нешто повеќе од една недела, руските сили ја преминаа границата и почнаа да навлегуваат во североисточниот регион Харкив, а властите предупредија на трупање војници и можен напад врз соседниот Сумска област.

Излезноста на гласачите до 9 часот изнесува 7, 22 отсто

илустрација
илустрација

До 9 часот, одзивот на гласање на седумте избирачки места на кои се прегласува денеска (22 мај) изнесува 7, 22 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Од вкупно запишани 4 514 гласачи на избирачките места, гласале 326 односно 7.22%. Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 9 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 4.07% на овие избирачки места.

Сите избирачки места биле отворени навреме и засега се одвиваат без проблеми, информираат од ДИК.

Најголема излезност има на избирачкото место во Крушево каде гласале 57 гласачи односно 12,15 проценти, а најмала е излезноста во Долнени на избирачкото место 1470/1 каде што до 9 часот гласале 14 гласачи односно 2,22 проценти.

Денеска се прегласува за парламентарните избори во седум избирачки места во Желино, Крушево, Охрид, Струга и Долнени.

Макрон патува во Нова Каледонија по немирите кои ја зафатија областа

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (22 мај) полета на француската пацифичка територија Нова Каледонија, каде во деветдневните немири загинаа шест лица, стотици беа повредени, а беа палени автомобили, продавници и јавни згради.

Француските власти соопштија дека насилството се намалило откако од Париз биле распоредени 1050 војници, тактичка полиција и засилување на националната безбедност, вклучително и во „многу чувствителните“ области.

И покрај тоа, две основни училишта и 300 автомобили беа запалени во главниот град на територијата Нумеа во текот на ноќта, изјавија од канцеларијата на градоначалникот за АФП.

Полицијата уапси повеќе од 280 „учесници“ во немирите што ја зафатија француската територија од 270 000 луѓе, соопштија властите. Локалните обвинители велат дека биле оштетени околу 400 продавници. Билансот е шест загинати и неколку стотици повредени.

Немирите започнаа на 13 мај кога Франција расправаше за нацрт-законот со кој на илјадници француски граѓани во јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право да гласаат на покраинските избори.

Движењето за независност на Нова Каледонија стравува дека таквата промена ќе резултира со слабеење на политичкото влијание кај домородниот народ Канак.

Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 гласа „против“. За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

Областа, каде што живеат околу 270 000 жители, доби голема автономија со договорот со Номеа. Островот се наоѓа на околу 1200 километри источно од Австралија.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа за да останат како дел од Франција. Но, Движењето за независност го бојкотираше последното гласање и најави дека нема намера да ги прифати резултатите.

Норвешка, Шпанија и Ирска ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај

илустрација
илустрација

Шпанија, Ирска и Норвешка објавија дека ќе ја признаат Палестина како држава на 28 мај.

Норвешка ќе го признае постоењето на палестинска држава на 28 мај, објави во денеска (22 мај) норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и покрај предупредувањата од израелската влада.

„Ние веруваме дека решението со две држави е во најдобар интерес на Израел“, рече норвешкиот премиер на специјално свикана прес-конференција.

Тој додаде дека целта е „да се постигне палестинска држава која е политички кохезивна и која произлегува од палестинската самоуправа“.

И премиерот на Шпанија Педро Санчез на денешната седница на Конгресот најави дека Шпанија ќе ги следи чекорите на Норвешка и Ирска и ќе ја признае државата Палестина.

„Неопходно е да се одржи идејата за две држави. Нетанјаху останува глув и го казнува населението со глад и ужас. Нетанјаху нема мировен проект за Палестина“, рече Санчез.

Исто така денеска, ирскиот премиер Сајмон Харис ја даде својата изјава, велејќи дека тоа е потег координиран со Шпанија и Норвешка, „историски и важен ден за Ирска и Палестина“.

Неколку земји од Европската Унија во последните недели посочија дека планираат да ја признаат палестинската државност, тврдејќи дека решението со две држави е клучно за траен мир во регионот.

Норвешка, која не е членка на Европската Унија, но ги отсликува нејзините потези, беше жесток поддржувач на решението за две држави меѓу Израел и Палестина.

„Теророт беше извршен од Хамас и милитантни групи кои не се поддржувачи на решението за две држави и државата Израел“, изјави шефот на норвешката влада. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Тој исто така рече дека Палестинците имаат основно право на сопствена држава.

„Не може да има решение за две држави без палестинска држава. Со други зборови, потребна е палестинска држава за мир на Блискиот исток“, рече премиерот.

Брзиот развој на настаните наиде на осуда од Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, им нареди на израелските амбасадори од Ирска и Норвешка веднаш да се вратат во Израел, бидејќи Норвешка соопшти дека ќе ја признае палестинската држава и се очекува Ирска да го стори истото.

„Ирска и Норвешка имаат намера денеска да испратат порака до Палестинците и до светот: тероризмот се исплаќа“, рече Кац.

Тој рече дека признавањето може да ги попречи напорите за враќање на израелските заложници држени во Газа и да направи прекин на огнот помалку веројатен со „наградување на џихадистите од Хамас и Иран“. Тој, исто така, се закани дека ќе го отповика амбасадорот на Израел во Шпанија доколку таа земја заземе сличен став.

Претходно овој месец, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Албарес рече дека го информирал американскиот државен секретар Ентони Блинкен за намерата на неговата влада да ја признае Палестина.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави признавањето на палестинската држава од страна на Норвешка и ги повика другите земји да го следат примерот.

Во изјавата пренесена од официјалната новинска агенција Вафа, тој рече дека одлуката на Норвешка, објавена во средата, ќе го зајакне „правото на палестинскиот народ на самоопределување“ и ќе ги поддржи напорите за постигнување решение за две држави со Израел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG