Достапни линкови

Гласање прв круг

Претседателски избори - прв круг

Седми претседателски избори во Република Северна Македонија. Седуммина кандидати во трка за претседателската функција. За победа во првиот круг е потребно некој кандидат да освои мнозинство од вкупниот број запишани избирачи. Во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови.

  • На сите гласачки места се гласаше од 7 до 19 часот
  • Вкупно има 3480 избирачки места во целата земја
  • Право на глас на претседателските избори имаат 1.814.317 избирачи
  • Изборите ги следеа 915 домашни набљудувачи, 544 меѓународни, и 58 странски новинари
  • Излезноста беше над 48%
  • Немаше посериозни нарушувања на гласањето
  • МВР информираше за одредени неправилности на некои гласачки места
  • Гордана Сиљановска Давкова е во убедливо водство пред Стево пендаровски, според првичните резултати на ДИК
23:55 24.4.2024

Ковачевски: Jасно е дека луѓето нè казнија, го прифаќаме тоа, очекуваме подобри резултати во вториот круг

Прес конференција на СДСМ, Димитар Ковачевски
Прес конференција на СДСМ, Димитар Ковачевски

Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по првичните неофицијални резултати од претседателските избори во Северна Македонија.

Првичните резултати се дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова е во убедливо водство пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Ковачевски рече дека имаат уште две недели да испратат порака до секој граѓанин дека единствениот начин за суштинска и вистинска промена е европската интеграција на Северна Македонија.

23:37 24.4.2024

Димитриевски: ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор

Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски
Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски

Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва на прес-конференција порача дека по завршување на парламентарните избори, ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилноста во државата, без кој нема да може да се формира идната влада во државата.

„Факт е дека дека јас и ЗНАМ вечерва освоивме повеќе од 80 илјади гласови. Регистриравме политички субјект кој што постои нешто повеќе од три месеци и се етаблираше со граѓанската поддршка на трето место во политичкиот блок и сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба“, рече Димитриевски.

Тој додаде дека при отпочнување на преговорите за формирање на следното парламентарно мнозинство ќе ги дадат нивните предлози за тоа што значат национални црвени линии до сите политички партии.

23:03 24.4.2024

Пендаровски: Нема предавање

Резултатите не се такви какви што очекувавме, разликата ќе биде околу 130.000. Очекувавме помалку, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, истакна вечерва кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на прес-конференција по завршување на првиот круг од гласањето на претседателските избори.

„Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учестуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Очекувам уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации“, подвлече Пендаровски.

Нагласи дека нема да бара никаков договор со никаков пол субјект за т.н. механичко префлување на гласовите.

23:01 24.4.2024

Сиљановска Давкова: Горда сум на граѓаните

Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, напати дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Во тоа ве уверувам, од првиот ден, изјави кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

На вечерашната прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека овој резултат е инспиративен за неа.

„Горда сум на мнозина, најпрво, горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите, особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознам народот, ниту тие мене“, рече таа и додаде дека треба, како што рече, да ги инспирираме граѓаните дека вреди да се учествува на избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG