Достапни линкови

Предизборно лепење руски етикети меѓу партиите


 илустрација
илустрација

Меѓу изборните теми, дел од партиите во Северна Македонија ја вметнуваат Русија и нејзиното влијание. Руско влијание има, но не е толку силно за да влијае на партиските агенди, па затоа, според Трошановски од Институтот за демократија, темата се користи за дискредитација на противникот. Во албанскиот блок, аналитичарот Небиу смета дека оваа реторика нема да „запали“. Сепак, ако се има предвид глобалниот контекст и војната во Украина, Русија се чини како неизбежна тема во предизборната кампања.

Лепењето етикети со руски предзнак и докажувањето кој повеќе или помалку и служи на Русија, стана омилено кај дел од клучните политички играчи во Северна Македонија, кои се обидуваат да ја наметнат како доминантна тема во предизборната реторика во земјава.

Најрадикална во обвинувањата е владејачката ДУИ која предупредува за „руско сценарио кое има за цел политички немири“ по парламентарните избори. Партискиот лидер Али Ахмети предупредува дека „Русија сака да има жаришта насекаде за да си ја олесни инвазијата врз Украина“. Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и други истурени играчи на социјалдемократите често повторуваат дека граѓаните пред себе имаат два блока – едниот прозападен,а другиот свртен кон Исток.

Албанската опозиција, пак, во контранапади ги прозива интегративците дека тие се оние што го дозволуваат руското влијание во земјава и му биле домаќини на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. А, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски темата со руското влијание во партиите се наметнува само за да се направи поларизација и актуелните владејачки партии да ќарат некој поен плус.

Руското влијание во Северна Македонија го има преку хибридни закани, дезинформации и други начини, што го потврдуваат властите, а го нотира и меѓународната заедница. Но, колку користењето на оваа тема во предизборната кампања и поделбата про и конра Русија е реално и дали навистина Кремљ има врски со некоја од најголемите политички партии во Северна Македонија?

„Донекаде е вештачка поделбата, но не целосно. Вештачка е во смисла дека се користи како етикета кон политичари кои реално не се про-руски. Но, во Македонија реално има руско влијание, не само во политиката – во која има неколку отворено про-Кремљ партии, туку и во други сфери како медиумите, академијата и цивилното општество“, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу.

Дискредитација на противникот преку Русија

За дел од аналитичарите, темата за руско влијание се користи повеќе за дискредитација на противникот отколку што тоа станува збор за реална поврзаност на политичари со Кремљ.

Претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Марко Трошановски, смета дека „дека влијанието на Русија во земјава, особено во партискиот живот е преценето“, како од меѓународни извештаи така и од реална проценка на доказите што тие ги имаат како истражувачи. Руското влијание, вели тој, не отсуствува целосно, но е далеку од тоа да влијае на партиските агенди.

„Во контекст на глобалната ситуација, Русија е портретирана како непријател на регионот кој сака да го дестабилизира. Оттука од аспект на предизборната кампања кај нас, мислам дека главната намера на оние партии кои се профилираат како проевропски, а другите ги портретираат како проруски, е во насока само на нивна дискредитација како страна која зазема непријателски позиции или работи против државните интереси на земјата“, вели Трошановски.

Темата не „пали“ кај албанското гласачко тело

ДУИ, како една од најгласните за оваа тема, Русија ја вметна и во својот предизборен слоган – „НЕ за Русија, ДА за ЕУ“, кој го промовираше со објавата дека актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи е нивен претседателски кандидат.

Небиу анализирајќи ја реториката на интегративците, оценува дека тие се во потрага по тема. Ако на минатите избори беа „зелената агенда“ и „првиот премиер Албанец“, сега се обидуваат да ја наметнат „Русија“.

„Темата мислам дека не им проаѓа од проста причина што нивните политички противници од албанскиот политички блок не се за Русија. Затоа мислам дека кај албанскиот гласач кој има над 99 отсто став против Русија, преку оваа тема ДУИ не успева да го диктира наративот на кампањата, на начин на кој успеваше тоа да го прави на минатите избори“, вели Небиу.

Кога е во прашање македонскиот блок, пак, тој забележува дека СДСМ има „понијансиран односно помалку агресивен пристап кон темата Русија и руско влијание, сакајќи да го прикаже главниот ривал – ВМРО-ДПМНЕ како проруска партија“.

„Левица не ги крие своите симпатии кон Русија и Путин, но секако ВМРО-ДПМНЕ е партија која држи до својата десничарско евро-атлантска ориентација како членка на Европската народна партија. Сепак кај етничките македонски гласачи, Русија не побудува исти чувства и реакции како кај Албанците, затоа и пренагласувањето на темата Русија може да биде меч со две острици“, вели Небиу.

Русија, сепак, неизбежна тема во кампањата

Без разлика колку се реални или вештачки овие меѓусебни обвинувања за руски сценарија и влијанија, соговорниците на РСЕ очекуваат дека Русија ќе биде неизбежна тема во кампањата.

Официјално, кампањата за претседателските избори таа ќе започне на 4 април, а за парламентарните на 18 април.

„Од страна на ДУИ, особено, мислам дека тоа ќе биде еден главен наратив. Префрлање на сета вина на некој непријател, најчесто измислен непријател, е една од најстарите техники на пропаганда и во модерно време на политичка комуникација. Со оглед на самиот слоган на ДУИ, мислам дека ќе продолжат во таа насока да ги портретираат сите останати сили како непријатели на земјата и проруски ориентирани“, посочува Трошановски.

Кога се останатите партии во прашање, според него, темата ќе изостане во реториката на опозицијата. Единствен исклучок би можел да биде претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски од ГРОМ кој, како што потсетува Трошановски, „во минатото има пројавувано проруски ставови“. Меѓутоа, ако се гледаат бројките и поддршката, според него, тоа ќе биде на маргините на политичката дебата.

Ако се земе предвид глобалниот контекст, и аналитичарот Небиу очекува за Русија да се зборува во натамошниот предизборен период.

„Настрана од кампањските наративи, темата Русија и руско влијание реално е поврзано со регионалните импликации од војната во Украина, кои даваат моментум на придвижувањето на Македонија и регионот кон ЕУ. Зголеменото руско влијание и ЕУ интеграциите, не одат рака под рака – така што очекувам овие теми да бидат еден од главните во текот на кампањата“, вели Небиу.

На што Ахмети ги темели сознанијата за „немири по руско сценарио“?

Меѓу она што досега јавноста можеше да го слушне, е „предупредувањето“ од ДУИ за „за руско сценарио кое има за цел политички немири по 8 мај“. Интегративците оваа загриженост ја искажаа преку соопштение на 18 март во кое реагираа на, како што рекоа, клевети и навреди, кон нивниот претседателски кандидат Бујар Османи.

На прашање на РСЕ, на што ги темели ваквите сознанија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, излезе со порака дека Русија сака да има жаришта насекаде, за да ја олесни инвазијата врз Украина.

„Сега зависи како ги гледаме работите, но во време кога се движат стотици илјади воени трупи, кога Русија го загрозува светскиот мир со нуклеарно оружје, кога Русија води војна и бомбардира суверена држава – Украина, ние во Западен Балкан не можеме да бидеме мирни или спокојни. Овде кај нас има партии создадена од Александар Дугин кој е шеф на руската политика и ова добро го знаете … има медиуми, има телевизии и кој не сака мир и безбедност во Македонија и на Балканот. Се разбира, Русија сака да има жаришта насекаде за да ја олесни и оправда инвазијата што ја направи на една суверена држава – Украина“, гласеше одговорот на Ахмети на 19 март.

Од редовите на неговиот коалициски партнер во владата, СДСМ, пак, иако не толку со директно споменување на Русија, често се слушаат прозивки дека опозицијата не нуди пат кон ЕУ, туку кон некоја алтернатива свртена кон Исток.

„На изборите во 2024 година ќе имаме два блока, едниот кој ќе биде за европски интеграции и другиот кој што ќе биде за изолација, едниот блок кој што ќе биде за Македонија да биде членка на ЕУ, дел од Западна Европа, и вториот блок со некаква алтернатива нејасна, необјаснета од никого која што ќе гледа повеќе на Истокот колку на Западот“, е една од изјавите на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, дадека уште на на почетокот на февруари, околу два месеци пред одржување на изборите.

Опозицијата одговара - „Самонаречени ловци на Руси“ и „естрадни трикови“

Во контранападите опозицијата, пред сè во албанскиот блок, не заостанува со обвинувањата. Во една од последните соопштенија коалицијата „Вреди“ ги нарече интегративците „самонаречени ловци на Руси“.

На адреса на претседателскиот кандидат Османи кој е актуелен министер за надворешни работи, пак, упатија критика за доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Скопје на министерскиот совет на ОБСЕ на крајот на ноември 2023, кога Северна Македонија беше претседавач со организацијата. Османи, обвини опозициската коалиција, „беше првиот политичар на европскиот континент кој по руската агресија во Украина ја отвори вратата и ја пречека десната рака на Владимир Путин“.

Прозивките на тема „Русија“ започнаа веднаш по промоцијата на Османи за претседателски кандидат и слоганот „Не за Русија, ДА за ЕУ“.

„Сите знаеме дека вие од една страна се преправате дека сте против Русија, а од друга страна само го дозволувате нејзиното проширување и влијание во Северна Македонија. Мислите дека граѓаните не знаат дека главен партнер ви е Русија. Сите вие 10 години владеевте со најголемиот проруски ориентираниот во државата, Никола Груевски. Потоа безбедно го испративте во Унгарија“, рече Бесар Дурмиши од опозициската коалиција „Вреди“ на прес-конференција на 23 февруари.

За лидерот на најголемата опозициска партија во македонскиот блок ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обидите за наметнувањето на тема за руско влијание се „евтини естрадни трикови“ и обиди за поларизација.

„Тоа е обид на луѓето коишто се сè уште во власта за дефокус на јавното мислење и тие мислат дека на тој начин ќе наметнат тема во јавноста и сега ние треба околу таа тема и периметарот на таа тема да дискутираме, да кажуваме кој е за Русија, кој е против Русија, кој е за ЕУ и кој е против ЕУ. Ниту едната, ниту другата тема се суштински теми. И едната и другата се апстрактни теми затоа што историски гледано руското влијание во Македонија можеби е најмало на Балканот, тоа е прво, и второ, историски гледано граѓаните во Македонија се едни од оние на Балканот којшто најмногу ја гледаат својата иднина во рамките на ЕУ“, рече Мицкоски во емисијата „Клан Директ“ на ТВ Клан Македонија на 13 март.

За руското влијание во Северна Македонија и во регионот изминатиот период предупредуваа и претставници на меѓународната заедница. Меѓутоа, барем досега, не се впери прст кон некоја од најголемите политички партии за некаква поврзанот во Кремљ.

За влијанието од Русија зборуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за порталот „Локално“, на 21 март.

„Влијанијата на Русија се спроведуваат преку хибридни закани, преку дезинформации, поткопување на довербата во институциите. Задача на сите нас – на институциите, но и на медиумите, јавноста е да не дозволиме тие закани, тоа сеење збунувачки информации и невистини да ја постигне својата цел. Режимот на Путин јa прави Русија да не е пријателска земја ниту на Македонија, ниту на земјите од Западен Балкан, затоа што режимот го интересира дестабилизација и пореметување и попречување на европската интеграција на нашата земја и земјите од Западен Балкан“, вели Петровска.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на 25 јануари изјави дека таа нема конкретни сознанија за евентуално руско влијание во претстојниот изборен процес, иако, како што рече, тоа генерално е присутно во регионот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, при последната посета на земјава во ноември, кога имаше обраќање и во парламентот, пак, порача дека одблиску набљудуваат што прави Русија. Меѓутоа, тој посочи и дека не гледа воена закана за која било членка на Алијансата или за регионот.

Изборите во Северна Македонија треба да се одржат на 24 април кога ќе се гласа во прв круг претседателски избори, како и на 8 мај кога ќе се одржи вториот круг заедно со парламентарните избори.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG