Достапни линкови

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени


Алиу: Наместо балансер закон за правична застапеност
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:45 0:00

Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација

Балансерот за вработување по етнички клуч не си ја врши работата и како таков треба да се замени со друго законско решение во кое квалификациите на апликантите ќе бидат приоритет пред националноста, смета министерот за администрација Азир Алиу. Мерит системот треба да е на прво место, додава тој.

Господине Алиу, Државната Комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива до Уставен суд за да се провери уставноста на алатката балансер за вработување по етничка припадност. По многубројни злоупотреби на балансерот дали, условно кажано, му истече рокот на употреба?

Значи вака, балансерот и денеска кога се злоупотребува, за жал. И тоа поради две причини. Првата е уставно загарантирана можност на секој од нас, а тоа е да станете сабајле да се чувствувате како што вие сакате, а тоа чувство да биде поврзано со некое слободно работно место. Вториот момент се поврзува со нашиот ментален склоп, а тука јас лично го поврзувам и со образованието, семејните вредности... Знаете да менувате националност заради интерес ви кажува многу за тој профил на човек. Прво, дека тој стручно не е соодветен за да може да се вработи некаде и затоа мора да менува националност и вториот момент е тој профилот на лабилност на личности кои негативно ќе се рефлектираат утре на тоа работно место. Да, точно е дека се злоупотребува, ние немаме механизми за да може тоа да се спречи.

Какви мерки вие може да преземете за да го спречите тоа?

Една од мерките во законот, во новиот предлог закон е тоа што секој кандидат којшто сака да се вработи во јавна администрација мора да отвори профил во Агенција за администрација. Една од пречките за да не се злоупотреби е полињата за матичен број и националност да не може да се менуваат (ажурираат). Еднаш отворен профил значи дека остануваат тие две полиња, засекогаш такви. Матичниот не се менува и националноста природно не треба да се менува, иако тоа е чувствително прашање. Некој од утре може да каже дека не се чувствува така како досега. Тоа не е решение. Ние мора да имаме закон и да се отстрани балансерот како таков, оти реално и вие и ние сме свесни дека се злоупотребува и треба да се замени со законско решение.

Какво законско решение?

Па, законско решение за правична застапеност во јавната администрација бидејќи пак се поврзува со нашиот менталитет. Знаете, на крајот од денот, во вакви трендови во светот, вас да ви биде главна цел националноста, а не квалитетот, мислам дека не е во ред.

Во некои министерства како што е министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби 85 проценти од вработените се етнички Албанци, 5 проценти се Турци, 5 Македонци, потоа во министерството за економија 48 се етнички Албанци, 41 процент Македонци, во Државното правобранителство 55 проценти се Албанци. Што ако најквалификуваниот кандидат има погрешна етничка припадност?

Ние мора да имаме законско решение, бидејќи имаме институции кои вие ги спомнавте каде што процентот на една или друга припадност е многу голем, но има и други институции каде процентот е нула или многу мал. Затоа мора балансерот да го менуваме со законски решенија и мора да имаме строги правила. Јас сум за законско решение според кое квалитетот ќе биде пред секој друг можен индикатор.

Постои можност во ова општество да се изнивелира мерит системот, квалификациите од една и етничката припадност од друга страна?

Според мене, овој транзитен период мерит системот треба да ни е на прво место. Заради такви политики и пристап во институциите и менаџирање на процесите, затоа ќе ни треба закон. Подоцна, по неколку години веројатно нема да ни треба закон. Во приватниот сектор вие немате законско решение, туку имате квалификувани вработени без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин...Ние мора да се движиме натаму, заради нас, ние живееме тука.

Зошто досега беше блокиран пакетот закони за администрација?

Тие се реформски закони и реално се многу сензитивни. Со тие закони вие регулирате процеси и форма на однесување на јавниот администраторот и политиките на јавната администрација. Тие не се нови закони, од 2017 година почнуваат да се работат со поддршка на ЕУ, веќе трета верзија на овие закони се на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија), ние само креиравме работна група со јасни цели и предизвици во овој период и јасни временски рамки. Целта ни беше што побрзо да се донесат и поради проектите кои ни се поврзани со акциските планови и ценам дека што побрзо ги донесеме толку подобро. Ценам дека оваа недела веќе ќе поминат, а наредната недела врз основа на активностите во Собранието истите ќе бидат на пленарна седница и ќе бидат изгласани.

Еден од членовите во предлог законите е и забрана за вработување на раководни места преку Агенција за привремени вработувања. Колку пати досега беше злоупотребуван овој принцип на вработување?

Една од главните критики кои ние како државава ги имаме од Европската Комисија беше овој начин на вработување, бидејќи таму немате стандарди. Вие можете да вработите буквално секого, без минимални стандарди. Од друга страна ако сакате да подобрите квалитет во јавна администрација, вие морате да исполнувате одредени минимални стандарди за одредено работно место. Затоа инсистиравме во законот да биде оневозможено еден службеник или директор, министер да вработува на тој начин и затоа дадовме преодна одредба да биде забрането таков тип вработување. Јас веќе имав средба годинава со сите агенции кои се занимаваат со тој тип бизнис, да размислат да најдат нов начин или да се адаптираат на новиот начин врз основа на законите кои постојат.

Повеќе од разговорот со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу може да погледнете во видеото погоре.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG