Достапни линкови

Вести

ОН: Русија стои зад „широката и систематска“ тортура во Украина

Логото на ОН
Логото на ОН

Русија продолжува да врши сериозни прекршувања на правата и воени злосторства во Украина, вклучително и „систематско“ мачење и силување, соопштија во петок (15 март) истражителите на Обединетите Нации (ОН).

По војната на Москва против Украина повеќе од две години, Истражната комисија (COI) соопшти дека пронашла нови докази за широко распространети злоупотреби и изрази за загриженост за континуираните напади на руските сили врз цивилни области.

Доказите покажуваат дека руските власти извршиле кршење на меѓународните човекови и хуманитарни права и, следствено, воени злосторства, изјави за новинарите шефот на Комисијата Ерик Мозе.

„Потребни се дополнителни истраги за да се утврди дали некои од идентификуваните ситуации може да претставуваат злосторства против човештвото“, додаде тој.

Истражителите рекоа дека го составиле својот последен извештај откако разговарале со повеќе од 800 луѓе за време на 16 одделни посети на Украина, а тимот открил дека третманот на Русија кон украинските воени заробеници бил „ужасен“.

Извештајот ги документира инцидентите на силување и друго сексуално насилство извршено врз жените во околности што претставуваат тортура и ги опишува заканите за силување врз воени затвореници мажи.

Пронајдени се дополнителни докази, пишуваат истражителите, дека украинските деца биле нелегално преместени во областите под руска контрола.

За прв пат, беше истражен и грабежот од Русија на украинските културни локации и архивски документи, особено од градот Херсон, кој првпат беше заземен од руските сили во март 2022 година, пред да биде ослободен осум месеци подоцна.

Во текот на последните недели од окупацијата во октомври и ноември 2022 година, руските власти префрлија предмети од Регионалниот музеј на уметност во Херсон и архивски документи од Државниот архив на покраината Херсон на окупираниот Крим.

„Според проценките на вработените во двете институции, од Музејот се земени над 10 000 предмети и 70 отсто од документите од главната зграда на Државниот архив“, се наведува во извештајот.

ОН го опишаа ова културно присвојување како воено злосторство.

види ги сите денешни вести

Невреме ширум САД, торнада уриваат куќи и згради во Небраска и Ајова

Луѓето носат предмети од оштетениот дом во Бенингтон, Небраска, откако торнадо ја уништи областа во петок, 26 април 2024 година.
Луѓето носат предмети од оштетениот дом во Бенингтон, Небраска, откако торнадо ја уништи областа во петок, 26 април 2024 година.

Торнада направија хаос во американскиот среден запад во петокот, предизвикувајќи уривање на зграда со десетици луѓе внатре, а уништени и оштетени се уште стотици домови во близина на градот Омаха, во Небраска.

Од петокот вечерта имаше неколку извештаи за повредени, но нема извештаи за загинати лица од невремето. Предупредувањата за торнадо продолжија да се издаваат во текот на ноќта во другата соседна американска држава Ајова, пренесе АП.

Три лица се повредени во округот Ланкастер, Небраска кога торнадо удри и урна индустриска зграда со 70 луѓе внатре. Неколкумина лица биле заробени, но сите се успешно евакуирани, соопштија властите.

Едно од најразорните торнада во петокот се движеше со милји низ претежно руралните земјоделски области пред да ги уништи домовите и другите згради во предградието на Омаха, град со 485.000 жители и околу еден милион во пошироката метрополитенска област.

Фотографиите на социјалните мрежи покажаа дека и малиот град Минден, Ајова, на педесетина километри североисточно од Омаха, претрпел голема штета.

Прогнозата за сабота е застрашувачка, пишува АП. Националната метеоролошка служба издаде предупредувања за торнадо во делови од Ајова, Канзас, Мисури, Оклахома и Тексас. Синоптичарите предупредија дека се можни големи налети на град и силен ветер.

Сопствениците на куќата ја проценуваат штетата
Сопствениците на куќата ја проценуваат штетата

„Изгледа дека утре ќе има нов голем шок. Можеби малку подалеку на југ“, рече Беки Керн, метеоролог во канцеларијата на Националната метеоролошка служба во Омаха.

„Стотици домови беа оштетени во петокот во Омаха, најмногу во областа Елхорн на западната страна на градот“, рече поручникот Нил Боначи од полицијата во Омаха, додавајќи дека многу домови се уништени или сериозно оштетени.

Шефот на противпожарната служба на Омаха, Кети Босман, рече дека полицијата и пожарникарите оделе од врата до врата за да им помогнат на луѓето, одејќи во „најтешко погодената област“.

Во една област на Елхорн биле оштетени десетици новоизградени големи куќи, каде биле испратени и десетици возила на итната помош.

„Можевме да го слушнеме торнадото што доаѓа. Наеднаш нашата ограда ја снема и погледнавме на северозапад - целото соседство го нема“, рече Пат Вудс, кој живее во Елхорн.

Во петокот попладне беше издадено предупредување за торнадо во областа Омаха, токму кога децата требаше да бидат пуштени од училиште. Многу училишта имаа засолништа за ученици додека не помине невремето. Неколку часа подоцна, автобусите сè уште ги носеа децата дома.

Пожарникарите им помагаат на лицата кои претрпеа штета од торнадо
Пожарникарите им помагаат на лицата кои претрпеа штета од торнадо

Друго торнадо ја погоди областа на источниот раб на Омаха, минувајќи директно низ делови од аеродромот Епли, кој се наоѓа во самиот град. Откако поминал низ аеродромот, торнадото ја преминало реката Мисури и влегло во Ајова, северно од Советот Блафс.

Портпаролката на Агенцијата за управување со вонредни состојби во Небраска, Катрина Сперл, во петокот попладне изјави дека извештаите за штетата штотуку почнуваат да се појавуваат.

Бура облаци додека торнадо се движи северозападно од Омаха, Небраска, 26.4.2024.
Бура облаци додека торнадо се движи северозападно од Омаха, Небраска, 26.4.2024.

Во округот Ланкастер, каде што три лица беа повредени при уривање на индустриска зграда, полициските службеници исто така рекоа дека имале извештаи за превртен воз во близина на Вејверли, Небраска.

Локалното претпријатие за електрична енергија, Омаха Пауер Дистрикт, објави дека речиси 10.000 корисници се без струја во областа Омаха.

Гувернерот на Небраска, Џим Пилен, на социјалната мрежа Х соопшти дека наредил државните ресурси да се стават на располагање за да помогнат во одговорот и поддршката за итни случаи додека тие вршат детална проценка на направената штета.

МВР ја промовираше новата генерација полициски службеници

Промоција на нова генерација на полициски службеници, 27 април, 2024 година.
Промоција на нова генерација на полициски службеници, 27 април, 2024 година.

Во Центарот за обука во Идризово денеска, 27 април, се одржа свечена промоција на која беа промовирани нови полициски службеници од генерацијата 2023-2024 година. Според податоците на МВР, едногодишната обука ја завршиле 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени.

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

Џафери ги охрабри полицајците посакувајќи им да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа, а им испрати и порака дека треба професионално да се справуваат со новите предизвици на работата.

„За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, рече Џафери.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

„Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја“, истакна Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.

Палестинските спортисти ќе бидат дел од Олимпијадата во Париз дури и ако не се квалификуваат

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах (Архивска фотографија)
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах (Архивска фотографија)

Шест до осум палестински спортисти се очекува да се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз, а некои ќе бидат поканети од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) дури и ако не се квалификуваат, најави шефот на МОК, Томас Бах.

Бах изјави за АФП дека МОК „јасно се обврзал“ за тоа дека Палестинците ќе бидат поканети дури и ако не се квалификуваат за игрите, кои започнуваат на 26 јули.

Тој вети дека церемонијата на отворањето на игрите во Париз на реката Сена ќе биде „незаборавна“, и покрај постојаната загриженост за безбедноста на речната парада на отворено.

„Крајно професионалниот пристап на француските власти ја зајакнува довербата дека можеме да ја одржиме оваа церемонија на отворање на Сена и дека оваа церемонија на отворање ќе биде незаборавна за спортистите и сите ќе бидат безбедни“, порача Бах во ексклузивно интервју за АФП во седиштето на МОК во Лозана, Швајцарија во петокот, 26 април.

Огромно амбициозната церемонија за отворање закажана за 26 јули останува една од најголемите загатки околу Олимпијадата во Париз.

Наместо традиционалната парада на атлетскиот стадион, тимовите ќе пловат по реката Сена во чамци пред околу 500.000 гледачи, меѓу кои и луѓе кои ќе гледаат од околните згради.

Постојано се шпекулира дека француските власти ќе мора да ја поместат или прилагодат церемонијата поради безбедносни закани, по нападот на концертната сала во Москва во март, за кој одговорност презеде огранок на терористичката група, т.н. Исламска држава, што предизвикува дополнителни стравувања.

Засега ниту еден спортист со А-норма за Олимпијадата во Париз
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:13 0:00

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела изјави дека отворањето би можело да биде преместено на националниот стадион, Стад де Франс, иако локалните организатори секогаш инсистираа дека тоа не е опција.

„Сите се решени да ја одржат оваа церемонија на отворање на Сена, а во исто време да ги разгледаат сите различни сценарија“, објасни Бах.

Бах рече дека смета на враќање на гледачите во Париз во 2024 година за да го „оживее олимпискиот дух“ откако последните Игри во Токио, погодени од пандемијата со коронавирусот, се одржаа на празни стадиони.

„Две нарушени изданија би значеле дека Олимписките игри и олимписките вредности ќе исчезнат на цели осум години. Осум години се премногу и тогаш би било многу тешко да се оживее олимпискиот дух“, рече тој.

Запрашан за расположението во Франција и критиките за игрите таму, тој рече дека тоа делумно се должи на глобалната неизвесност.

„Тоа не е поврзано само со Олимпијадата. Тоа е дел од нашиот жар затоа што живееме во несигурни времиња. Има луѓе кои се скептични. Некои се дури и исплашени, а некои се загрижени за својата иднина“, рече Бах.

Јеменските Хути оштетија танкер со нафта „поврзан со Русија“

Портпаролот на Хутите, Јахја Сара (Архивска фотографија)
Портпаролот на Хутите, Јахја Сара (Архивска фотографија)

Балистичките проектили истрелани од јеменските бунтовници Хути предизвикале „мали штети“ на танкер со нафта под панамско знаме кој пловел низ Црвеното Море во петокот, објави АП.

Во нападот, бунтовниците истрелале три проектили, од кои едната го оштетила бродот Андромеда Стар со знамето на Панама и регистриран на Сејшелите, соопшти Централната команда на американската армија.

Приватната безбедносна компанија Амбри информираше дека танкерот бил „вклучен во трговија поврзана со Русија“. Бродот патувал од Приморск, Русија до Вадинар, Индија, соопштија од Амбри.

Портпаролот на силите на Хутите, Јахја Сара, ја презеде одговорноста за нападот рано во саботата во претходно снимена изјава што ја објавија бунтовниците. Тој изјави дека танкерот бил „директно погоден“.

Во моментот на нападот во близина се наоѓал и друг брод, „Мајша“ под знамето на Антигва и Барбуда, управуван од Либерија, соопштија САД. Нападот се случил во близина на градот Мока во Јемен, во близина на теснецот Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив.

Нападот следуваше по зголемените напади што ги започнаа Хутите во последните денови по релативното затишје во нивната повеќемесечна кампања против израелската војна во Појасот Газа против Хамас, кој, меѓу другото, САД и Европската унија го прогласија за терористички организација.

Хутите извршија повеќе од 50 напади врз бродови од ноември, при што зазедоа еден брод и потонаа друг, според американската поморска управа.

Нападите на Хутите се намалени во последните недели бидејќи бунтовниците беа цел на воздушни напади предводени од САД. Испораката преку Црвеното Море и Аденскиот Залив е намалена поради заканата.

Американските власти соопштија дека на бунтовниците можеби им снемува оружје како резултат на кампањата предводена од САД против нив, како и по честите лансирања на беспилотни летала и проектили во последните месеци.

Сепак, има уште најмалку два напади за кои одговорноста ја преземаат Хутите од средата. Прв на мета беше MV Yorktown, брод со американско знаме. Друга цел беше MSC Darwin.

Хутите истакнаа дека ќе продолжат со нападите додека Израел не ја заврши војната во Газа, во која загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, според податоците објавени од Хамас.

Војната во Газа избувна откако милитантите предводени од Хамас го нападнаа Израел на 7 ноември 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе, а околу 250 лица беа земени за заложници.

Повеќето од бродовите цел на Хутите имале мала или никаква директна врска со Израел, САД или други нации. Бунтовниците истрелаа проектили кон Израел, иако повеќето беа пресретнати.

ССМ преку отворено писмо ги повика работниците да се приклучат на првомајскиот протест

Сојуз на синдикати на Македонија, 9 април 2024
Сојуз на синдикати на Македонија, 9 април 2024

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска, 27 мај, преку отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките, за кои тврди дека „се грижат строго за себе, а не и за работничките права и интереси“.

„Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас“, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

„Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права“, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани. На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

Кина испрати воени авиони кон Тајван откако американскиот државен секретар го напушти Пекинг

Илустративна фотографија на која се прикажани воен авион, брод и знамињата на Народна Република Кина и Тајван
Илустративна фотографија на која се прикажани воен авион, брод и знамињата на Народна Република Кина и Тајван

Тајван извести за обновени кинески воени активности во близина на островот во саботата, откако 12 авиони ја прелетаа чувствителната централна линија на Тајванскиот теснец, еден ден по завршувањето на посетата на Кина од страна на американскиот државен секретар Антони Блинкен.

САД се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач со оружје на Тајван и покрај недостатокот на формални дипломатски врски. Блинкен рече дека ја истакнал „критичната важност“ на одржувањето на мирот и стабилноста меѓу теснецот додека е во Кина.

Демократскиот Тајван се соочи со зголемен воен притисок од Кина, која го гледа островот како своја територија. Тајванската влада го отфрла ова.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека открило 22 кинески воени авиони, вклучително и ловци Су-30, до 9:30 часот (сабота, 1:30 часот по средноевропско време), од кои 12 ја преминале средната линија кон северен и централен Тајван.

Линијата некогаш служела како неофицијална граница меѓу двете страни што ниту една војска не ја преминала, но кинеската авијација сега редовно испраќа авиони над неа. Кина не го признава постоењето на линијата.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека авионите биле ангажирани во „заеднички патроли за борбена готовност“ со кинески воени бродови, додавајќи дека тајванските авиони и бродови одговориле „соодветно“. Министерството сепак не даде повеќе детали.

Кинеското Министерство за одбрана не одговори на повиците на Ројтерс во саботата.

Вооружените сили на Тајван се добро опремени и обучени во споредба со кинеските, особено морнарицата и воздухопловните сили, кои речиси секојдневно реагираат на кинеските мисии.

Кина го смета Тајван како најважното прашање во нејзините односи со САД, а Пекинг постојано бара Вашингтон да ја прекине продажбата на оружје на Тајван.

Новоизбраниот претседател на Тајван Лаи Чинг-те ја презема функцијата на 20 мај, откако победи на изборите во јануари. Пекинг го смета за „опасен сепаратист“ и ги отфрли неговите постојани повици за разговори.

Лаи во четвртокот рече дека Кина треба да има доверба и да разговара со легално избраната влада на Тајван. Како и претседателката во заминување Цаи Инг-вен, Лаи вели дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина.

Русија сериозно оштети четири украински термоелектрани

Руски дрон забележан над Киев (Илустрација)
Руски дрон забележан над Киев (Илустрација)

Русија изврши „масовен“ ракетен напад врз Украина, погодувајќи енергетски објекти и оштетувајќи електрани во неколку региони во текот на ноќта во саботата (27 април), соопштија властите во Киев.

Москва ги засили нападите врз електричната инфраструктура на Украина во текот на последниве месеци, предизвикувајќи прекини на струја во повеќе делови од земјата и ја натера Украина да побара од граѓаните да ја намалат потрошувачката.

„Руските вооружени сили извршија уште еден голем ракетен напад врз Украина“, објави украинската војска во редовниот утрински извештај на 27 април.

„Непријателот повторно ја нападна енергетската инфраструктура на земјата. Поточно, беа нападнати објекти во регионите Дњепропетровск, Ивано-Франковск и Лавов. Опремата е оштетена“, напиша министерот за енергетика Герман Галушченко во објава на Фејсбук.

Украинската компанија за електрична енергија ДТЕК соопшти дека опремата на четири термоелектрани била „сериозно оштетена“ во нападите.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Москва истрелала 34 проектили, од кои 21 биле соборени.

„Две лица се повредени во централниот град Кривји Рих“, напиша на Телеграм Олександр Вилкул, претседател на градскиот совет.

Лидерот на западниот регион Лавов во Украина ги повика жителите да не користат енергетски интензивни апарати, вклучувајќи котлиња, пегли, машини за перење и микробранови печки во периодот помеѓу 19:00 и 22:00 часот, со цел да се заштедат ограничените резерви на енергија.

„Тешко е енергетскиот систем да го одржи балансот на производство и потрошувачка“, вели Максим Козицки во објава на Телеграм.

Москва, од друга страна, соопшти дека Украина во текот на ноќта во петокот извршила еден од најголемите обиди за напади со беспилотни летала против јужниот регион Краснодар и анектираниот полуостров Крим.

Руското министерството за одбрана соопшти дека нејзината воздушна одбрана „уништила 66 украински беспилотни летала над регионот Краснодар, а уште две беспилотни летала се уништени над полуостровот Крим“.

Руската војска редовно ги напаѓа украинските региони со различни видови оружје - беспилотни летала, ракети, противвоздушни ракети и противвоздушни ракети.

И покрај доказите и сведочењата, Москва негира дека целела цивили од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година. Од март, мисијата за набљудување на човековите права на Обединетите Нации (ОН) потврди дека се загинати 10.810 цивили во Украина, а ранети се 20.556 од нив од почетокот на инвазијата.

Организацијата претпоставува дека бројот на цивилни жртви во реалноста е многу поголем.

Нови 27 случаи со голема кашлица, хоспитализирани уште четири лица

Голема кашлица (Илустрација)
Голема кашлица (Илустрација)

Во текот на периодот од 19 до 25 април регистрирани се нови 27 случаи со голема кашлица во Северна Македонија, што пак претставува намалување на бројот на случаи за 41,3 проценти споредбено со претходниот период од седум дена, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од ИЈЗ додаваат и дека од 27-те нови случаи, четири лица се хоспитализирани поради инфкеција со голема кашлица.

Најголем дел од новиоте случаи се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три лица, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

„Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраста“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата. Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

Од вкупниот број на заболени на ниво на цела држава, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во клиниката за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 веќе се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Временска прогноза - Сончево со можност за пороен дожд во попладневните часови

Сончево време (Илустративна фотографија)
Сончево време (Илустративна фотографија)

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Исто така се очекува и да дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе се движи од 17 до 23 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотраен пороен дожд.

Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен Целзиусови.

Според најавите од УХМР, од утре следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.

Папата ќе учествува на Самитот на Г7 во Италија

Папата Франциск
Папата Франциск

Папата Франциск ќе учествува на овогодинешниот состанок на лидерите на Г7, на кој ќе се разговара за предизвиците на вештачката интелигенција, соопшти денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Средбата, на која ќе присуствуваат челниците на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и Јапонија, ќе се одржи во јужниот италијански регион Пуља од 13 до 15 јуни.

„Ова е првпат во историјата Светиот Отец да учествува во работата на Г-7“, истакна Мелони во видео пораката.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG