Достапни линкови

Вести

Најмалку 39 повредени во торнадо во Соединетите Држави

илустрација
илустрација

Најмалку 39 лица се повредени, од кои неколку потешко, а повеќе куќи се оштетени и уништени кога торнадо ги погоди американските сојузни држави Индијана, Охајо и Арканзас, соопштија официјални претставници.

Тие посочија дека полицијата помагала во напорите за пребарување и спасување во градот Винчестер во Индијана, објави Ен-Би-Си Њуз.

Началникот на полицијата на Индијана, Даг Картер на прес-конференција рече дека некои куќи во Винчестер се срамнети со земја.

види ги сите денешни вести

Европа го слави денот на европскиот мир и единство

илустрација
илустрација

На 9 мај Европа ја слави годишнината од „Шумановата декларација“, која го даде првиот поттик за создавање на денешната Европската Унија.

Тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година ја промовираше идејата за нова политичка соработка во Европа како средство за драстично намалување на можностите за нова војна меѓу европските народи, што подоцна стана позната како „Шуманова декларација“.

Идејата на Шуман за здружување на западногерманската, италијанската и француската индустрија за јаглен и челик се реализираше веќе на 18 април 1951 со потпишувањето на Парискиот договор за создавање на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ).

Договорот стапи во сила на 23 јули 1952 година кога официјално беше формирана ЕЗЈЧ која ја сочинуваа Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Холандија и Франција, како заедница претходник на ЕУ.

Во 1952 година во чест на Шуман и „Шумановата декларација“, 9 мај беше прогласен за Ден на Европа, кој се чествува секој година како ден кога се слават мирот и единството во Европа, а истовремено беше промовирано и денешното знаме на ЕУ како Знаме на Европа. Дополнително, во 1960 година Европскиот парламент го прогласи Шуман за „Татко на Европа“.

По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. Оваа година по повод Денот на Европа, ЕУ на 4 мај организираше „отворен ден“ на кој граѓаните можеа да ги посетат седиштата на институциите на Унијата и да се запознаат со начинот на нивно функционирање.

ДИК: ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, ДУИ 19, СДСМ 18, Вреди 13, Левица и ЗНАМ по 6

илустрација
илустрација

Според последните податоци на Државната изборна комисија(ДИК) од обработени 99,6 отсто од податоците на вчерашното гласање за парламентарните избори во Македонија, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Твоја Македонија освои 58 пратенички места, коалицијата на СДСМ 18, ДУИ 19, коалицијата Вреди 13, а Левица и ЗНАМ по 6 мандари.

Или според бројот на освоени гласови: коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ 431.251 гласови или 43,23%, СДСМ 153.250 или 15,36%, ДУИ 137.486 или 13,78%, Вреди 106.991 или 10,72%, Левица 67.338 или 6,75% и ЗНАМ – За Наша Македонија 55.539 или 5,57%.

Убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ и Гордана Сиљановска
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:03 0:00

Што се однесува до вториот круг на претседателските избори, од обработени 99, 82% од податоците на ДИК, убедлива победа издвојуваше кандидатката за претседател на државата предложена од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова со освоени 560.170 или 65,14% од гласовите, додека кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски освои 251.541 или 29,25 отсто.

Во Северна Македонија на 8 мај се одржуваа седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на плоштадот во Скопје

Северна Македонија - Прослава на плоштад „Македонија во Скопје по парламентарните и вториот круг претседателски избори, 8 мај 2024 година.
Северна Македонија - Прослава на плоштад „Македонија во Скопје по парламентарните и вториот круг претседателски избори, 8 мај 2024 година.

Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, на коалицијата „Твоја Македонија“ и други граѓани се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје каде со музика и со развеани знамиња се слави двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова на парламентарните и вториот круг претседателски избори што на 8 мај се одржаа во Северна Македонија.

Државната изборна комисија (ДИК) го објави распоредот на мандатите по партии и коалиции во идниот состав на македонското собрание, од обработени 94, 5 отсто гласови. Според распоредот, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори освоила вкупно 59 пратенички места и има убедливо водство пред останатите.

Следна е коалицијата на СДСМ со освоени 19 пратенички места.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај 2024 година.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај 2024 година.

„Европски фронт“ на ДУИ има освоено 18 мандати, коалицијата „Вреди“ добива 13 пратенички места, „Левица“ би имала 6 пратеници, а ЗНАМ има шест пратенички места.

На насобраните граѓани им се обрати Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, на прес-конференција во седиштето на партијата, Мицкоски прогласи историска победа на народот во Македонија, најави дека новата влада ќе се формира во најкраток можен рок и кажа дека е време СДСМ и ДУИ да одат во опозиција.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им ја честитаа победата на ВМРО-ДПМНЕ и на Сиљановска-Давкова.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Фатмир Битиќи си поднесе оставка од потпретседател на СДСМ

Фатмир Битиќи
Фатмир Битиќи

Потпретседателот на СДСМ и досегашен потпретседател на Владата за должен за европски прашања си поднесе оставка од партиската функција. Вечерва на социјалната мрежа Фејсбук со стаус објави дека причината е огромниот пораз кој го доживеа неговата партија, но дека очекува и неговите сопартијци да го сторат истото.

„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, напиша Битиќи.


Според него ова е апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

„Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.“, напиша Битиќи кој истовремено снимил и видео порака до граѓаните

Инаку Битиќи беше втор на листата во втората изборна единица и стана дел од новиот парламентарен состав.

Мицкоски: Ова е победа на Македонија, Владата ќе се формира во најкраток рок

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година.
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, 8 мај 2024 година.

Ова е историска победа на Македонија и на народот во Македонија, оцени Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето по денешните парламентарни и претседателски избори и најави декановата Влада ќе се формира во најкраток можен рок и во транспарентен процес.

„Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, на гордиот народ кој покажа решителност и смиреност. Падна Владата во Македонија. Има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека е поразен и бојкотот од ДУИ, со што „народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себе“.

„Време да одат задно со СДСМ во опозиција. Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата. Вечерва се покажа дека нема македонија на ДУИ, на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна Македонија. Има само една единствена и вечна, независна, слободна Македонија“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека резултатите од работата ќе се почувствуваат уште во првите сто дена од формирањето на владата и најави силен инвестициски пакет кој ќе ја поттикне економијата.

Мицкоски се обрати и до членството и идните функционери од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа затоа што од судот на народот никој не избегал, како ни од судот на Бога. Не ги заборавјте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и чесни. Паметните учат од туѓуте грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ на Македонија. Имаме причина да се радуваме, да сме задоволни и длабоко благодарни, но и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека на земјава ѝ е потребна силна опозиција и рамнотежа во политиката. Најави дека ќе разговара и со сите опозициски партии што учествуваа на изборите и да видат што може да биде заедничка точка на поврзување.

По обраќањето, Мицкоски ги повика граѓаните на заедничка прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на плоштадите во другите градови.

Претходно, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им ја честитаа победата на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската кандидатка на оваа партија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Познат идниот состав на Парламентот

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Од обработени 94.5 процент на гласовите Државната изборна комисија (ДИК) го објави распоредот на мандатите по партии и коалиции во идниот состав на македонското собрание. Така коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ освоила вкупно 59 пратенички места и има убедливо водство пред останатите.

Следна е коалицијата Европскиот фронт на ДУИ тоа со освоени 19 пратенички места, СДСМ и има освоено 18 мандати, коалицијата Вреди има освоено 13 пратенички места, Левица освоила 6 пратенички места и Знам е последна со 5.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски рече дека не очекува промени бидејќи се работи за мал процент необработени гласови.

Проекција: Распоред на „силите“ во Парламентот

По изборни единици распоредот на „силите во Парламентот“, според проекцијата заснована на првичните резултати од ДИК, е следниот:

  • Изборна единица 1: ВМРО ДПМНЕ - 10, СДСМ – 3, Европски фронт – 2, Левица 2, Влен – 2, Знам – 1
  • Изборна единица 2: ВМРО ДПМНЕ – 9, Европски фронт - 4, Влен – 3, СДСМ – 2, Левица – 1, Знам – 1
  • Изборна единица 3: ВМРО ДПМНЕ – 14, СДСМ – 4, Левица -1, Знам - 1
  • Изборна единица 4: ВМРО ДПМНЕ – 13, СДСМ – 5 , Левица – 1, Знам – 1
  • Изборна единица 5: ВМРО ДПМНЕ – 10, СДСМ – 4, Европски фронт – 3, Левица – 1, Влен – 1, Знам – 1
  • Изборна единица 6: Европски фронт – 10, Влен – 7, ВМРО ДПМНЕ – 3

Ковачевски: Резултатот е разочарувачки, повикувам на нови внатрешни избори во СДСМ

Северна Македонија - Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, Скопје, 8 мај 2024 година
Северна Македонија - Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, Скопје, 8 мај 2024 година

Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на парламентарните и втор круг претседателски избори во Северна Македонија.

Тој ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната претседателска кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, кои според првичните резултати се во водство пред СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

„Ја честитам победата на нашиот политички конкурент ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Го честитам изборот на Гордана Сиљановска-Давкова за претседател на Републиката и се надевам и посакувам дека функцијата ќе ја извршува во согласност со дадените уставни овластувања и евроатланската посветеност на државата“, рече Ковачевски.

Тој кажа дека поддржувачите на СДСМ излегоа на изборите и придонесоа да се постигне цензусот, иако најлесно било да не го мобилизираат членството за гласање на претседателските избори.

Ковачевски повика на внатрешни избори сите органи и тела на СДСМ, на централно и локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата. Ќе биде свикан отчетен Конгрес на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и работењето на партијата во последните четири години.

Тој зборуваше и за „дефектите на системот што ја јаде и разорува државата и мора конечно да се промени“.

„Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв - страв од прекумерната моќ што ја има партија која е позната по злоупотребата на моќта. СДСМ мора да биде одговорна и државничка опозиција. Вистината со која живеам веќе две години е дека актуелниот систем во кој живееме види повеќе сметка за ПР отколку за суштината. И граѓаните со право не веруваат веќе во ништо. Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијата од само 1,9 отсто во минатите 30 години, непотизмот, клиентелизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам.. “, рече Ковачевски.

Тој рече дека местото на Македонија е во НАТО и во Европската унија.

„Ги предупредувам сите кои мислат дека денешното гласање било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до ЕУ, блокирањето на тој пат, не само што ќе донесе голем пад на животниот стандард туку ќе ги зголеми етничките тензии и ќе не изложи на безбедносен ризик кој никој од нас не може да разбере колку може да биде голем. За земја како Македонија нема средина, нема играње на две столчиња, тоа е или напред или назад“, рече Ковачевски.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Сиљановска-Давкова: Ќе бидам претседател на сите граѓани

Гордана Сиљановска Давкова, Избори 2024 год
Гордана Сиљановска Давкова, Избори 2024 год

Кандидатката за претседател на државата предложена од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на првата прес конференција после првичните резултати кои се во нејзина полза рече дека македонските граѓани се одважија да излезат стамено, достоинствено и гордо да го дадат гласот на оној кој што го сакаат. Според неа да повикувате на бојкот с е партиски притисок. Таа според првичните резултати има двојно поголема предност пред нејзиниот противкандидат на претседателските избори Стево Пендаровски кој веќе призна пораз.

Посочи дека ќе биде претседател на сите граѓани и дека почнува промена која ќе ја донесе жена претседател.

„Јас тврдам дека од овој момент овде јас ке се однесувам како претседателка на сите грагани, на сите етнички групи, на членови на партии, на оние кои не се во партии бидејќи не може еден претседател особено не ако е жена да обединува, да трага по единство ако држи партиски линии“, рече Сиљановска Давкова.

Се согласи со Пендаровски во критиката на бојкотот и на обидот да се киднапира гласачкото право на граѓаните за што рече дека е добра констатација. Не се согласувам со тезата дека гласовите сум ги добила со набој на национализам. Упати порака дека ќе соработува со соседите и дека не е време за ставање вето.

„Да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да се обидеме да си помагаме едни на други и да бидеме политичари. Ние мораме да почнеме меѓу себе да се разбираме, да се помагаме, да не посегаме по вето туку да посегаме по поддршка. Моите патишта прво водат на Балканот, а се разбира Брисел тука е неизоставен“, рече Сиљановска Давкова

И честиташе на Државната изборна комисија и администрацијата за добро спроведените фер и демократски избори.

Пендаровски им честита на победниците на изборите

Северна Македонија - Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат на претседателските избори, Скопје, 8 мај 2024 година
Северна Македонија - Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат на претседателските избори, Скопје, 8 мај 2024 година

Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат во вториот круг на претседателските избори, го призна поразот на двојните, претседателски и парламентарни избори на 8 мај.

„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам. Согласно резултатите што ги водовме досега, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири години, односно пет години“, рече Пендаровски во првото отворање по затворањето на гласачкото место.

Тој рече дека неговиот концепт „за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатланските структури, денес за жал не доби мнозинска поддршка.

„Јас сум длабоко убеден дека само така Македонија може да биде демократска и просперитетна држава. Затоа мојата совест е мирна. Не сум сигурен дека совеста е мирна на оние кои не дозволија на граѓаните да го земат второто ливче и да гласаат на претседателските избори денеска“, рече Пендаровски.

На прашање дали смета дека неговиот пораз на изборите е поради политиките на СДСМ, Пендаровски одговори:

„Долги месеци пред да ја најавам втората кандидатура реков дека е важно да имате партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана. Ми беше важно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата. Уште пред Нова година знаев дека не се во онаа кондиција којашто биле пред пет години. Меѓутоа анкетите покажуваа дека мојот личен рејтинг е над партијата и над таа коалиција, а тоа ми даде надеж да се надевам повторно да бидам реизбран“, рече Пендаровски.

Пендаровски кажа дека ќе се врати да предава како професор на факултет каде што беше и претходно, пред да биде избран за претседател во 2019 година.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.

Затвореници во Украина ќе служат војска

Архивска фотографија - затвореници во украински затвор
Архивска фотографија - затвореници во украински затвор

Украинскиот парламент одобри нацрт-закон со кој ќе се овозможи одредени категории затвореници да служат во вооружените сили на Украина во одбрана од руската инвазија.

Законот беше усвоен по второто читање на 8 мај и беше поддржан од 279 од вкупно 450 пратеници.

Предлог-законот треба да биде потпишан од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој ја поддржа идејата.

Руската војска, исто така, регрутирала потенцијални војници од своите затвори да служат во Украина во замена за имунитет.

Олена Шулјак, шефот на партијата на украинскиот претседател, во објава на Фејсбук напиша дека нацрт-законот отвора можност одредени категории затвореници кои изразиле желба да ја бранат својата земја да се приклучат на одбранбените сили.

Таа рече дека воената служба ќе биде доброволна, а некои затвореници ќе бидат исклучени, вклучително и оние кои се осудени за одредени кривични дела како што се убиство на две или повеќе лица, сексуално насилство и сериозна корупција.

Украинци во странство во неизвесност поради новите правила за мобилизација
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Во април Украина усвои закон за воена мобилизација со цел да го зголеми бројот на војници во војската.

Тој закон ги обврзува Украинците, на возраст меѓу 18 и 60 години, да ги информираат воените власти за нивните лични податоци за да можат полесно канцелариите за регрутирање да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Украина, исто така, ги ограничи конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи на старосна граница кои можат да служат војска, но се наоѓаат во странство.

Русија, исто така, воведе строги мерки со цел да спречи да се избегнува служењето војска, откако илјадници млади мажи ја напуштија Русија во првите денови по инвазијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG