Достапни линкови

Гасификација или обновливи извори на енергија?


Илустрација - панели за соларна енергија и турбини на ветер.
Илустрација - панели за соларна енергија и турбини на ветер.

Властите треба да размислат дали Македонија како земја со 280 сончеви денови годишно треба да се потпре на употреба на гас или на обновливи извори, велат од невладината „Еко-свест“. Земјата допрва ќе се гасифицира, но глобалните емисии на CO2 растат токму од зголемената употреба на гас.

Македонија e земја во развој и како таква има право да се доразвие употребувајќи го природниот гас како транзиционо гориво, но од друга страна во 2020 година претстои национална ревизија на националните придонеси кон климатските промени за сите земји потписнички на Рамковната конвенција за климатски проемени, вели еко-активистката Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

„Пораката од 25-тата Конференција за клима беше дека мора националните придонеси да бидат поамбициозни, односно земјите да ветат многу повисоко намалување на емисиите на стакленички гасови, односно на CO2 (јаглероден диоксид), за да се постигне успорување на последиците од климатските промени и да се задржи порастот на глобалните температури под 1,5 степени“, вели Николовска.

На последната 25-та Конференција за климатски промени во Мадрид беше истакнато дека емииите на CO2 кои доаѓаат од употреба на јаглен се во опаѓање, но дека податоците покажуваат оти околу половина од порастот на глобалните емисии на CO2 во последните 3 години доаѓаат од согорување на природниот гас и нафта.

Македонските енергетски политики во моментов во голема мера се насочени кон гасификација на земјата со неколку проекти за гасоводи кои допрва е планирано да се реализираат, со тоа делумно да се придонесе и за почиста животна средина.

Во таа насока за 2020 година е предвидено зголемување на средствата за гасификација во Буџетот за скоро два милиони евра, како што неодамна соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.

Николовска вели дека многу членки на Конвенцијата кои се земји во развој и имаат право да се доразвијат, плнираат да го искористат гасот како транзиционо гориво.

„Токму тоа го покажува глобалниот „Carbon budget“, дека поради тоа што земјите во развој се потпираат на природниот гас како транзиционен енергенс, забележуваме пораст на емисиите на CO2 од гасот. Значи навистина треба да се размисли дали ние како земја која има 280 сончеви денови во годината, треба да се потпреме на гасот кога ги имаме предвид овие бројќи или треба да отидеме можеби кон искористување на сонцето“, вели Николовска.

Премиерот Зоран Заев во декември 2019 година изјави дека во моментов преку акционерското друштво за вршење енергетски дејности Национални енергетски ресурси (НЕР) кое е во државна сопственост, се развива целокупно националната гасоводна мрежа.

„Во моментов гасоводната мрежа од Скопје е пуштена до Штип и до Клечовце и истовремено продолжува до Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола, додека вториот дел е поврзувањето од Скопје до Тетово, Гостивар и од следната година ќе продолжува кон Кичево“, изјави Заев на тркалезна маса за формирање на регионален енергетски пазар преку подобрување на енергетската поврзаност меѓу Северна Македонија и Бугарија. Исто така планитаран е и проект за изградба на гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција.

Иако Заев потенцираше дека гасификацијата е „од стратешко национално значење“, земјата е потписничка и на меѓународни договори како што е Парискиот договор за клима и според нив има и обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Николовска вели дека во Европската унија се прават напрои до 2030 година да се имплементираат целите поставени во EU ETS системот кои предвидуваат воведување данок на емитувачите на каробон диоксид CO2 и според тоа употребата на фосилните горива како енергенс може да биде финансиски неисплатлива и поскапа во однос на обновливите извори на енергија, особено во однос на сонцето и ветерната енергија кои ќе бидат поевтини.

„После 2030 година ние нема да можеме да користиме фосилни горива. Ако сега одиме накај гасификација, тогаш тоа ќе значи дека за десет години ние ќе треба да планираме повторно да се инвестира во „fade out“ на гасот како фосилно гориво и во замена на гасот со фотоволтаици. Тоа е нешто што можеме сега да го направиме“, вели Николовска.

EU ETS - (Систем за тргување со емисии во ЕУ), е еден од главните алатки на Унијата за намалување на емисиите на стакленички гасови на ефикасен начин, а клучните цели за 2030 година според него се најмалку 40 проценти да бидат намалени емисиите на стакленички во споредба со нивото од 1990 година, земјите најмалку 32 отсто да имаат удел во обновлива енергија и најмалку 32,5 отсто да има подобрување на енергетската ефикасност.

Во Македонија, во изминативе две години, помалку од два проценти од вкупно потрошената електрична доаѓа од фотоволтаици, покажуваат податоците од МЕПСО.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG